ТАА Е...Дарија Андовска

Добивај вести на Viber

ТАА Е...Дарија Андовска

Да се зборува за Дарија е вистински предизвик, но да се зборува со Дарија е како да загризувате во парче од омилената торта полна богат вкус и неверојатно задоволство. Таа е една од ретките жени-уметници која ќе ја најдете на навивачките трибини, патриот, жена која никогаш не се плаши да го каже своето мислење за спортот, политиката, актуелните случувања во државава. Токму поради тоа, некои не ја сакаат, некои ја обожуваат, но ниту еден не останал рамнодушен на нејзиниот збор, музика и појава. Навидум кревка, оваа жена-дете-змеј ќе ве измести со острината на нејзиниот ум и со борбеноста секогаш да остане на страната на правдата. И секако, да се биде гласен и јасен има своја цена, затворени врати, партиски непотизам, отсуство на слух за нејзиниот ангажман, успеси и награди.


Првпат ја сретнав на скалите на МБУЦ Илија Николовски Луј со нејзините студенти кои и’ го пиеја секој збор. Целата нејзина појава дишеше со енергија која го отсликува нејзиниот слободен и бунтовен дух. Зад неа стои аманетот од нејзините родители со чесен труд да спечали и секогаш да остане своја. Домот го дели со милениците, кучето Страшо (кој го нарекува Страшо-Паша) и мачката Милица (Царица-Милица). Да, во домот на Дарија и кучето и мачето се сакаат.Ако почнам да ги редам нејзините успеси и достигнувања, ќе треба да напишам книга, но еве само накратко. Дарија (1979, Скопје) дипломирала композиција на Факултетот за музичкa уметност во Скопје во класата на Гоце Коларовски, магистрирала на ZHdK во Цирих, Швајцарија, во класата на Изабел Мундри (современа музика), Доменико Ферари и Андре Белмо (филмска и театарска музика, продукција), а била и на докторски студии во класата на Каја Черновин, Харвард Институт, САД. Автор на камерна, соло, оркестарска, симфониска и хорска музика, како и на музика за филм, театар, танц и мултимедијални проекти. Добитник е на стипендии и учесник на мастеркласеви и работилници во Скопје, Санкт Петербург, Белград, Дрезден, Охрид, Берлин, Цирих, Солотурн, Штутгарт, Сараево, Фрајбург, Герлиц, Утрехт, Хилверсум. Нејзините дела се изведувани на реномирани фестивали и бројни концерти во Македонија, Бугарија, Србија, Грција, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белгија, Кина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Грција, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Шпанија, Норвешка, Унгарија, Украина, Азербејџан, Австрија, Јапонија, Албанија, Русија, Турција, Мексико, Малта, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, САД,изведувани во концертни сали како Roy & Edna Disney Hall во Лос Анџелес, Bayerische Staatsoper во Минхен, Megaron во Атина, Gare du Nord во Базел, Dampfzentrale во Берн, Beijing Concert Hall, Софиска филхармонија, Коларац во Белград, Schloss Solitude во Штутгарт, Wigmore Hall во Лондон, KPC Maribor, Lauba во Загреб, Berghain во Берлин, Boston Court, Wroclaw Philharmonic Hall Свердловск Филхармонија, Eglise Notre-Dame во Брисел, Wilton Music Hall, Nenniger Schlosserei, Theater Rigiblick во Цирих и многу другиод реномирани изведувачи, оркестри и