Сите очи вперени во Кејт Мидлтон: Модата на БАФТА наградите

Добивај вести на Viber

Црни, бели, повремено црно - бели тоалети, волуменозни панделки и тантела доминираа на црвениот килим на вчерашното доделување на британските награди БАФТА.

Најголемо внимание привлече Кејт Мидлтон со долгиот лелеав бел фустан од Александар Меквин со асиметрична кројка на едното рамо, искомбиниран со дијамантски обетки од Принцезата Дијана. Војвотката од Кембриџ уште еднаш потврди дека е олицетворение на кралскиот стил, со силуета која можеби е конзервтивна, но сепак многу модерна, зачувувајќи ја совршената рамнотежа во почитувањето на строгите кралски кодови.

Актерката во подем, Летиција Рајт исто така се одлучи за бело. Таа носеше бел смокинг од Стела Мекартни, а нејзината колешка, пејачката и актерка Мери Џеј Блајџ се појави во бели панталони од дуото Ралф и Русо.   

Црната исто така беше боја на вечерта. Глен Клоз и Мелиса Мекарти, две од петте номинирани актерки во водечката категорија за најдобра актерка, се одлучија за црно од глава до пети. Кејт Бланшет ја прошета новата темна боја на коса во црн долг фустан од Кристофер Кејн со колоритни скапоцени камења во горниот дел. Во црни забележливи тоалети вечерта се појавија и Стејси Мартин и Салма Хаек.

На црвениот килим прошетаа и монохроматски комбинации во црна и бела боја. Ваквите тоалети ги предводеа Виола Дејвис и Оливија Колман.

Сепак највпечатливи беа Маргот Роби во Шанел котур тоалета со тантела и скапоцени камења и Тенди Њутон со долгиот Валентино фустан со црно бела тантела.

Неколку актерки играа во својата сопствена модна лига. Заве Ештон во долгиот фустан со опуштена силуета во јака розева боја и тенки црни прерамки, Клер Фој во зелен долг фустан во драпер стил со реси, Ејми Адамс со бордо тоалета со големи панделки на рамената и Лили Колинс во електрично сина комбинација.  

Оваа церемонија е една од најпознатите по експерименталните комбинации во сезоната на наградите, еден вид на загревање на холивудските ѕвезди за доделувањето на Оскарите, каде можат да пробаат нешто ново и несекојдневно. Но сепак, годинешниот црвен килим на БАФТА според светската модна критика ќе остане запаметен по тоа што беше спекталуларно неспектакуларен.