Светот е голем за истражување, а јас сакам да посетам и видам што повеќе места: Весна од Охрид за искуството како туристички водич

Нема човек кој не сака да патува, велат патувањето е лек за многу болести, особено за стресот кој во денешно време го има во изобилие поради брзиот начин на живот. А барем еден викенд или одмор на планина или море го рестартира нашето тело, а пред сè нашиот ум. 

Патувањата се дефинитивно нешта кои го зближуваат семејството, а местата кои ги посетуваме се наши спомени кои ни ги галат мислите за цел живот. Спомени кои ќе можеме да ги раскажуваме на внуците.

Токму за местата кои вредат да се посетат во Македонија, но и во светот зборуваме со туристичкиот водич и магистар по туризам и микромастер по дигитален маркетинг, Весна Коцевска од Охрид.

Како што ни откри таа споделувањето содржини на социјалните мрежи ги започнала како хоби кои прераснало во професија што лесно ја комбинира со основната нејзина професија - туристички водич.

„Сакам да раскажувам и да го споделувам искуството и сите корисни информации за местата доколку некој сака да ги посети во иднина. А едни од омилените содржини ми се токму за Македонија, затоа што сметам дека што повеќе луѓе треба да знаат што имаме и повеќе да си ја цениме земјата“, вели Коцевска која споделува кои места се „must see“ кај нас во Макеоднија, но и за местата кои треба да се посетат барем еднаш во животот во Европа.

* Ја имате една од да речам најинтересните професии, туристички работник. Зошто работа токму во водите на туризмот?

- Уште од дете кога ги гледав на телевизија репортажите за различни дестинации се замислував дека еден ден и јас тоа ќе го правам. Па така испадна желбата да студирам туризам и угостителство, а подоцна ги завршив и магистерските студии во истата бранша.

Едноставно сè се надоврзуваше и надополнуваше едно со друго низ годините. И самото тоа што живеам во Охрид веројатно на почетокот ме насочило тоа да биде мојот избор на професија, па да си го најдам своето место како туристички водич. Професија која ја обожавам од повеќе причини. 

* Колку земји имате посетено? Која ви оставила особен впечаток и зошто?

- Сум посетила преку 30 земји и навистина не можам да издвојам само една која оставила посебен впечаток. Но со задоволство се враќам во некои, како Италија или Турција. Светот е голем за истражување, а јас сакам да посетам и видам што повеќе. Но не сето тоа да биде претрчано, туку навистина да го искористам максимумот од секоја дестинација во смисла да го почувствувам животот и секојденевието на локалците, локалната храна и култура. А сето тоа колку можам го пренесувам и на моите следбеници преку блогот и сѐ почесто на Инстаграм.

* Колку места имате посетено во нашата Македонија?

- Мислам дека не е возможно да ги избројам, полесно можам да избројам колку не сум посетила. Една причина е мојата работа како туристички водич, но и со семејството, особено во периодот на пандемија а и сега ги користиме викендите да посетиме некое место низ Македонија, а особено се радувам ако е тоа некое ново место и за мене. 

* Кое место би им го препорачале на читателите кое според вас вреди да се посети барем еднаш во животот во Македонија и зошто?

- Тешко е да се избере едно, има премногу места во Македонија што вредат да се посетат. Но сепак, прво место на кое секогаш помислувам е манастирот Св. Наум. Затоа што тука природата и човекот работеле заедно и создале едно уникатно место. Порано бев изненадена кога некој ќе кажеше дека не бил во Св. Наум, но реалноста е дека многу луѓе не биле, посебно помладите генерации. Така што сметам дека ова е место што мора сите да го посетат.

* Повеќе сте за море или планина?

- Сакам и море и планина, само во различни временски периоди. За море најчест избор ни бил Јадранот, пред сѐ од практични причини, поради близината со Охрид. Затоа што поради работата одморите во лето секогаш ни биле кратки, а повеќе патуваме вон сезона.

А од планини посебно ми се омилени Галичица и Баба т.е. националниот парк Пелистер, би ја издвоила и Бистра/Маврово, посебно омилен ми е водопадот Дуф, како и Беласица која ја китат повеќе водопади. Не ми се сите планини доволно истражени, но сигурна сум дека ќе имам можност понатаму. 

* Манастири или рурален туризам?

- Едното не го исклучува другото. Руралниот туризам си има посебна магија. Мирот кој не го наоѓаме во градските или урбани средини, посебното гостопримство и топлина на луѓето и секако природните убавини кои ги опкружуваат. Морам да признам дека манастирите и руралната средина не ми се во приоритет периодов. Една причина е што често и работата ме носи во манастирите, а со руралната средина малку се заситивме во периодот кога ни беа затворени границите.

* Како туристички водич и вашето искуство дали кај нас во земјава се искористени доволно туристичките места, односно дали тие се промовирани доволно?

- Некои се прилично испромовирани и искористени, но потенцијалот не е целосно искористен, што всушност и не е лошо. Затоа што и преголемата посетеност и сатурација си има свои негативни последици. Имаме и многу места кои остануваат непознати и недоволно откриени, што всушност таквите hidden gems привлекуваат поголемо внимание благодарение на социјалните мрежи, а нема масовна посетеност, што јас особено го сакам кај таквите места. 


* Што вели вашето искуство кои места сакаат да ги посетуваат најмногу туристите кои доаѓаат кај нас?

- Ова го дознав лесно и директно од туристите со истражувањето за магистерскиот труд, кој гласи „Атрактивности на Република Македонија како дестинација за холандски туристи“, а може да се примени за било која националност. Заклучокот беше дека најмногу им се допаѓаат природните убавини, при што се издвојува Охридското езеро и планините. Исто така културно-историското наследство и гостопримливоста на локалното население.

Најпосетени се Охрид и Скопје, затоа што поголемите групи гравитираат во таа насока. Сепак тоа е повеќе по избор на туристичките агенции и програмите кои ги прават. А нормално во програма се ставаат места кои имаат повеќе содржини. Сепак сѐ повеќе се вклучуваат и други градови, национални паркови и рурална средина. 

* На вашиот Инстаграм профил има навистина живописни фотографии и видеа. Ги обработувате сами, или имате помош?

- Ви благодарам. Едитирањето го сакам колку и самото снимање/фотографирање. Тоа е еден цел процес во кој уживам. Уште од самата идеја каде да се оди, истражување, планирање и организирање на патувањето, креирање содржини на самата локација и нивно обработување и пишување описи. Сопругот најчесто ми помага при самото фотографирање и снимање, другото е мое дело.

* Места на листата за посета во иднина?

- Листата ако ја напишам ќе биде многу долга и со тек на време станува подолга место пократка. Едно од местата кое чека подолго е Јордан, исто се надевам дека во иднина повеќе ќе ги истражување Азија и Африка. Уште една земја која се надевам дека наскоро ќе ја посетиме е Португалија. Всушност имам зацртано за цел да ги посетиме сите европски земји, а за останатите континенти колку ќе стигнеме толку.


Наталија Миланова

Повеќе фотографии од патувањата на Весна Коцевска од Охрид погледнете во  ГАЛЕРИЈАТА: