Со три деца дома стануваш лавица: Познати домашни личности со побројни семејства
Со три деца е тешко, а со четири е многу полесно, вели едно најново истражување за кое пишувавме неодамна. Дел од македонските јавни личности, покрај тоа што се успешни во својата професија се мајки на три деца. Нашата денешна приказна е за дел од нив.
Водителката на емисијата „Тунел“, Живкица Каленикова е горда мајка на Даријан, Марко и на Ана. „Да, навистина имаме убава бројка од деца дома. Во улогата на мајка, верувам се снаоѓам, како и секоја друга, станувате лавица, правите се што сте мислеле дека нема да можете, наоѓате сила да бидете и лекарка и учителка и тешителка и другарка“, изјави Жиле во интервју за Женски магазин.
Пејачката Наде Талевска, која е сопран во Македонската опера и балет, неодамна во искрено интервју зборуваше за предизвикот како мајка на три сина: Максим, Михаил и Матео.
„ Тешко е да се опише еден ден, бидејќи со три мали мили ѕверчиња секој ден е толку различен. Понекогаш и во екстреми. Околу чувањето на децата ни помагаат нашите родители, кога има потреба. Во принцип, кога е сопругот на работа ги чувам јас, кога јас сум на работа, татица одлично се грижи и се справува сам со нив. А кога сме во исто време зафатени, или имам некој настап на кој и Ненад сака да присуствува, тогаш влетуваат бабите и дедовците, а понекогаш и некоја од тетките“, изјави Наде за своето семејство.
Пејачката и претседател на Здружението „Дајте ни крилја“ Ребека Јанковска- Ристески е исто така мајка на три сина: Маркијан и близнаците Доротеј и Макариј. „ Макариј и Доротеј ги сака многу и често доаѓа заедно со мене да ги земеме од градинка. Со нив си игра брканица и криенка, ги гушка и ги бакнува“, раскажа Ребека.
Лани, во неомври, министетрот за финансии Драган Тевдовски и неговата сопруга Анита добија трета ќерка по двете постари,Ема и Каја. Тевдовски, пред да стане министер предаваше на Економскиот факултет во Скопје, а имал амбиции и стане фудбалер. Неговата сопруга Анита, беше дел од музичката група „Ин“.
Кошаркарот Перо Антиќ и неговата сопруга Ружица се горди родители на три сина: Лука, Павел и Петар. За убавата вест по раѓањето на третиот син, во 2016 година, своите пријатели и навивачи, Перо ги извести преку неговиот фејсбук профил.
Милица Џаровска