СЗО останува на свое: Не мора да носите маски, нема докази дека го зауздуваат вирусот

Добивај вести на Viber

Откако внимателно ги прегледа сите податоци кои сугерираат дека маските би можеле да го спречат ширењето на коронавирусот, Светската здравствена организација (СЗО) сепак не пропорачува нивно носење во јавност, пишува „Гардијан“.

Во новото соопштение СЗО ја задржа старата позиција – маските можат да влијаат во ограничување на ширењето на заразата, но не се доволни сами по себе. Нема докази дека носењето маски во јавност оневозможило заразување на здравите, заклучи СЗО.

-Освен ако луѓето не работат во здравствениот систем, маските служат само за заштита на другите а не за заштита на тој што ја носи – рече др. Дејвид Хејман, кој го раководи советодавното тело на СЗО за ризици од заразата со коронавирусот.

Ова тело потврди и дека вирусот можат да го пренесат луѓе кои немаат симптоми, потврдувајќи ги претходните сознанија дека вирусот се шири преку капки во воздухот или преку контаминирани површини. Најдобра превенција и натаму останува социјалното дистанцирање и миењето раце.

Според ревидираните препораки, маски треба да носат оние кои имаат симптоми и оние кои се грижат за разболените - доколку се во иста просторија.

Препораките на СЗО се сосема различни од оние кои ги дадоа Американскиот центар за превенција и контрола на болеста и низа стожери на здравствената заштита во европските држави.

Стручњаците на СЗО тврдат дека маските би можеле да создадат лажно чувство на сигурност кое најпосле би ги довело луѓето до зголемен ризик. Дури и ако носот и устата се покриени, вирусот и натаму може да влезе преку очите. Проблем е што луѓето би можеле да се заразат и со симнување или прилагодување на маската на лицето поради што СЗО препорачува оние кои сепак ќе одлучат да ги носат во јавност – тоа да го прават безбедно.

Исто така СЗО додава дека државите кои препорачуваат носење маски треба да проверуваат колку е таа мерка всушност ефикасна.

-Маска од ткаенина или хируршките маски со низок квалитет нема да ги исфилтрираат честичките ни аеросолот за кои се мисли дека ја пренесуваат инфекцијата. Клучно прашање е како да ги заштитиме очите – смета Вилијам Кевил, професорот на универзитетот Саутхемптон.

Од друга страна, епидемиолог од Оксфорд, др. Елеин Шуо Фенг го поддржува американскиот став маските да се носат на јавни места, особено во случај ако човек бил можеби изложен на вирусот.

Тоа би било посебно корисно во случај на повозрасни луѓе и луѓе со хронични болести бидејќи тие се најзагрозени групи кај кои болеста може да е фатална.