СРЕЌЕН 8-МИ МАРТ НА СИТЕ СИНГЛ ЖЕНИ!

Добивај вести на Viber

„Ние вриевме тенџериња додека вие имате стерилизатори за шишенцата. Ние го нишкавме бебето со часови в раце, вие сега имате релаксатори. Ние вриевме платнени пелени, вие сега имате пелени за една употреба...“ И сè така додека се ниже приказната Ние и Вие... немаш простор да кажеш дека на моменти се прашуваш –ќе има ли ден кога конечно ќе отспијам ко човек? Ќе почнам од банката, за да стигнам до бебињата. Од матката до „сингл“ девојките! Меѓу редови ќе го пронајдете она што е всушност круцијална тема на оваа колумна – среќата и слободата на секоја една жена!

Има ли поздодевна работа од чекање ред пред банка? Сигурно има, ама кога си на средина во редот тоа ти си чини дека е врвот на изгубеното време. Куртоазно се смешкаш со „колегите“ и гледаш на часовник на секои триесет секунди. Во толпата намќори понекогаш се наоѓа некој комуникативен („народски“) човек, па ќе ти почне муабет за побрзо да ви врви времето.

 „Одамна не сум те видел на телевизија“, ми вели.

 „Да, веќе неколку години како не сум на екраните.“

– „Па, добро, новинарството е стресна работа за жени“, ми вели.

 – „Аха“, му велам за да не влезам во непотребни дискусии пред шалтер во банка. А човекот, низ една насмевка натапкана од медиокритетскиот живот без поголеми предизвици и авантури, продолжува: 

„Полесно им беше на жените порано кога си седеа дома со децата. Сега, што попрво, дали работа, дали куќа, кујна, деца...“

 –„Аха“, лицемерно и лажно кимнувам со главата, оти, ако влезам во полемика, знам дека ќе нема крај.  Нема да се разбереме, само ќе им го нарушиме „мирот“ на другите намуртени лица зазјапани во своите мобилни телефони пред стаклото на банката. 

Ама човекот упорен... 

„Да носеа мажите доволно пари ич немаше да има потреба да се мачите да работите, и, башка, мажите денес не се тоа што беа.“ 

– Е, тука веќе стрелката на индиферентност со неверојатна брзина ми скокнува нагоре на внатрешниот термометар. Шалтер, банка, ред, турканица... сепак, со културен тон влегувам во дискусија со непознатиот чичко, пробувајќи да ја оправдам позицијата на жените кои имаат потреба од професионална реализација и кариера.

– „Личен избор е во прашање“, му велам. И уште не сум ја почнала втората реченица, тој лизгачки ми влегува во зборот што тукушто го зедов.

 „Ама, ајде, Ана, Ви се молам! Еве, Вие, на пример... од мала сте на телевизија, така? Убава, успешна, но џабе е сè за една жена ако не стане мајка. И на ќерка ми ѝ го зборувам истото, не слуша. Си тера по свое. Кариера, живот... абер нема од мажење. Со сопругата секој ден се прашуваме дали ќе доживееме внуче да видиме.“


И покрај целото разбирање за добронамерноста на човекот и желбата за внуче, се обидов да му објаснам дека се согласувам оти децата се најголемото богатство и дека родителската е единствената безусловна љубов, но секој човек има право на личен избор. Не чувствувам трошка потреба да ги судам луѓето кои имаа поинакви желби и ставови и кои не планираат да имаат деца. Јас одлучив да имам дете тогаш кога се почувствував подготвена, а не кога другите (родителите и општеството) мислеа дека треба! Постојано слушав за биолошкиот часовник што чукал, ама мојот часовник ми велеше дека има време. Не сум човек што се плаши од обврски, баш напротив, но, ми требаше психолошка подготвеност за да решам да донесам мало, кревко суштество на овој груб свет. Децата се и одговорност, а не само желба!

Ако ги отвориме картите ќе си признаеме дека родителството подразбира сосема нова животна фаза и колку и на работите да гледаме не како на проблеми, ами како на предизвици, сепак носталгијата кон безгрижната младост одвреме-навреме тропнува на врата. Се разбира, љубовта компензира сè! Но, што е со жените кои свесно одлучуваат да немаат деца?

Бидувањето „сингл“ девојка над одредена возраст и притисокот на биолошкиот часовник што ги потсетува жените за минливоста на нивниот репродуктивен период се многу проблематични теми. На жените кои се „сингл“ се гледа како на ловци во потрага по маж, односно сексуален партнер и за истите се претпоставува дека се очајни, анксиозни и осамени. Ужасно! Стравот од самотија кај „сингл“ жените е општествено конструиран! Опседнатоста со пронаоѓањето на љубовник се прикажува во речиси сите холивудски филмови, па, не е ни чудно што по целиот притисок, голем број жени мислат дека им истекува сексуалниот рок на траење. Ова е плодна почва за стигматизација на „сингл“ девојките!

Ќе посочам еден цитат од Филдинг кој оди на контото на притисокот за реализација на жената како мајка: „Да бидеш жена која ближи кон четириесеттата година од животот и да немаш деца е најтешкиот период за една жена. Зошто сите се обидуваат да направат да се чувствуваш глупаво затоа што немаш деца? Мислам, речиси сите се по малку амбивалентни за целата оваа работа, вклучувајќи ја и мајка ми. И не е толку лесно да родиш дете во овој современ свет“. Па, прашањето што се наметнува е – дали современата жена има право да пронајде смисла и значења кои се надвор од зоната на мајчинството? Секако!


За жал, постојаниот притисок на конзервативниот менталитет за реализирање на жената исклучиво во улогата на мајка прави како што жените преминуваат од дваесеттите кон триесеттите години, рамнотежата на моќта меѓу половите да се менува. Опасни се изјавите дека „дури и најсамобендисаните девојки ги губат нервите, борејќи се со првите болни знаци на егзистенцијална загриженост: стравот дека ќе умрат сами и дека нивното тело ќе биде пронајдено три недели подоцна полуизедено од некој германски овчар“. Стигмата кон неомажените жени прави секој да си дозволува да ги патронизира жените за нивната одлука за репродукција. Одлука што треба да е по сопствен избор и која всушност претставува право на секоја жена индивидуално да одлучува за своето потомство и за своето тело.

И додека од една страна се „сингл“ девојките, од другата страна на тунелот е митот за совршените мајки. Сепак, ова е друга голема тема за која ќе ви зборувам во некоја наредна колумна. До тогаш – борете се за своите лични избори и не дозволувајте достоинството да зависи од вашата матка!

Нека ни е честит 8-ми март и на 10-ти март!

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој


Прочитајте ги и овие колумни од Ана Јовковска

УБАВИ ЗА ОКО, ЛЕСНИ ЗА УПОТРЕБА

СЕКСУАЛНА ПАНДЕМИЈА