Ако помислам на детството, меѓу првите работи кои ми паѓаат на ум се колениците со коричка озгора која ја корнев со сласт, џамлиите во тегла од Томи мајонез, кратката Локица фризура која ја нарекував Вокица, пиштолот на Филип (викан Чипип, кој редовно се вадеше од кожа што играчката му завршуваше во мои раце) и возењето ролшуи и точаци со другарка ми Наташа Бакалова (да, од мала така ја викам-со цело име и презиме). Но, во ниту една слика која ја имам за моето детство нема активно присуство на кукли или кога ќе се појави некоја таква, тогаш обично е проследена со сознанието дека мојот интерес за нив траел 5-10 минути, за да заврши со бојосување на очите и устата и шишање на косата (сите беа унаказени од отсуството на вештина за да баратам со ножички).
Ете, јас бев такво дете кое повеќе сакаше да се качува по дрва (знам, знам....генот), да ака низ непознати улици и да игра криенка. А не дека бев немирна, сакав и да се пикнам во некое ќоше за да читам или да слушам плочи, но куклите не беа дел од мојот интерес (барем не долгорочен).
За разлика од мене, Нина растеше со кукли. Прво почнавме со Барбиките (интересот за нив беше краткотраен и финансиски поволен), кои беа заменети со Монстер Хај (за кои имам дадено еден куп пари за да стојат сега спакувани некаде во подрум).
Не можам да го заборавам изразот на нејзиното лице кога за првпат виде Барби кукла. Очињата и’ се ококорија, устичката и’ оформи едно безгласно О, а рацете инстинктивно и’ тргнаа кон куклата. Шарениот свет на Барби (или поточно, розовиот свет на Барби) беше магнет за Нина. Ако јас се прашувам, мислам дека не постои поголема грешка од тоа што децата ги насочуваме од мали што да сакаат, а што да не сакаат. Ова го зборувам со сета свесност дека во првиот момент и мене ми идеше да и’наметнам дека куклите се преценети, само затоа што јас не сум ги сакала. Се чини дека поаѓајќи само и исклучиво од себе, однапред им даваме насока на децата за нивните предиспозиции, притоа водејќи се од некое наше искуство...кое секако не мора да биде и нивно. Она што мене ми пречело е дека куклите отсекогаш биле поврзувани исклучиво со развивање на мајчински и “домаќински” чувства кај девојчињата, а “машките” играчки биле секогаш поврзувани со оружје, како да се изгради нешто или стратегија. Како да го гледав светот околу мене и сето она на што сум била противник, сведен на микро ниво.
Со оглед на тоа дека работите одат напред и дека има промени кои резултираа со поголема и посуштинска борба за правата на жените (на глобално ниво), така и Барбиките се менуваа. На времето, памтам дека читав за тоа оти производителот на Барби куклите беше на удар бидејќи освен “Барби која оди на шопинг и се вози во розовото количе, а попладне седи покрај шпорет во куќата која ја одржува беспрекорно”, не постоеја друг вид Барби кукли. Феминизмот донесе една нова генерација на Барбики кои ги учеа девојчињата дека можат да бидат се’ што ќе посакаат: докторки, гимнастичарки, пожарникарки, музичарки, учителки, цвеќарки, фотографки. Подоцна се појавија и Барби кукли со Даун синдром и Барби кукли во инвалидски колички, кои на децата уште од најмала возраст им посочуваат дека не’ има различни и дека треба да си ги почитуваме разликите, но дека во суштина сите сме исти и на сите подеднакво ни треба љубов и почит.
И сега во фокус е најновиот филм за Барби, кој се’ уште не сум го гледала (киното и јас имаме мал проблем кој се состои во тоа дека редовно ме фаќа дремка внатре) но имам намера да го изгледам. На Нина и’ се допадна филмот, а читам дека општо одзивот во светот е одличен со рекордни бројки на заработувачка (иако не секогаш квалитетот и квантитетот се правопропорционални, особено во Холивуд).
И како и за се’ така и за темата Барби, филмот за Барби и општо се’ што е поврзано со Барби си имаме мислење како нација. Ако некој не’ следи однадвор, без да знае каде и како живееме ќе помисли дека сме народ кој живее во една перфектно спастрена држава, со стандард од кој ни тече мед и млеко и дека сме над нивото на една Шведска или Данска. Ние во Македонија имаме мислење, пардон критика за се’, ама баш за се’. И ај што имаме мислење за се’, туку сакаме и да се расфрламе со него заборавајќи на онаа “мислењето е како задникот, секој го има ама не е за покажување”. Она што е карактеристично за нас е дека нашето мислење често пати е на граница со навреда или омаловажување (ниту еден од нас не е поштеден од овој синдром, единствената разлика е што некои знаат да сопрат навреме а некои само да земат залет).
