Скопје ми е сѐ уште дома, секогаш се радувам да се вратам на кратко: Интервју со Ѓорѓи Шарески

Добивај вести на Viber

Докажаниот македонски џез-гитарист, композитор и аранжер Ѓорѓи Шарески со својот нов интернационален состав The Instincts на 27 октомври ќе настапи на мултимедијалната роденденска забава по повод три години постоење на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“. Во бендот заедно со Ѓорѓи членуваат германскиот тапанар Борис Бел и финскиот басист Антти Виртаранта. Влезот за концертот е слободен.

* Од кога постојат The Instincts? Како дојде до оформувањето на триото?

- Првиот настап го имавме во февруари, а во мај го снимивме нашиот прв концептуален материјал под наслов Music Unseen. Со Борис Бел соработувам од моите први денови во Берлин, а со Антти Виртаранта остварив контакт кон крајот на минатата година. Кога дискутиравме околу нашиот следен проект со Борис се одлучивме за трио формација, а Антти беше мојот прв избор за басист. Потребен ни беше интуитивен музичар, кој знае добро да чита ноти, да свири неправилни ритмови, но и да создава музика преку колективна импровизација, а Антти е токму тоа и многу повеќе. Покрај тоа што сме соработници, ние тројца сме и многу добри пријатели. Нашата меѓусебна поддршка и почит може да се почувствува и во нашата музика.

* Како би ја опишале музиката што ја создаваат The Instincts?

- Во ова трио нема лидер или солист. Функционираме како единица, музиката се движи неприметно помеѓу автентични авторски композиции и апсолутни импровизации. Кога не свириме сите истовремено, тоа е секогаш во корист на мелодијата и грувот, а не на технички предизвици и индивидуални докажувања. 

Првиот настап го имаа во февруари, а во мај го снимија нивниот прв концептуален материјал под наслов Music Unseen

* Што е она што би сакале да го истакнете за своите двајца колеги, како би ги претставиле на македонските љубители на џезот?

- Покрај тоа што се врвни инструменталисти и импровизатори, Борис и Антти се и исклучителни композитори. Борис е еден од најреномираните берлински музичари со повеќе од 30 годишно професионално искуство. Лидер е на неколку многу успешни интернационални проекти, а соработува со светски познати музичари како Phil Minton, Elliot Sharp, Willem Breuker и многу други. Тој е исто така и добро познат педагог по тапани во Берлин, како и етаблиран композитор на современа музика. Антти Виртаранта е фински контрабасист кој живее и работи во Берлин изминативе 5 години. Има завршено џез контрабас и композиција во Филаделфија, и е еден од најактивните контрабасисти на новата фри џез и авангардна сцена во Берлин и Европа. Двајцата се прекрасни и питоми луѓе, посебни музичари, со кои ми е огромно задоволство да работам.

Германскиот тапанар Борис Бел 

* По нешто помалку од една година, повторно настапувате во Јавна Соба. Што е она што Ве води назад кон Скопје?

- Се радувам кога ја претставувам мојата нова музика на македонската публика, а поткровјето на Јавна Соба е идеален простор за клубски концерти. Доаѓааат одлични гости, а Александар Велиновски и тимот работат високо професионално и секогаш ме пречекуваат со раширени раце. Скопје ми е сеуште дома, тука се моите родители, брат ми, внук ми, а имам и доста пријатели, така што секогаш се радувам да се вратам на кратко.

Во бендот членува и финскиот басист Антти Виртаранта

* Што можат да очекуваат оние кои ќе присуствуваат на вашиот концерт на поткровјето на Јавна соба?

- Од аспект на автентичност на музиката и звукот, но и од аспект на мојот прогрес како гитарист можам да кажам дека ова трио е кулминација на сите мои досегашни проекти. Публиката ќе слушне нешто навистина ново, а ако се запознаени со моите предходни албуми и им се допаѓа мојата музика- сигурен сум дека нема да ги разочараме.На 27 октомври уверете се зошто The Instincts е трио кое не може да се спореди со ниедно друго и слушнете ја нивната музика која е една од најоригиналните на денешницата!