ансамбли како Македонска Филхармонија, Recherche Ensemble, Tzara Ensemble, pre-art ensemble, No Borders Orchestra, Wroclaw Philharmonic Choir, Forbidden City Chamber Orchestra, E.A.R. Unit, Coro Constanzo-Porta, SoloVoices Ensemble, Pierrot Lunaire Ensemble, Chroma Ensemble, SoNeMus, Convergence, Ensemble Reconsil-Wien, Kreutzer Quartet, ZJCM Orchestra, Freiburg Percussion Ensemble, Ergon Ensemble, Icarus Ensemble, Metamorphosis Ensemble, Construction Site Contemporary Music Ensemble, Симон Трпчески, Елена Мисиркова, Ана Дурловска, Игор Дурловски, Саша Николовски - Ѓумар, Сашо Татарчевски, Благој Нацоски, Valentina Štrucelj, Ernesto Molinari, Thomas Herzog, Sebastian Hofmann, Simone Keller и многу други.Нејзините дела се објавени на CD-а во Швајцарија, Босна и Херцеговина, Италија, Македонија, Србија и Црна Гора, Германија, а издадени во печатена форма од Nuova Stradivarius – Италија, Sordino – Швајцарија, Сојуз на композиторите на Македонија – Македонија, а и се дел од неколку светски енциклопедии, антологиски збирки и учебници, како “Critical Selection of Accordion Works” од Claudio Jacomucci, VU2 Symposium Anthology, Meetingpoint Music Messiaen“Contemporary Composers+Composing on the Continent”, а нејзината композиција Book of the Devil Valley Master е дел од задолжителната програма за студенти на Osaka College of Music во Јапонија и редовно на циклусот предавања “Writing for percussion” na CalArts во Лос Анџелес, САД.Член е на меѓународни жирија, раководител на мастеркласови и работилници, лауреат на меѓународни и домашни конкурси за композиција, филм и театар, вклучувајќи ги наградите од конкурсите на pre-art, Швајцарија, Музичка младина на Македонија и Град Цирих, Швајцарија, стипендист на Ernst Von Siemens Foundation, Sachsisch Staaten, Patenschaft Schliepper, pre-art Foundation, признаена од INM HMTM Hannover и EVS Stiftung како една од најважните балкански композитори во 2012. Нејзините филмови биле номинирани и наградени на фестивали како Сараевски филмски фестивал, Берлински филмски фестивал, Бриџ филмски фестивал, театарските претстави номинирани на МЕСС Фестивал - Сараево, Босна и Херцеговина, Војдан Чернодрински - Прилеп, Македонија, Јоаким Вујиќ - Србија и други. Избрана меѓу најдобрите шест млади и актуелни композитори во Европа за проектот MusMA - Music Masters on Air 2013/14. Добитник на наградата “Виртуоз“ 2013 за најдобар композитор во Македонија. Номинирана за наградата “Виртуоз“ 2014 за најдобар композитор во Македонија. Добитник на наградата “Истакнат уметник на Град Цирих - Композитор“ за 2014/2015. Добитник на наградата “Виртуоз“ 2015 за најдобар композитор во Македонија. Претставник на Македонија за CEEC 17+1, Кина и земјите од централна и источна Европа за 2016-2017 и 2018-2021. Добитник на наградата „Панче Пешев“ 2018 која Сојузот на композитори на Македонија ја доделува за највисоко достигнување од областа на музичкото творештво. Уметнички раководител на фестивалот Денови на македонската музика за 2013-2015 и 2019-2021 година. Работи како редовен професор на Факултетот за музички уметности, како и на Факултетот за драмски уметности во Скопје.