Барби е тренд, сакале ние или не. Да, се’ ќе букне во розова боја (Универзумов ми е сведок колку не ја сакам, но не мрчев кога Нина за да оди во кино се појави во розова маичка), ќе гледаме и ќе гледате фотографии од проекции на филмот, па фотографии од луѓе сликани во Барби кутијата (иако ќерка ми вели дека е тоа малку контрадикторно, оти поентата на филмот е дека Барби сака да живее надвор од кутијата-рамките).
Па што? Што од сето тоа го навреди нашето постоење или добриот вкус? Зошто се изначитав еден куп потсмевања или мудрости кои се вадени од нафталин, а кои треба да звучат шегобијно? Чудно е колку на површина испливува малограѓанштината, која е затскриена зад пропагирање на “демек” вистински вредности. Каде е заминато она дека секој има право да прави што сака и како сака, доколку со тоа не нанесува штета некому? Може да ви е смешна Барби и да ви се смешни луѓето кои се во еуфорија со трендот. Може да си кажете дека “гарант филмот е тапа” и да не го гледате, а може и да ви е ужасно глупава кутијата во која се сликаат посетителите на проекцијата. Ич не е забрането да ви се гади од розовата боја и не е спорно да имате однапред оформено мислење (или предрасуда) за глумата на Марго и Рајан. Она што е спорно и што е проблем е како сето тоа оди во етер, со скриншотови од туѓи профили или портали, со јавно плукање и со навредување (оти нели ние сме најпаметни, најчитани, едноставно најдобри во се’, па така имаме право да се нарекуваме креатори на добриот вкус).
И ако веќе се расфрлуваме со предрасуди, секогаш и за се’ ќе најдете ЗА и ПРОТИВ. Ако сте против Барби фамата, не ги плукајте тие што уживаат во неа, без оглед дали се возрасни и дали им личело или не да се сликаат во розово. На Барби фановите можеби не им допаѓаат вашите фотки од одмори, концерти или општо, она што имате да го кажете како мислење колку и да мислите дека сте кул или во стилот на Итар Пејо. Не е мое и не е ваше да судиме било кого и било што, ако тоа не ни се вкалапува во нашиот модел за тоа “како треба“. Знаете, најлесно е да најдете недостатоци за било што. Не џабе се вели дека го гледаме само тоа што сакаме да го видиме, во другите или во себе.
И следниот пат кога ќе се смеете или потсмевате на некој што е фотографиран пред киното, а во кутија од Барби....прашајте се колку сте вие моќни да излезете од вашата кутија која е изградена од предрасуди.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ако на чоека немаш нешто убо да му кажиш
Молчи си пиле и не си ја погани устата
Оти чоек сам знај за шо арен не е
И не му треба твојот отров за да го дотепа
Кажи му ја убајната во него
Погали му ја со збор душата
Јазикот да ти биди ко да си го гушнал
Со милост во очите кажи му збор-два
Ама убај да се
Да бидат миризливи ко на доенче здивот
И чисти ко детска игра
Нека бидат невини ко млада невеста
И мудри ко стар чоек
Гали го чоек
Кажи му го убото во него
Оти некогаш оќоруваме
Некогаш, ете така низ животот ослепуваме
Та сами себе не можиме да се видиме
И троа лоши стануваме
Троа полни нетрпение и нервоза
Пиле
На таквите луѓа нешто убо да им кажиш
Оти подзаборајле
Та потсети ги на чоештината
Покажи им ја љубовта
Во твоите очи себе да се видат како во огледало
За да можат да се засакаат
За да можат глата да ја кренат
Над сите јадови да се исправат
И чекорот посигурен да им е
Да знаат оти сами не се
Оти уште некој љубов во срцето за нив има
И ќе видиш
Ех пиле, ќе видиш како ликот им се менви
Како ќе засветат
Како од милост и боја во образите ќе им се врати
И грбот како кроце им се исправа
Та смеата ѕвонлива им станува
Како од болест да оздравеле
А несреќата и тагата болест се
Зато
Ете зато треба чоек со чоек да се чува
И со убост да се гоштева
Со збор и рака подадена
Ама не за да турни и навреди
Туку да го избавиш чоек некогаш од сам себе
Како што некој некогаш и тебе од себе ќе те спаси
Гали ги луѓето
Гали и сакај ги
Оти векот тука на сите ни е краток
А часот дур да дојди, чоек биди
И памти ми ги зборојте
Молчи пиле, молчи и врви си по патот
само молчи и устата не погани ја
ако на чоек немаш ништо убо да му кажиш