Слободно плачете ако ви дојде: Жељко Самарџиќ пееше за загинатите кај Ласкарци
Жељко Самарџиќ е мајстор за добра забава. Тоа повторно го докажа на скопскиот концерт, сношти во ВИП Арената.
Цели три часа, мостарскиот пејач со белградска адреса ја шармираше публиката со баладите како „Покажи ми шта знаш“ кои ги обожаваат жените, со веселите песни како „Дате неку лошу“ и „Права љубав године не броји“, но и неколку македонски народни. Самарџиќ бескпекорно ја изведе „Параходот ми пристигна“, а веднаш по неа „Море сокол пие“.
Тука беа и некои нови песни од актуелниот ,13 по ред албум на Жељко, „Мила“. Специјални гости му беа „Амадеус бенд“ кои ја развеселија публиката во паузата.
„Не срамете се да плачете. Слободно плачете ако ви дојде“, рече тој уште на почетокот од концертот. Редејќи хит по хит, поздрави многу свои скопски пријатели, и со тоа покажа зошто луѓето го сакаат, поради топлината и непосредноста кои ги носи во себе. Песната „Анѓеле“, му ја посвети на Тоше Проески, и на сите оние музичари кои веќе не се меѓу нас: Шабан Шаулиќ, Кемал Монтено, Оливер Драгојевиќ.
За крај, откако го доби бисот кој го залужи, се запалија светлата на мобилните телефони, како некогаш запалките, а Жељко романтично ја заврши оваа убава вечер со „Ако одеш“ и „Љубавник“. „Ова е за сите оние кои страдаа во автобуската несреќа“, рече тој посветувајќи им ја првата балада на загинатите од трагичната сообраќајка која се случи кај селото Ласкарци.
Самарџиќ, и со стариот и со својот нов имиџ за кој на шега рече: „Стаса Дедо мраз“, е секогаш добар гостин во Скопје. Пред концертот кој го организираше „Балкан Медиа“, тој уживаше во домашните специјалитети и вино, во друштво на пријатели.
Милица Џаровска
Фото: Горан Десковски