ТАА Е...МЕРИ БАЈРАМОВСКА: „ТАЈНАТА НА УСПЕХОТ ВО ЖИВОТОТ НЕ Е ВО ТОА ДА СЕ РАБОТИ ТОА ШТО СЕ САКА, ТУКУ ДА СЕ САКА ТОА ШТО СЕ РАБОТИ”

Добивај вести на Viber

фото: Стојан Стојановски 2S Studio

Иако не сум била никогаш по шминкањето, отсекогаш сум мислела дека талентот да се исцрта женското лице и да се истакне неговата убавина, е уметност. И не зборувам тука за онаа телевизиска шминка која е тешка (но потребна) за под рефлектори, напротив. Зборувам за шминката која значи секојдневие за секоја жена и со која се вади однадвор она што секоја од нас го има однатре. Впрочем, барем за мене шминката треба да е во функција на карактерот кој не краси.

Мери не ја познавам лично, но секогаш уживам кога ги гледам фотографиите на кои нејзината умешност доаѓа до полн израз. Нема да ви давам долг вовед, ќе ве оставам да се насладите на нејзините зборови, совети и размислувања.

Ladies and gentlemen… МЕРИ БАЈРАМОВСКА.

1.  “MAKEUP BY MERI” Е ТВОЕТО ТРЕТО ДЕТЕ КОЕ ОПСТОЈУВА ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ДЕЦЕНИЈА. ШТО ЗНАЧЕШЕ ЗА ТЕБЕ ОТВОРАЊЕТО НА СТУДИОТО КОЕ (НЕПРИКОСНОВЕНО) Е БРОЈ 1 ВО ОХРИДИАКО ТВОЕТО ИМЕ НЕ Е НЕПОЗНАТО НИТУ НАДВОР ОД ГРАНИЦИТЕ НА МАКЕДОНИЈА?

Веројатно тоа значи остварување на мојот детски сон. Нурнување во самата себе, себепреслушување . Тоа е одговор  на еден внатрешен глас кој постојано ме потсетуваше дека уживам во уметноста, во се што е убаво. Уште како мало девојче сакав да играм со бои. Најпрво на лист хартија, а подоцна и на платно. Цртав женски ликови и ги разубавував со шаренилото на боите.

И денес, по толку изминато време уживам разубавувајќи ги нашите дами, но овој пат  со шминка, извлекувајќи го најубавото од  нив. Шминкањето е моја пасија, моето „јас“ . Веројатно дарбата за оваа уметност сум ја наследила од мојата мајка, а сигурно  во неа ќе “заплови“ и мојата 14 годишна ќерка која уште сега ми парира затоа што одлично шминка.

 Годинава се навршува 12-та година од отворањето на“MAKEUP BY MERI”. Во него  биле  Наташа Беквалац, Теа Таировиќ, Александра Матрих, Јелена Бачиќ Алипчич, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Викторија Лоба, Антониа Гиговска, Лина Пејоска, Андријана Петрушовска, Барабара Поповиќ, Наташа Малинкова, Мариа од „Eye Cue“, Сара Гигова, Елена Велеска, Сузана Гавазова, Соња Трчуловска, Мелани Трчуловска, Влатко Лозаноски, Ристе Ристески, Ѓоко Танески  и многу други девојки и жени. Сите тие добиваат еднаков третман. Односно се трудам да ги разубавам максимално.

2.МАГИСТАР СИ ПО ТУРИЗАМ, ВРАБОТЕНА НА АЕРОДРОМОТ СВ. ПАВЛЕ АПОСТОЛ-ОХРИД, СОПРУГА СИ И МАЈКА СИ НА ДВЕ ДЕЦА, А ПОПАТНО ЦЕЛОСНО СИ АНГАЖИРАНА И ВО СТУДИОТО. КАКО ЖОНГЛИРАШ СО СИТЕ УЛОГИ ВО КОИ БЕСПРЕКОРНО ПЛИВАШ?

