Скопскиот бенд „Lincoln Letter“ со концертна промоција во МКЦ
Во денсинг салата на Младинскиот културен центар на 29 декември рок-бендот „Lincoln Letter“ ќе одржи концертна промоција на својот деби албум „Bedtime Stories“. Шоуто ќе почне во 20 часот и е бесплатно за сите посетители.
Рок музиката на младиот скопски бенд е инспирирана од музиката на вестерн филмовите. Во составот се Јаков Наумоски, Јулијан Мицевски, Борјан Гаговски и Стефан Сајковски, а албумот содржи 12 песни кои функционираат како засебни вестерн приказни. На објавата работеа музичките продуценти Ади Имери и Милош Краљевски, како и самиот бенд.
- Ќе излажеме ако кажеме дека не сме возбудени пред нашиот прв самостоен концерт. Промоцијата на албумот е настан кој уште од почетокот на бендот ни бил една од главните цели и радости. „Bedtime Stories“ е нашиот прв албум и со нетрпение чекаме конечно да го споделиме со публиката и да ги чуеме нивните реакции, бидејќи до последен момент го работевме со сите наши креативни потенцијали. Ветуваме дека ќе е многу гласно - вели фронтменот Јаков Наумоски.
По концертот за слушателите ќе бидат достапни и бесплатни „download“ кодови за албумот.