Ladies and gentlemen, Дарија Андовска!

АКО СЕ НАВРАТИШ ВО ВРЕМЕТО КОГА СИ БИЛА ДЕТЕ, КАКО БИ ЈА ОПИШАЛА ТОГАШНАТА ДАРИЈА И ДАЛИ Е ИСТА КАКО ОВАА СЕГА ИЛИ ЖИВОТОТ ЈА СМЕНИЛ?

Има аспекти кои се идентични, како што ти ме опиша - дел од мене е уште дете и затоа многу лесно и убаво ми оди муабетот со деца (а и со животни). Ги разбирам, знам што мислат, дури и се сеќавам што сум мислела и правела јас кога сум била толку мала.

Животот ми даде и ми дава многу лекции. Голем дел од нив навистина тешки, речиси како за филм. Кога имав 12 години ни изгоре станот и бевме без дом долго време, оти станот неосигуран. Без спомени. Без сопствен кревет и сопствена облека. Оттогаш не сакам бели ѕидови. Тешка, но добра лекција - да не се врзувам со материјални нешта, оти може да ги снема во дел од секунда. Не се ни важни. Важно е сите да сме на број, живи и (релативно) здрави.

Мајка ми рано стана инвалидски пензионер, татко ми стана технолошки вишок (од главен инжењер во ОХИС) по неговиот прв мозочен удар. Од 18 години работев и студирав, за да можеме да преживееме. Морав и морам да знам и да учам се’ што можам, оти не знам кога ќе ми затреба да се снајдам, да преживеам.На пример. Ова е само почетокот. Следеа уште поголеми и потешки битки. За време на студиите во Швајцарија, ме нарекуваа artist of survival. Сепак, јас не сум она што ми се случило, туку она што сум одлучила да бидам.

Но, она што мене ми е најважно е дека си ја зачував и љубоморно си ја чувам чистината на детската љубопитност, радост, игра и фантазија. Оваа Дарија денес има многу богато искуство, и добро и лошо, знае дека како мачка ќе падне на нозе, знае дека никој ништо не и’ подарил и никому не должи, па затоа и не се плаши и со полни гради го живее животот.

ЧЕСТО ГИ СПОМЕНУВАШ ТВОИТЕ РОДИТЕЛИ КОИ ЗА ЖАЛ ПОВЕЌЕ НЕ СЕ СО ТЕБЕ, ИАКО СИЛНО ВЕРУВАМ ВО ТОА ДЕКА НЕМА СМРТ ЗА САКАНИТЕ И ДОДЕКА НИ СЕ ВО МИСЛИТЕ И СРЦАТА, ТУКА СЕ И ЖИВИ СЕ. КОИ ОСОБИНИ ГИ ИМАШ НАСЛЕДЕНО ОД НИВ И КОИ НИВНИ ПОУКИ ТИ СЕ И ДЕН-ДЕНЕС ВРЕЖАНИ КАКО ДЕЛ ОД ТВОЈОТ КАРАКТЕР?

Мајка ми беше лингивст, зборуваше и разбираше многу јазици. Освен тоа, студирала и историја на уметност, а беше и екстремно музикална и прекрасно пееше (повеќето оперски арии ги научив од неа, ги пееше додека чистеше дома), имаше огромна љубов кон книгите, кои најчесто и’ биле засолниште во нејзиниот тежок живот.Од неа ми е чувството за естетика, поради неа ја познавам историјата на уметноста и ја разбирам, уште од мала многу читам внимателно бирана литература, имам афинитети кон јазици (активно користам 5, а разбирам невообичаено и неочекувано многу јазици, па и онакви со кои не сум имала никаков контакт), го негувам со многу внимание мајчиниот, македонски јазик и, се разбира, тука е и музикалноста. Освен тоа, мајка ми беше жена, која иако сирак, имаше манири на вистинска госпоѓа, оти природната интелигенција налага континуирано учење од тоа што гледаш дека е добро. Не оговараше, не ја интересираа туѓите животи, секому пробуваше да помогне, за секој имаше добар збор. Можеби не секогаш ги имам нејзините манири, но не оговарам, не ме интересираат туѓите животи, не живеам за другите и секому пробувам да помогнам колку можам.


Татко ми беше машински инжењер. Дипломиран, тогаш така се велеше, мораше да се нагласи. И тој беше неверојатно музикален и фасцинатно интелигентен. Жива енциклопедија. Од него ми е љубовта кон математиката, физиката, медицината, прецизното око, прецизната рака, здравата логика и расудување, спретноста со техника, љубовта кон комбинаторика и судоку, шах, интересот за групните спортови. Додуша, никогаш не ме заинтересира за тенисот, иако тој многу сакаше да гледа тенис. Од него ми е и бескомпромисност во однос на тоа што е право и правдина, па по секоја цена и на моја штета (најчесто) се борам за другите, па и за оние, кои ја премолчуваат неправдата која им е нанесена. Да изберам секогаш она што е најдобро, а не тоа што е евтино (оти сиромавиот двапати плаќа)  и да не дозволувам никому да ме гази. Да не должам никому, да си ги пуштам нозете колку што ми е чергата. Секогаш со крстот на чело. Се разбира, и од тука ми е музикалноста.

Двајцата многу сакаа животни, иако не секогаш беа радосни кога ќе им довлечев некое животинче од улица. Ми велеа дека е жива среќа што нема слонови кои плачат на улица, оти ќе сум им ги донесела и ќе немало каде да ги стават (се смее).

Од нив ми е и силната љубов кон Македонија и одговорноста кон предците, но и кон идните генерации.