Жонглирање со шишиња, жонглирање со тркала, со животот....интересен термин кој секогаш ме тера на размислување . Во која мера успеваме успешно да жонглираме со животот и со сето она што го прави едноставен или сложен, покажува времето и погледите на луѓето за сето она што сме го направиле како група или единка. Веројатно семејството е приоритет кој не се споредува со ништо.  Сопствените деца се над се, а потоа доаѓа се останато. За мене е неприфатлив поимот „немав време... “. Тоа е само  оправдување  за лоша организација и напразно потрошено време. Успешен човек, менаџер или лидер може да биде само оној  кој умее убаво да се организира и приватно и професионално.  Мислам дека добро ми оди во жонглирањето и во ускладувањето на улогите и како мајка, сопруга, специјалист по обука, инфлуенсерка и шминкерка, другар и пријател.Секој од нас во едно деноноќие  добива 24 часа време. Доколку немате доволно време за да го повторите материјалот за испит, да отидете на пијачка со пријателите или да прочитате книга, тоа не е затоа што немате време, туку затоа што така сте одлучиле. Наместо овие активности, сте избрале да правите нешто друго. Така и јас покрај работата која што ја работам на Аеродром веќе 24 години, одлучив остатокот од времето да го поминувам креативно со шминкање кое ми дава многу повеќе сила понатаму да се справам со домашните обврски и да се посветам со љубов максимално на моите деца. Ништо не би било доволно и целосно, доколку ја немав вистинската подршка од мојот сопруг и фамилијата, бидејќи само така се постигнува вистинскиот успех во она што го сакаме и го работиме со задоволство.

3.ТВРДАМ ДЕКА МЕЈК АП АРТИСТИТЕ СЕ УМЕТНИЦИ, ЧИЕ ПЛАТНО Е ЛИЦЕТО НА ЖЕНАТА. КОЛКУ Е ТЕШКО ИЛИ ЛЕСНО ДА СЕ НАСЛИКА ТОА ПЛАТНО ЗА ДА ИЗГЛЕДА ПРИМАМЛИВО ЗА ОКО, А СЕПАК ДА НЕ ЈА ИЗГУБИ СВОЈАТА АВТЕНТИЧНОСТ?

На ликовен уметник, изработувач на фреско живопис ,на мозаист не  им  е тешко да му дадат  живот на материјалот на кој работат, затоа што тоа го прават со љубов.  Истото се случува и со шминкањето. Го цртате ликот за да го разубавите, трошите многу енергија, но штом ќе здогледате радосни очи, искрена насмевка и топло благодарам, како да оживувате повторно и настојувате секој следен пат да бидете подобри во „својата креација“. А дека сте навистина добри потврдуваат  клиентите кои поворно  и повторно доаѓаат за шминка.Добивате фидбек од другата страна,а тоа е задоволни и убави лица.

4.ЕДНОСТАВНО ЛИ Е ДА СЕ РАБОТИ СО ЖЕНИ? ДАЛИ И КОЛКУ ПРИФАЌААТ СУГЕСТИИ КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ ФИЗИЧКИОТ ИЗГЛЕД, ОСОБЕНО ДОКОЛКУ ДРАСТИЧНО СЕ РАЗЛИКУВА ТВОЈАТА ЗАМИСЛА ОД НИВНАТА?

Работата со луѓе значи средба со различни карактери, вкусови, чувство за убавина, темперамент, различни очекувања и погледи. Toa и ја одредува тежината на работата. Сепак на крај успеваме да се ускладиме  како најдобро треба да изгледа ликот што се шминка. Секако дека ја почитувам  желбата на клиентот. Тоа е и замислата на услугата која ја давам на крај да имам задоволен клиент.

5. КОРИСТИШ РЕНОМИРАНИ И КВАЛИТЕТНИ БРЕНДОВИ. ПАМЕТАМ ДЕКА МАЈКА МИ ОТСЕКОГАШ МИ ВЕЛЕЛА ДЕКА ДУРИ И ДА СТАВАМ САМО СЈАЈ ЗА УСНИ, ДА ГЛЕДАМ ДА БИДЕ КВАЛИТЕТЕН. КОЛКУ ГО ИЗМАЧУВАМЕ ЛИЦЕТО СО КОРИСТЕЊЕ НА НЕКВАЛИТЕТНА ШМИНКА И КОИ СОВЕТИ БИ ГИ ДАЛА КАКО НЕСЕСЕРОТ ДА НИ Е СО ДОБРИ, А СЕПАК ДОСТАПНИ ЗА ЏЕБ ПРОИЗВОДИ?

