Стравот лозје чува
Многу ги сакам нашите поговорки кои
секогаш носат едно исконско знаење во себе. Мислам дека имаме една вистинска
ризница од народни мудрости кои треба да им ги пренесеме на поколенијата, за да
не заборават какво богатство има нашиов народ. Се’ што било кажано од устата на постарите, доаѓало од нивното или
искуството на блиските и затоа овие мали бисери кои честопати ги повторуваме во
различни ситуации, не смеат да бидат заборавени без оглед што некогаш како да
се срамиме од изреките или од нашите дијалекти. Иако голем дел од нашите
прапрабаби и прапрадедовци и нивните родители биле недоволно школувани (некои
само со основно знаење за да читаат и пишуваат, а не ретко имало и неписмени),
сепак мудроста се пренесувала преку приказни и преданија. Денес, во цутот на
интернетот кој нуди секакво пребарување за исклучително кратко време, книги од
различни автори за кои со сигурност знам дека порано било незамисливо да се
најдат (или сме ги чекале со недели, па и месеци ако ни ги прател некој од
странство), социјални мрежи кои ја намалија далечината меѓу луѓето и низа
апликации како помагала, како да сме многу повеќе робови на она што ни го
донесе технологијата, отколку што сме паметни за да си направиме баланс и да го
извлечеме најдоброто. Нејсе, има вистина во онаа кратка приказна дека лошите
времиња создаваат добри луѓе кои се борат да креираат добри времиња, а тие
добри времиња ги расипуваат идните генерации кои ќе создадат лоши времиња....и
така во круг, повторно и повторно.
Но, кога сето ова погоре кое ни го донесе дваесет и првиот век ќе го упростиме, повторно ќе се вратиме на основата и ќе видите дека не е баш многу поразлично од порано. Така, кога ќе ви кажува директорот дека заради глобалната криза не е можно да ви ја покачи платата, додека го гледате како плива во луксуз кој е безмалку перверзен, ви текнува на онаа “ситиот на гладниот не му верува” (ова кај нас важи и за политичкиот врв кој секако дека ја практикува “од едно уво влегло, од друго излегло” кога се во прашање потребите на народот) и чувствувате дека “кај што има сила, нема правдина”. Кога гледате како помладите го арчат времето и своите потенцијали, си велите “годините да ти имам, ама паметот ич”, а кога ќе се вљуби некој и му се смени карактерот, па омекне и стане попитом, го опишувате преку “си нашло грнчето капаче”. Кога сакате да кажете дека некој постапил како родителите или дека табиетот му е ист како нив, низ глава ви врви дека “крушата под круша паѓа”, додека чекате да ви исплатат К 15 си мрморите “ако не врне, барем да капне”, кога детето ќе ви дојде со лоша оценка а знаете дека нема фатено книга му кажувате сериозно дека “што си надроби, тоа ќе си сркаш”. За преценувањето велиме “видела жабата дека коњот го потковуваат, па и таа ја кренала ногата”, за наивноста и слепата послушност важи “додека има овци, ќе има волна”, за избрзувањето “брза кучка, слепи кутриња раѓа”. Како објаснување дека мрзата е лоша особина важи онаа “кој рано рани, две среќи граби” или “џабе работи, џабе не седи” за да не се улежиме. За да се биде мудар и да не се кажува баш се’ што ни иде на ум, ја користиме “три пати мери, еднаш сечи”, а како показател дека треба да сме љубезни со сите ја користиме поговорката “убавиот збор, железни врати отвора”. Како потврда за тоа дека сме се опкружиле со саглам луѓе е кога имаме на кого да се потпреме во тешки ситуации (ако не за друго барем додека да збереме сила или само колку да си ги кажеме маките), па велиме “пријателите во маката се познаваат”, а како репер какви треба да сме и како треба да се однесуваме со другите ја користиме поговорката “не го прави на другите она што не сакаш тебе да ти се прави”. Кога е здравјето во прашање велиме дека “здравиот има сто желби, а болниот само една”, а за тоа дека треба да сме скромни и да не лаеме околу ако сме помогнале некому важи “кога ќе дадеш милостина со десната рака, нека не знае ниту левата”.
Гледате дека сите се применливи и во денешно време, нели? Можеби еволуирал светот од аспект на технологија, но не сме еволуирале баш многу како души и табиети, или како што велеше покојната ми баба Даница (мајката на татко ми) “поголем ѕвер од чоек немало и ќе нема” (додуше велеше и дека сите имаме лај*о табиет). Ако мене ме прашате, како народ си патиме од “ќути, има и полошо”, иако секако дека секогаш има и подобро, ама треба да си се избориме за тоа. Ова со ќутењето оти има и полошо е една од поговорките кои не ги сакам, бидејќи ми е полна со малодушност. Наместо да се поттикнуваме со “среќата ги следи храбрите”, ние се закопуваме со тоа дека колку и да ни е лошо, има и полошо...па уште и во комбинација со “наведната глава, сабја не ја сече” ми е врв на отсуство на борба за себе и поарен живот.
