СТУДИРАЛ НА МАШИНСКИ, ПРЕМИНАЛ НА ПРАВЕН: Ѓокица Лукаревски се присети на студентските денови
Паралелно полагав на два факултета. Не знаев во тој период која е перспективата. Кога почнаа да ме викаат на снимања на серии и на реклами, работите беа јасни. Од 1977 година сум член на Драмски театар, откри докажаниот македонски актер
Доајенот на македонското глумиште и тазе пензионер, Ѓокица Лукаревски, по желба на татко му се запишал на машински факултет. Две години студирал и право пред да го оствари својот животен сон, да заврши академија и да стане актер. Првенецот на Драмски театар во шоуто на Драган Б.Костиќ кое се емитува на телевизијата „24“ откри интересни моменти од струдентските денови.
- Откако завршив гимназија, за чудо, се запишав на Машински факултет. Татко ми работеше во Металски завод „Тито“ и инсистираше во таа насока да продолжи моето образование. Секој можеше да се запише, но не секој и да заврши. Дојдовме до нацртна геометрија, до изучување на машински елементи и тотално киксирав. Од Машински преминав на Правен факултет каде што ги положив испитите од првите две години. Таму навистина ми одеше. Во меѓувреме, се отвори Висока музчка школа - Катедра за драмски уметности. Се побудалев, ми се оствари сонот. Паралелно студирав на двата факултета. Не знаев во тој период која е перспективата. Кога почнаа да ме викаат на снимања на серии и на реклами, веќе работите беа јасни. Од 1977 година сум член на Драмски театар- раскажа Лукаревски во емисијата „Б со Точка“.
Со претставата „Партија реми“ од американскиот автор Доналд Ли Кобурн, во режија на Виолета Џолева, Ѓокица минатиот месец одбележа четири децении играње на сцена и официјално се пензионира.