Не е доволна само моќта на дланките и умешноста на оној што шминка  туку и квалитетот на поизводите што се користат.Јас никогаш не сум штедела на квалитетна шминка, затоа што знам дека квалитетот секогаш ќе ги  враќа дамите кај мене. Користам најреномирани  брендови кои се движат со репутација за иновации, софистицираност и супериорен квалитет на ниво на престиж на ултра премиум луксуз: M.A.C.- Urban Decay - Estée Lauder - Bobbie Brown - Make Up For Ever - Sephora - Lancôme. Anastasia Beverly Hills , Kiko Milano,Тhe Balm Cosmetics ,Tarte Cosmetics,Too Faced и многу други брендови кои се синоним во целиот свет дека шминката претставува уметност, со талентирани уметници со стил, чија елегантнција ги красат страниците на сите водечки списанија и со кој се достигнува врвот во козметичката уметност. Токму затоа одбрав да работам со високо квалитетни фирми бидејќи сметам дека секоја жена го заслужува најдоброто.

Домашниот пазар може да се подобри само со пратење и воведување на сите светски новитети. Се’ се движи и менува. Промените се најстабилната константа во светов. Истото се случува и во модата.  Затоа секогаш треба да се следат модните трендовии навреме да се известува за новите модни текови во шминкањето . Кога почнав да шминкам имав голема желба и љубов,но тоа е само првиот предуслов,понатаму тие два предуслови треба цело време да се потхрануваат со многу работа,пратење на светски трендови, инвестирање,креативност и уште повеќе желба и љубов.

6.ОХРИД Е ТВОЈАТА ОАЗА, НЕ САМО ЗА РАБОТА ТУКУ И ЗА СПОКОЈ. ДОКОЛКУ БИ ИМАЛА МОЖНОСТ, ВО КОЈА СВЕТСКА МЕТРОПОЛА БИ ОТВОРИЛА СВОЕ СТУДИО И ЗОШТО ТОКМУ ТАМУ?

Своја на своето. И повторно да се родам, би избрала да  живеам и работам во Охрид. Тука сум целосно реализирана, опкружена со љубовта на најблиските, реализирана во професијата и во приватниот бизнис преку кој уметнички „воскреснувам“ со многу клиентки. Ништо не би менувала. Можеби јас сум добар пример дека не може и не треба се’ да е сконцентрирано во метрополата.

Имав многу понуди не само во Скопје, туку и надвор од државата, но Охрид за мене претставува раскошна убавина. Се’ што посакував пронајдов во мојот прекрасен роден  град Охрид.

7.ТРЕНДОВИТЕ СЕ МЕНУВААТ ОД ГОДИНА ВО ГОДИНА. ЛИЧНО, КОЈА ШМИНКА ЗА ТЕБЕ Е БЕЗВРЕМЕНСКА И ЗОШТО?

Кокета шминката кое подразбира руменило на образите и природен сјајен изглед ќе продолжи да биде водечкиот тренд и оваа година. Се’ што ви треба е течно или кремасто руменило и неколку потези да го нанесете правилно. And, you’re ready to go!

8. DAILY MAIL, COSMOPOLITAN, BILD.DE, GLAMOUR PARIS СЕ ПОЗНАТИ МЕДИУМИ КОИ ИМААТ ПИШУВАНО ЗА ТЕБЕ. КОЛКУ СЕ ВАЖНИ ОВИЕ ПРИЗНАНИЈА ОД АСПЕКТ НА ПОТТИК ЗА ПОНАТАМУ?

Ја имав таа привилегија за мене да пишуваат светски реномирани медиумски куќи како што се: Daily Mail, Cosmopolitan, Bild.de, Glamour Paris, а моите видеа беа прикажани и на неколку телевизии, меѓу кои и турската Tv8. Моите мејкап трансформации денес се сензација на социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук, а дел од нив станаа вирални.

https://www.dailymail.co.uk/femail/article-3485733/How-six-pack-just-MAKE-Vlogger-reveals-diamond-contouring-trick.html

https://www.ellecanada.com/beauty/makeup-and-nails/leg-contouring-is-a-thing-now

https://www.usmagazine.com/stylish/news/beauty-blogger-tries-to-make-leg-contouring-happen-w201842/

https://poiseandpurpose.com/leg-contouring-is-a-thing-and-i-dont-know-how-to-feel-about-it/

https://www.dailymail.co.uk/femail/article-3524499/Is-CONTOURING-answer-slim-legs-Forget-face-beauty-bloggers-using-make-trick-perfect-pins.html

https://www.simplemost.com/using-makeup-to-contour-your-legs-are-we-taking-it-too-far/

https://www.allure.com/story/leg-contouring-instagram-trend

https://www.self.com/story/leg-contouring-is-now-a-thing-and-its-absolutely-mesmerizing-to-watch