Една од поговорките за кои имам спротивставени ставови е “стравот лозје чува”, за која ем сум ЗА, ем сум ПРОТИВ. Кога Нина беше мала, како навиена повторував за прстите во штекер, на рингла, за качување на оградата на терасата, па за преминување улица. Рака на срце, уште го дробам тоа со преминувањето улица, иако знам дека сум и’ досадна и банална, а мене ми иде да и’ речам оти “повторувањето е мајка на знаењето” (и безбедноста, во случајов). Од друга страна, сум се фаќала како повторувам некои глупости кои и мене ми ги кажувале, а се поврзани со мокра коса, промаја, пиење ладно, потење итн., за кои и лекар ми потврдил дека баш и не одат тешките болести со промаја или менингитисот со мокра коса. Откако потпорасна престанав со промајата и потењето, ама се префрлив на други работи за кои не претерувам, со оглед на тоа во какво време живееме. Сега сум насочена на пушење, пиење алкохол, лесни дроги, избрзување со секс и сето тоа заради “подобро да се спречи, отколку да се лечи”. И секако дека токму од овој аспект мислам дека е добар стравот, односно претпазливоста. Небулозен ми е оној кој како родители им го наметнуваме на нашите деца, оти ние сме имале лошо искуство или некаква предрасуда. На пример, имам уплав од авион ама заради ќерка ми ќе патувам со авион, оти ако и’ го залепам мојот страв, ќе остане ускратена за многу патувања. Или, ако сум се заглавила во лифт, не значи дека треба да направам детето да не користи лифтови оти може некогаш да се заглави. Кога Нина некогаш реагира со страв кога ќе застане лифтот а ние сме внатре, стално ја задевам дека таа уште во мојот стомак имала такво искуство и дека не треба да паничи (друг пат ќе ви раскажувам како во 8-ми месец од бременоста ме извлекуваа од лифт, а бев машала во стомакот-родив дете од 4 кг).
Стравот е корисен за превенција или претпазливот, за една нота разум во било што да правиме и свесност дека исходот може да е добар, но и лош. Но, стравот знае и да не’ парализира, да не’ обесхрабри и да не’ направи неодлучни за да одиме напред, да загриземе посилно во некои предизвици. Така, од страв дека нема да најдеме поарно работно место, чмаеме во средина во која ниту сакаме да бидеме, ниту е добра за нас и нашата креативност. Од страв од осаменост остануваме во врска или брак, или уште пострашно, од страв дека не вредиме доволно и дека нема никој да не’ сака такви какви што сме си го уништуваме животот....а еден ни е. Од страв да не’ бидеме повредени како “оној пат” кога сме биле после голема љубов, се затвораме во себе и не даваме пристап никому. Емотивната блокада е резултат на страв од напуштање или дека не сме достојни за љубов. Сите имаме стравови, некои поголеми, некои помали, некои побенигни, некои посериозни. Лично, најмногу ми е страв за ќерка ми, за моите и за најблиските и да можам, се’ ќе сторам за да ги заштитам, ама знам дека не можам. За себе, имам уплав од болест од која нема да можам да се грижам сама за себе и од тоа да зависам финансиски или емотивно од некој друг. Можеби треба да се помирам/помириме дека колку и да стравува човек, не може да влијае на работите до крај или да ги предвиди. Доволна е само една секунда и се’ да се смени, да се испреврти, да тргне на поарно или на полошо.
Она што ни останува и преостанува е да го живееме тоа што го имаме, сега и тука...по можност, без страв од тоа што ни носи денот и иднината.
Да сте ми живи и здрави и да бидете нежни со луѓето околу вас оти “јазикот е поостар од сабјата”.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Убај времиња беа порано
Лесни ко пердув од птица бела
Питки ко вода бистра изворска
Со вкус на јагода од шума набрана
И со мирис на првите зумбули
Убај времиња беа порано
Питоми и кротки луѓето беа
Со насмев на усните
И поглед полн милост
Во кој се топеше сиот бол
Убај времиња беа порано
И часовниците поинаку го мереа животот
Со некој свој, чуден механизам
Та среќата долго траеше
А тагата брзо врвеше
Убај времиња беа порано
Ми се чини оти денот подолг беше
А ноќите полни спокој
И летата своја приказна раскажуваа
Дур зимите на топол дом мирисаа
Убај времиња беа порано
Та чоек со чоек во очи се пулеше
Оти никој никому ништо не му земаше
Ниту под око некој гледаше
Како да крие нешто, како арамија да е
Убај времиња беа порано
Та се знаеше арното секогаш белина во себе носи
И оти лошото црната во себе ја има впиено
Се знаеше оти колку лошото мангуплак да тера
Секогаш арното победата ја носи
Убај времиња беа порано
На стравот името не му се знаеше
На завидливоста ликот не и’ се гледаше
На поганштината вратата пред нос и’ ја затворавме
И на болката в лице и’ се смеевме
Убај беа времињата кои повеќе ги нема
И за кои се плашам оти не ќе се вратат
Оти се одродивме
И крв едни на други спремни сме да пиеме
Од туѓото месо стомаците да ги наполниме
Оближувајќи ги крвавите песјаци
Дур цревата ни кркорат за уште
И небото некако стушено над овој живот е
Оти времињата за кои душата ме боли
Одамна ги нема
Како некој да ја исклучил убоста
Та шетаме околу без компас
Умираме без живот да живееме
Љубиме без љубов да сетиме
Во овие времиња неубај
Во кои уште сеќавањата ме дробат
Од оние дамнешни, дамнешни сни
За времињата во кои растев
За времињата во кои дете бев