ИМАШ ВЕДАР ДУХ, СЕКОГАШ СИ НАСМЕАНА И ОДДАВАШ ВПЕЧАТОК НА СИЛНА И СИГУРНА ЖЕНА. ДАЛИ ИМАШ “ТЕМНИ” ДЕНОВИ И КОЈ ТИ Е ЛЕКОТ ТОГАШ?

Сите имаме “темни“ денови. Се исцрпува батеријата и си бара повторно полнење. Некогаш е тоа патување, некогаш е бегство во природа, што подалеку од луѓе, некогаш е исклучување на телефонот за викенд, некогаш е поминат викенд под јорган-планина со книга и/или филмови, некогаш е зуење со саати на сонце, на тераса. Некогаш и ќе се исплачам (ми се има случено и на реклама да пуштам солза во такви моменти - си се барал тригерот), ама да не ме види никој - како инаку ќе остане впечатокот за силна и сигурна жена? (се смее)


ПАТУВАЊАТА СЕ ДЕЛ ОД ТВОЈАТА ЖЕД КОН ЖИВОТОТ. КОЕ ТИ ОСТАВИЛО НАЈГОЛЕМ ВПЕЧАТОК И ЗА КОЕ МЕСТО/ГРАД СИ ПОМИСЛИЛА “ЌЕ СЕ ВРАТАМ ПОВТОРНО”?

Секогаш тргнувам со помислата дека тука сум прв и последен пат. Каде и да сум. Затоа и пробувам да видам и да пробам што можам повеќе, оти голем е светот, краток е животот - ако ми се укаже можност, сигурно ќе изберам да одам некаде каде не сум била до сега. Тоа е едно од моите интерни правила - секоја година да одам барем на едно место или една земја каде никогаш не сум била. Веројатно и затоа никогаш не сум помислила дека ќе се вратам повторно, туку се збогувам за навек (го бакнувам морето секогаш). Си оставам парче душа позади себе, а си земам нови искуства и доживувања - совршен начин на регенерација за личност како мене. Досега сум посетила над 40 земји на сите контитенти (нешто приватно, нешто професионално), над 200 градови, а има уште барем двојно повеќе да се види и искуси. 


ВО ЕДНО ИНТЕРВЈУ ИМАШ КАЖАНО (ЧИНАМ БЕШЕ ПОВТОРНО ЗА ЖЕНСКИ МАГАЗИН) “НА ДРУГО МЕСТО МОЖЕБИ СУМ ПОТРЕБНА, НО ТУКА СУМ НЕОПХОДНА”. ШТО ТИ Е ТЕБЕ НЕОПХОДНО ЗА ДА СИ СРЕЌНА И СПОКОЈНА?

Морам да признаам дека тука сопрев за да размислам.

Ме прават среќна мали нешта. Мимози во февруари. Омилениот сладолед. Светулки во август. Ново искуство. Игра со Страшо и Милица. Вдомено улично животно. Кога таксистот на “Ви посакувам убав ден“ ми одговара со “И јас вам“ (не вас).

И поголеми - завршена композиција од која сум задоволна, убава изведба која ми потврдува дека умот и душата ми се правилно насочени. Среќата на другите, особено на блиските. Ме прави спокојна поглед во голема водена површина. Езеро, море. Долго гледање во ѕвездено небо, кога се потсетувам колку сме мали и безначајни во целиот Универзум (или мултиверзум) и колку уште побезначајни ни се проблемите - едно зрнце песок во пустина, а и колку е драгоцено ова кратко парче време кое ни е дадено на планетава.

Ме прави спокојна memento mori, ама затоа и memento vivere.

Само тоа ми е неопходно да се потсетам, за да бидам среќна. Среќата е избор и благодарност за можноста да се постои.


ОМИЛЕН СПОМЕН ОД ДЕТСТВОТО, СЛУЧКА?

Патот до Црна Гора, речиси секое лето, со легендарниот стокец на татко ми, неговиот единствен автомобил цел живот, кој си го купил со пари добиени на спортска прогноза 1973 година. Тргнувавме рано наутро, околу 2 часот. По пат се вежбаше математика (таблица множење), се раскажуваа лектири и книги, се пееше. Секогаш застанувавме наутро во една борова шума (не знам точно каде), за татко ми да одмори пред да продолжи да вози. Убедена бев дека татко ми е најдобриот возач на светот. И уште сум (се смее).