https://www.popsugar.com/beauty/How-Contour-Legs-Makeup-40805125

https://www.newbeauty.com/leg-contouring-is-hereand-its-ludicrous/

https://www.her.ie/beauty/makeup-artist-shows-how-to-chisel-stomach-with-diamond-contouring-trick-282733

https://galoremag.com/people-contouring-legs-now/

9.ИМА ДЕНОВИ КОГА НА ЧОВЕК МУ Е ПРЕКУ ГЛАВА ОД СЕ И КОГА НЕ МУ СЕ СТАНУВА ОД КРЕВЕТ. ШТО ТЕ МОТИВИРА И КОЈА Е ТВОЈАТА ФОРМУЛА ЗА ДА ГИ ОСТАВИШ ТИЕ ДЕНОВИ ЗАД СЕБЕ И ДА ГО ГРАБНЕШ МОМЕНТОТ?

Моето животно мото е никогаш да не се откажувам од своитецели и соништа . Пауло Коељо  рекол “Кога нешто силно посакуваш целата Вселена создава заговор за да го добиеш тоа.”И кога имате проблеми и се чувствувате како цел свет да го носите на грб,сетете се дека:Секогаш пред изгрејсонце е најтемно!Она што ме води напред е мојата фамилија,бидејќи само така се постигнува вистински успех во она што го сакаме

10.  ВО 2022 ГОДИНА ДОБИ НАГРАДА ЗА МЕЈК АП ИНФЛУЕНСЕР НА ГОДИНАТА, А НА ДРУГА МАНИФЕСТАЦИЈА ВО ДЕКЕМВРИ 2023 ГОДИНА ПОВТОРНО ГО ОСВОИ ПРВОТО МЕСТО ЗА МЕЈК АП ИНФЛУЕНСЕР. ОЧИГЛЕДНО Е ДЕКА КВАЛИТЕТОТ СИ ГО ДОБИВА ОНА ШТО ГО ЗАСЛУЖУВА. КАКОВ СОВЕТ БИ ИМ ДАЛА НА МЛАДИТЕ КОИ ПОЧНУВААТ СО ОВАА ПРОФЕСИЈА? КОИ СЕ МОМЕНТИТЕ КОГА ТРЕБА ДА ЗАГРИЗАТ ЗА ДА ПОСТИГНАТ УСПЕХ, А КОГА ТРЕБА ДА ПОДЗАСТАНАТ?

Токму така на четвртиот „U&Z Influencer Awards“, што се одржа на 12 декември во „Ederra Rooftop“, во организација на специјализираниот магазин за жени „Убавина и здравје“ ја имав таа чест да добијам награда за „Makeup influencer Award“ за 2022 година.

Оваа награда ми преставува голема чест и поттик за понатамошен успех исто така оваа награда ја посветив на мојата сограѓанка Маја Миа која прерано замина од овој свет, а ми беше голема поддршка во моите почетоци.

На 13 Декември во  “Музеј на македонската борба” во Скопје, се оддржи шестото по ред издание на настанот “Жени претприемачки”, во чиј склоп, беа доделени наградите за “Жена на годината 2023 во вкупно 10 категории.

Меѓу избраните, се најдов и јас како позната мејк ап артистка. Голема е честа, задоволството и одговорноста да се понесе оваа титула. Според гласовите на публиката и жири комисијата бев победничка во категоријата: – Инфлуенсерка на годината, во конкуренција на уште 4 други дами кои се најдоа во финалниот избор. Оваа награда ми преставува голема чест и поттик за понатамошен успех, бидејќи не е доволна само моќта на тоа што го работите туку треба некој и да го препознае.

11.  РАЗМИСЛУВАШ ЛИ ЗА ОТВОРАЊЕ НЕКОЈА АКАДЕМИЈА ЗА ОБУКА/ЕДУКАЦИЈА НА ИДНИ МЕЈК АП АРТИСТИ ИЛИ ЗА СТАВАЊЕ НА ХАРТИЈА НА ТВОИТЕ ИСКУСТВА?

Секако Да.Тоа ќе биде академија на  високо ниво каде ќе се совладуваат техниките на професионално шминкање со декоративна козметика, ќе се говори за новите трендови во шминкањето. Моето знаење и достигнување во оваа уметност со задоволство  практично ќе го пренесам на секој што сака да се занимава со оваа дејност.

12.  ОТПРИЛИКА ПОЗНАТИ СЕ ГРЕШКИТЕ КОИ ГИ ПРАВИМЕ СИТЕ ВО ШМИНКАЊЕТО (НЕСООДВЕТНА ШМИНКА, НЕСООДВЕТНА ПУДРА). НА ШТО ДА ВНИМАВАМЕ?

