Со Бојан функционираме одлично: Новогодишно со Елена Стефановска

Добивај вести на Viber

2021 година за познатата водителка и авторка на шоуто „Живот со стил“, Елена Стефановска дефинтивно е посебна. Токму овој декември таа е избрана за „Инфлуенсер на годината“. Ова призание за неа како што вели е успех на сите оние кои низ сите овие години го препознале нејзиниот искрен пристап и никогаш не ја изневериле.

Стефановска за Женски магазин преку специјална новогодишна фотосесија, ги отвори портите од нејзиниот дом и сподели со читателите како украсила за празниците, но и кои се нејзините омилени парчиња облека. 

На само два дена пред најлудата ноќ во годината, водителката за Новата година си посака: „Многу од она што не се купува со пари и многу пари за сѐ останато (се смее)“, а сподели и по што ќе ја памети годината што изминува:

„Пандемијата си го направи своето, па и годинава некако најголем предизвик на сите ни беше да го сочуваме физичкото, но и менталното здравје. 

На работен план ми се случија повеќе убави проекти, настрана од моето ТВ-шоу на кое максимално сум му посветена и кое ужива голем рејтинг кај гледачите. Дефинитивно оваа 2021 година ќе ја паметам по неодамнешниот македонски избор „Жена на годината“ во рамките на конференцијата „Жени претприемачи“, каде што бев прогласена за „Инфлуенсерка на годината“. Како што кажав и во мојот говор, ова признание е успех на сите оние кои низ годините го препознаа мојот искрен пристап и никогаш не ме изневерија“.

* Како го украсивте домот за празниците?

„Морам да признаам дека сакам еуфорија и секогаш им се радувам на овие празнични денови. Навистина посветувам големо внимание на уредувањето на домот, но тоа го правам со задоволство. Не барам помош од стручни лица, не затоа што не им верувам, туку затоа што особено ми е важен личниот печат, па едноставно ѝ се препуштам на имагинацијата.

Внимавам во секое катче од домот да ме држи празнично и весело расположение. Се обидувам да го следам она непишано правило дека треба да се украсува во максимум две бои за тоа да не премине во шаренило и кич. Овојпат се одлучив за стаклени украси во бела и златна боја надополнети со многу светилки“

Стефановска е дама која е позната по својот стил. Жена која е секогаш стокмена, разнолика и уникатна. Таков е и нејзиниот Инстаграм профил, секоја фотка е внимателно одбрана, со љубов направена. И нејзиното шоу е токму за модата, но и кога не е на работа, кога е на патување, или на вечерни излегувања водителката секогаш изгледа префинето и модерно. За својот стил на облекување таа вели:

„Спонтана сум кога е шопингот во прашање. Го купувам она што на прв поглед ќе ми се допадне. Сите парчиња во плакарот ми се омилени и не сум од оние жени кои купуваат гардероба која никогаш нема да ја облечат. Како и кај повеќето жени, аутфитот го одбирам во зависност од расположението“. 

* На какви парчиња облека трошите најмногу пари?

„Секогаш сум подготвена да инвестирам во некоја добра јакна или во некој шик-капут. Во поглед на боите, и овде голем удел има тековното расположение, но генерално одбирам посветли тонови. Сакам парчиња кои зрачат со оптимизам. Во овој период од годината често ќе ме видите и во бело“. 

Елена повеќе од две години е во врска со Бојан Најдоски. По фотографиите на Инстаграм може да се заклучи дека парот ужива да патува, дека и двајцата се големи гурмани и луѓе кои уживаат да се забавуваат. Зависно од поводот како пар со стилот и разноликоста се дополнуваат и истакнуваат во јавноста. А на прашањето дали во сегашниот нејзин партнер таа го пронашла она што отсекогаш го барала кај еден маж, Стефановска вели: 

Со Бојан функционираме одлично. Си ги прифаќаме навиките, а тоа според мене е најголем показател за љубовта“. 

Водителката за најлудата ноќ во годината сподели дека најверојатно ќе патува некаде, но каде не ни откри, додека за Бадник и Божиќ потврди дека ќе ги прослави во кругот на семејството. За Бадниковата трпеза Стефановска истакна дека секогаш сама ја подготвувала празничната погача со паричка, и бидејќи Бадник е празник на семејството тој празник го поминува традиционално во кругот на најблиските, со богата посна трпеза. 

* Што ќе им посакате на граѓаните за Нова година, која е вашата Новогодишна честитка до нив?

- Во моето шоу „Живот со стил“ секоја недела сме во потрага по совршен стајлинг, па на вашите читатели ќе им посакам новата 2022 година да ги облече во магичен аутфит од здравје, среќа и успех на сите полиња! Среќна Нова година!

Наталија Миланова

Фото: Антонио Станков