Моментите на рестрикција на струја, кои мајка ми ги правеше многу забавни - игравме жмурки дома сите четворица, рецитиравме песнички јас и сестра ми, со поклонување и сите салтанати - мајка ми секогаш смислуваше илјада и еден начин да не’ анимира, од тешка ситуација да направи интересно доживување, од ништо да направи нешто.

Прошетка со мајка ми на изгрејсонце покрај морето близу Корчула, ги слушаме камбаните и сретнуваме рибари кои вадат октоподи.

На излезот од градинка заедно со татко ми ме чека црвен пони-велосипед, за кој не верувам дека е за мене.

Моментот кога сфатив дека сме минливи. Прво одделение, пишуваме “Работа на час“, датум 30.12.1985. Наставничката ни кажува дека следниот пат на час ќе пишуваме 1986. Си одев кон дома, очите ми се наполнија со солзи (го има тоа ефектот на диоптриско стакло, па имав чувство дека бекатонските плочки се подигнати кон мене) и си помислив дека ете, никогаш, до крајот на животот, нема да се повтори 30.12.1985 и нема да се врати.


КАКО ИЗГЛЕДА ПРОЦЕСОТ НА СОЗДАВАЊЕ МУЗИКА, ШТО Е ОНА ШТО ЗАПОЧНУВА ДА СЕ СЛУЧУВА ВО ТЕБЕ КОГА СОЗДАВАШ?

Некогаш е облак од звук, некогаш е емоција, некогаш е енергија, некогаш е боја, слика, тембр, комбинација нивна, некогаш е краен рок. Тоа е почетокот.  Креирам нов микрокосмос, со свои правила и параметри, согласно идејата, секогаш одново. Сама си го создавам основниот материјал (што за вајарот е мермерот, бронзата, глината, за сликарот - боите и површината, за писателот - јазикот) и од неговиот потенцијал зависи архитектониката и драматургијата.

За понатамошниот сегмент од процесот - како добар мајстор, не си ги откривам сите тајни.

ВЕЛАТ ДЕКА АКО ЧОВЕК ГО БИВА ЗА ЕДЕН ВИД УМЕТНОСТ, СИГУРНО ГО БИВА И ЗА УШТЕ НЕКОЈА ДРУГА. КАДЕ БИ СЕ ПРОБАЛА?

Прво бев балерина. Навистина, пред да ги убедам моите да ми купат клавир, одев на балет. Откако паметам за себе цртам (затоа и ги споменав прецизното око и рака наследни од татко ми), добивав и награди за цртање; пишувам, добивав и награди за раскази и есеи, имам и една награда за песна (поезија).  Ко-режисер сум на два филма, од кои едниот имаше премиера на Берлинале, другиот на Сараево филм фестивал, автор на две сценарија. Значи, не во некое идно време би се пробала, туку би сакала да имам малку повеќе време да можам повеќе да ги развивам овие свои аспекти.

И многу сакав математика и добивав награди и за тоа. Уште ја сакам, како и сите природни науки.


КОЈА Е ЦЕНАТА КОЈА ЈА ПЛАЌАШ ЗА СВОЈАТА СЛОБОДА И ЗА ХРАБРОСТА ДА ЖИВЕЕШ И ГОВОРИШ ОНА ШТО САКАШ И ЧУВСТВУВАШ?

Нема цена. Слободата е бесценета.

ДАЛИ НЕКОГАШ ТИ ДОАЃА ОД СЕ’ ПРЕКУ ГЛАВА ЗА ДА СИ РЕЧЕШ “ДОСТА МИ Е, СИ ОДАМ ОД МАКЕДОНИЈА”?

Да, ми доаѓа, па дури и пречесто ме заморуваат гротескните ситуации и случувањата без преседан баш во Македонија. А од нас зависи. Неверојатно е колку сме неодговорни кон своето, кон својата историја, својата земја, своите раскошни природни богатства, своето огромно културно наследство, како е возможно толку да немаме самопочит.

Ми доаѓа. Можеби еден ден и навистина ќе го направам тоа. Не знам, од нас зависи.