Најголем број од жените имаат конкретни навики и начини на кои нанесуваат шминка, како и различни типови на шминкање за различни периоди од денот.Тоа што е најважно да знаеме кога станува збор за овој „ритуал“ е тоа дека кога ќе се погледнеме во огледало и го воочиме крајниот резултат, треба да се чувствуваме удобно во сопствената кожа.Но, сепак постојат одредени правила ако сакаме нашата кожа на лицето да изгледа беспрекорно, па затоа избегнувајте ги овие грешки коишто свесно или несвесно најголемиот дел од женската популација ги прават.

Прва грешка и најголем проблем е користење на неквалитетна козметика.

Втора грешка е нанесување на погрешни нијанси на пудра.

Трета грешка е нанесување на руменило на погрешен начин.

Совет за секоја девојка е…

Немојте никогаш да купувате, а уште помалку да дозволите некој да ве шминка со неквалитетна шминка.Ова е многу погрешно! Не само што можете да предизвикате иритација на вашата кожа, туку со нејзините бројни токсични и опасни состојки го загрозувате вашето здравјето.

13.  ШТО Е СПОКОЈ ЗА МЕРИ? ШТО ТИ ГИ ПОЛНИ БАТЕРИИТЕ?

Дефинитивно дружбата со моите деца. Тие се мојата сила и извор од кој црпам енергија. Потоа доаѓа уживањето  во природа, дружењето со пријателите, кафе средбите со нив. Јас отсекогаш сум сакала и сум се восхитувала  на убави нешта. Убавината ме насочува и јас да творам убавина. Да разубавувам дами цртајќи ги нивните ликови. Всушност, за да си најдеш спокој во она што го работиш треба да го правиш чесно и со многу љубов. Никогаш не сум завидувала, туку сум се восхитувала на се’ што е убаво  и отсекогаш сум сакала да креирам убави нешта. Веројатно тоа сум го реализирала преку шминкањето.

14.  ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ СПОДЕЛИЛА СО НАС А НЕ СИ ГО КАЖАЛА ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ ДОСЕГА?

Во животот разликата помеѓу успехот и неуспехот помалку или повеќе се должи на храброста. Никој не успеал без труд и напорна работа, а секако, потребна е и среќата. Човек не може да се искачи по скалилата на животот со рацете в џеб.  Затоа би им порачала на сите млади да останат во нашата прекрасна земја Македонија која нуди прекрасни услови за  живот и работа. Потребно е  само внимателно да  ги забележуваат шансите кои животот им ги нуди. А шансите не се случуваат,  тие се создаваат пред оние кои вредно и чесно работат.Успехот вообичаено доаѓа кај оние кои се премногу зафатени за да го бараат. Тајната на успехот во животот не е во тоа да се работи тоа што се сака, туку да се сака тоа што се работи.

За крај....драга Мери, ти посакувам само успеси и љубов во се што правиш. Ти благодарам што беше гостинка во првото интервју на ТАА Е... во 2024 година.

Да можам назад да се вратам

ете, в рака временско далечинско да имам

и на rewind да стиснам

ќе се вратам на почетокот

ќе вртам назад до мигот ко те сретнав

и во сета наша приказна

само едно нешто ќе сменам

карминот!

да, не туку се смеј

и не ме прави улава

ти велам, да можам назад да се вратам

со црвен кармин ќе бидам

и таква стокмена сиот бол ќе го изврвам

жигосана со бакнежи

облепена со здивови

и ќе тропам со штиклите

небаре можам на асфалтот дупчиња да направам

исправена

со главата угоре и душа удолу што влече

и на усните црвениот кармин

како оној кој баба ми го носеше

со години, децении

за венчавки, повојници и погреби

кога животот славеше

а смртта на живите им наздравуваше

со мал намиг за скорешно видување

со црвен кармин

како од крв бојата да му е дадена

со таков кармин животот се врви

и на секое паѓање

уште еден слој се става

за да се знае дека мора плеќите да ги исправиш

колената да ги зачистиш

косата да ја спастриш

и повторно напред да одиш

со рацете во тупаници

и гордост во чекорот

со очи кои не трепкаат на сонце

ниту пак на дождот замижуваат

оти солзите однатре ти течат

и насмев

насмев на лицето мила

замрзнат и исцрвен

како роза трнлива

како крв на усните да имаш

ете така низ животот се оди драга моја

со црвен кармин

во онолку слоја колку што душата ти тежи

драга моја