Син ми почина четири дена откако се роди, ќерка ми Ангела е воздухот што го дишам: Искрено со Искра Трпева- Арсовска

Добивај вести на Viber

„Допри ме“, „Штом падне мрак“, „Странец“, се дел од песните кои ги одблежаа музичките почетоци на Искра Трпева, а се паметат и денес. Впечатлива како појава, со специфилен и моќен вокал, Искра иако денес не е активна на естрадата, не е заборавена од публиката. Денес, таа има сосема друг репертоар, покласичен од оној во поп музиката, а своето знаење го пренесува на учениците во средното музичко училиште каде што е професор. И покрај големата тага која им се случи на неа и на сопругот Благоја, загубата на синот само четири дена откако се роди, Искра наоѓа сила секогаш да се насмее, а најголемата причина е ќерката Ангела. Со гордост, таа го спомнува и својот татко, фудбалската легенда Ванчо Трпевски кој почина на крајот од минатата година.  

* Професор си во средното музичко училиште, што точно предаваш и за каков професор важиш, каков однос имаш со учениците?

- Професор сум во средното музичко ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“  во Скопје.Предавам три предмета : Соло пеење , Камерна музика и Прима виста (оние предмети коишто се поврзани со вокал). Се трудам да сум транспарентна и многу комуникативна. Музиката, односно оперското пеење сака максимална посветеност, за истото да вроди со плод. Близината постои за време на мојот час (индивидуална настава) и тој е позитивев,темпераментен и емотивен (сите оние работи коишто ги бара пеењето) . Уживам во сето тоа.  Имам прекрасни „деца“, со прекрасни вокали.

* Кога се појави на музичката сцена, важеше за уникатна пејачка, со специфичен стил и моќен вокал, печат по кои и денес те паметат. Зошто се повлече од естрадата?

- Благодарам на убавите зборови. Јас некако не чувствувам дека сум повлечена. Но, штом Вие и мојата публика тоа го кажувате, тогаш ќе треба нешто под итно да сменам, нели? Периоди во животот. Можам само да истакнам дека ми требаше малку простор, малку време за мене, моето семејство и за мојата работа.

 * Кога се првпат се појави на сцената, го паметиш ли твојот прв јавен настап?

- Се разбира. Тоа беше летна емисија на МТВ "Розови очила", каде што ја испеав мојата прва песна "Ти од такт ме вадиш" на Александар Митевски. Возбуда до максимум.

* Кои ти се најдрагите спомени врзани за почетоците, за настапите на фестивалите, за дружењето помеѓу пејачите во тоа време?

- Спомени има многу и сите во позитивна смисла.Тоа беа некои други времиња , убави дружби и прекрасни песни. Ги паметам сите мои фестивалски настапи, турнеи по Македонија, каде во секој град бев убаво пречекувана. Концертите траеле до раните утрински часови, со заедничко пеење. Ах, ВИ БЛАГОДАРАМ МНОГУ ЗА СЕТО ТОА. Тоа останува до крајот на животот !

* Сега си мајка на Ангела, која тргна по твоите стапки, таа свири пијано. Какво дете е таа, и кои се нејзините интереси?

- Ангела е прилично темпераментно девојче. Запишана е во нижото музичко училиште на пијано. Како и да е, таа успева да ги подели работите и да микса, пијано- кошарка. Ете, тоа е Ангела -МОЈОТ ВОЗДУХ што го дишам.

* Како се запозна со твојот сопруг, што е она што најмногу го сакаш кај него?

- Мојот сопруг, Благоја. Човек со големо спортско срце и огромна душа. Се запознавме на работно место. Тој како професор  по физичко, јас како професор по соло пеење. LOVE YOU BABY.

* Пред да се роди Ангела, за жал имавте тажна случка во семејетвото, го загубивте вашиот син Петар додека беше бебе. Можеш ли сега, после толку години да ни раскажеш како се случи тоа?

- Почина четири дена откако се роди. Тој е дел од мојот живот и ќе биде сè додека постојам. Нема да говорам на оваа тема.

* За жал, пред неколку месеци, почина и твојот татко, фудбалската легенда Ванчо Трпевски. Кои најважни животни лекции ги научи од него? -

- Мојот ТАТКО. Големина во секоја смисла на зборот. Човек којшто цел живот го помина во „Вардар“ (го сакаше со цело срце и полни гради). Докажан и почитуван фудбалски тренер во поранешна СФРЈ. Неговите дела говорат за тоа!  А мене, мене ме учеше на чесност , вредност и искреност! Вредности коишто се во изумирање. Татко мој, ми фалиш секој момент. ТЕ САКАМ.

* Пандемијата за жал ги погоди угостителите, но вашиот кафе-бар  сè уште работи и тоа долги години. Се снаоѓаш ли во угостителскиот бизнис?

- BY THE WAY кафе е семеен бизнис и да, опстојува од 2005 година. Секоја работа што се работи со љубов опстојува.

* Позната си како секогаш насмеана и позитивна личност. Што правиш кога не работиш,  од каде најмногу ја црпиш убавата енергија и што те релаксира и те прави среќна?

- Секоја жена треба да има моменти за себе, така и јас. Енергијата ја црпам од позитивни луѓе. Ме релаксира природа и вода (и масажа, хахаха). А среќата е моја Ангела. Благодарам за прекрасното интервју и посакувам грст здравје на сите нас. Останете во позитива и добро здравје.

Милиџа Џаровска

Фото: Приватна архива