FairVent Е КОМПОЗИЦИЈАТА КОЈА БЕШЕ ИЗВЕДЕНА СЕГА СКОРО ОД МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА, ЗА КОЈА ДАДЕ МНОГУ СЛИКОВИТ ОПИС НА ТВОЈОТ ПРОФИЛ НА ФЕЈСБУК. FAIR-ФЕР, БЕЗ ДИСКРИМИНАЦИЈА И ФАВОРИЗИРАЊЕ И VENT-ВЕНТИЛ ИЛИ ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ЕНЕРГИЈАТА. “ЈАС СУМ СИТЕ И СИТЕ СЕ ЈАС, ЈАС СУМ СЕ’ И СЕ’ Е ЈАС. ЕДНО.” КАКО ПОИНАКУ ЈА ЗАМИСЛУВАШ ДЕНЕШНИЦАТА И СЕ’ ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО НЕА?

Често си помислувам како луѓето од времето на првото слетување на месечината го замислувале 21 век. Сигурно не вака - луѓе уште да умираат од глад, да гинат во војни, да се жртви на шверц со луѓе (практично робови), педофилија, длабока површност, себичност, кратковидост, затапавеност, хиперконсумеризам и суштинска празнотија. Во 21 век да се учиме да миеме раце?!

Имаше една емисија во деведесетите години, Beyond 2000. Сето тоа изгледаше така достижно тогаш, а сега, во 2022, така далеку.

Развиената технологија веројатно си го бара контрапунктот во развиената свест, но се чини дека се во обратнопропорционална тенденција. Ги имаме сите можности на оваа сино-зелена планета да живееме прекрасен живот. А ние уништуваме се’, почнувајќи од себе, па најблиските, па животинскиот свет, пчелите, птиците, езерата, реките, морињата и океаните, планините и полињата… Ние сме метастазираниот рак на сината планета.

ИМА ЛИ НЕШТО ШТО САКАШ ДА НИ КАЖЕШ, А ШТО НИКОГАШ НЕ ТЕ ПРАШАЛЕ ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?

Имам многу што сакам да кажам, ама да оставиме можност за други прашања и друго интервју (се смее).

За крај, песната која ја посветив на родителите на Дарија кои создале вистински ЧОВЕК. Слава им!

На овој свет луѓе има

Кои умрени се, а живи

Чии коски одамна месо немаат

И ликовите од времето изгризани се

Ама душата нивна уште светот го шета

И во умот на блиските

Присуството нивно тазе е

Како до преѓе тука да биле

И заедно на маса за животот да наздравиле

Како еве, до пред некој час

Топла погача да кршеле

И со сласт од иста чинија

Топло јадење да макале

Тие

Умрените, а живи

Тие никојпат не умираат

Оти чоек во себе ги носи

И со нив во умот муабет си тера

Та и на сон му идат

Ко сватој на гости шо ќе затераат

Ко мене дедо ми шо знај да ми дојди

И со глата абер да ми стори

Дур подзамижан од чадот на цигарата

Синилото од очите му трепери

Или ко баба ми некојпат шо се трга

Кога кинисана сум да ја стиснам силно

Та знај и таа со поглед да ми кажи

Оти има време за да се изнамуабетиме

Ама сега не...не сега

Тие

Тие и таквите

Пред кои смртта немоќна е

Оти можи на чоек само телото да му го грабни

Ама споменот за него останува ко светлина

Ко дума која полна топлина и среќа е

За утеха во време-невреме да дај

А има

Има и живи ко живи да не се

И пред очи ти стојат

Низ патот животен ти се прпелкаат

Ама одмилени и туѓи ти се

Та и мислата за нив тежина ти прават

И не им сакаш лошо

Оти лошото со лошо се враќа

Туку ете

Само да замижиш ко се тука ти иди

И здивот го кратиш за да не ги вдишиш

А и телото самото од нив ти се трга

За воздухот околу нив до тебе да не допри

Има луѓе за кои од душата си даваш

И од се’ што во себе носиш, раздаваш

Не на гробје

Не на плоча мермерна

Не на студен камен

Туку споменот за нив го крепиш

И ги спомнуваш за да не се заборави

Ниту ликот ниту речта нивна да изумри

И милост од душата даваш

И по една солза за секоја тежина раздаваш

Дур душата за нив цел живот ти плачи

Од душа

За душа

Задушница

Ана Бунтеска за Женски магазин