Смиља Митревска: Само поради една причина после 23 години се вратив во Македонија

Добивај вести на Viber

Во 2001 година се пресели во Барселона, Шпанија, но нејзиното срце остана во Македонија. Смиља Митревска (64), една од најдобрите пејачки на сцената, се појави на „Роса фест“ каде што ја доби наградата за животно дело и откри дека не се откажува од музиката.

- Пред неколку месеци конечно се вратив назад во Македонија. 23 години живеев во Шпанија, поточно во Барселона. Се занимавав со музика, но работев и дополнителни работи. Брат ми со години живее таму и држеше дискотека. Бев со него. Сепак, дома си е дома. 

Се вративме сите тројца во Македонија. Заедно со мене дојдоа и сопругот и синот кој има 41 година и е дипломиран музичар. Заврши факултет во Шпанија и свири на виолончело. Се вративме затоа што татковината нѐ влечеше назад. Секогаш сме биле патриоти во душа. 

Првите години во Шпанија имав еден вид на депресија, затоа што сфатив дека таму ќе треба да останам подолг период. Меѓутоа, на крајот сѐ добро се заврши и се вративме назад.вели пејачката која и во туѓина ја промовираше македонската песна.

- Сакав да си ја промовирам македонската музика. Имавме една музичка група со која што работевме. Во неа членуваа музичари од Босна и од Србија, правевме многу концерти. Претежно си ја застапував и ширев мојата македонска песна. Настапувавме во шпански локали. 

Но, не завршувам со пеењето. Имам некакви планови. Би требало да снимиме нешто ново. Може да се каже дека Смиља Митровска се враќа на сцената. Но, сигурно не како што беше порано – дополнува пејачката која остави голема трага како дел од некогашниот бенд „Тавче гравче“, а потоа и како солоизведувач која ги отпеа хитовите „Дај ми надеж“, „Моминска клетва“, „Заплачи небо“ и други.

С.А.Н
Фото: Вангел Тануровски