ТАА Е...СТАША БОЖИНОВСКА!: „НА ПАТОТ КОН УСПЕХОТ НИКОЈ НЕ ЧЕКОРИ САМ”
Некои ќе речат дека ТАА Е од градот на конзулите, други ќе ви кажат дека е од градот домаќин на фестивалот Браќа Манаки, трети ќе го спомнат и Пелистер....а за мене?! За мене, мојата денешна гостинка е од градот чиј мирис ми ровари во утробата и ме потсеќа на детство, слатко од сливи, шмек на боемштина и широчина на душата. Таа е од (мојата) Битола која ме боли исто онолку колку што ме гали со спомените. Иако Сташа има само 25 години, на моменти имав чувство дека разговарам со искусна жена во чиј збор се собрани неколку животи наназад. Познавајќи ги нејзините родители, во секоја нејзина реченица распознавав нишки кои со текот на своето растење и созревање попатно ги собирала и од двајцата. Но она што најмногу ме фасцинираше кај неа, беше љубовта кон нашето исконско (оставено во наследство) богатство од зборови кои се печат на постоењето на еден народ. И за да не должам, а да видите зошто токму вака ви ја претставив денешната ТАА Е.... само ќе ви кажам:
Дами и господа…СТАША БОЖИНОВСКА!
“ДУМА” Е ТВОЈОТ ОБИД ДА СЕ СОЧУВА РИЗНИЦАТА НА АРХАИЧНИ ЗБОРОВИ СО КОИ ИЗОБИЛУВА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК. СО ОГЛЕД НА ТВОЈАТА ВОЗРАСТ И ВРЕМЕТО ВО КОЕ ЖИВЕЕМЕ, КАКО И СЕКОЈДНЕВНАТА УПОТРЕБА НА ЖАРГОНОТ И АНГЛИЦИЗМИТЕ, КАКВА ПОРАКАНОСИТВОЈАТАКОЛЕКЦИЈА?
„Во време каде што границите се бришат и културите се преплетуваат, македонскиот јазик останува наша длабока врска со корените и приказните на предците.“ Ова е пораката што сакам да ја пренесам преку „ДУМА“. Во времето на нашите родители кога модерната технологија не била толку развиена, па своето слободно време го посветувале на читање книги на македонски јазик или, во ретки случаи, на српски јазик. Денес, ние сè повеќе се оддалечуваме од нашиот јазик поради големата употреба на социјалните мрежи и интернетот. Англицизмите и другите странцизми стануваат дел од секојдневието, а често, дури и на сред разговор, не можеме да се сетиме на точниот збор на македонски, па посегнуваме по англискиот еквивалент. И мене ми е полесно да пишувам и да се изразувам на англиски, но со оваа колекција и целиот проект „ДУМА“, јас свесно се трудам да го збогатам и да го користам мојот македонски јазик поелоквентно. Сакам мојата колекција да нéпотсети сите нас на богатството што го носи нашиот јазик, да инспирира љубопитност кон старите зборови и нивното значење, и да нè поттикне да го зачуваме и да го негуваме за идните генерации.
“ЈАЗИЧНА МЕМОРИЈА” БЕШЕ ТВОЈОТ ПРВ ПРОЕКТ СО КОЈ СЕ ИЗДВОИ НА МАКЕДОНСКАТА СЦЕНА. КОЛКУ БЕШЕ ТЕШКО ИЛИ ЛЕСНО ДА СЕ ИЗВЕДЕ ЕДЕН ТОЛКУ СЕРИОЗЕН ПРОЕКТ ОД ЕДНА МЛАДА ЖЕНА?
Додека работам на нешто и сум фокусирана на тоа, не ми претставува никаква тежина. Напротив, кога инспирацијата ми го исполнува целото тело, многу брзо и едноставно се посветувам на дизајните. Овој цел процес за мене е апсолутно предизвикувачки, исполнувајќи ме со чувство на среќа, бидејќи си докажав и покажав дека го одбрав вистинскиот пат во мојот професионален живот. Но, проблемот кај уметниците е токму доаѓањето до таа инспирација. „Јазична меморија“ беше резултат на еден таков момент на инспирација. Јас сум тип на личност која функционира кампањски – отсекогаш било така. Секогаш ја завршувам работата, но најчесто ги користам последните сили – свои и на сите околу мене. Причината за тоа е што не започнувам ништо додека не почувствувам дека сум подготвена и дека во тој момент ќе го извадам најдоброто од себе. Овој пристап не е секогаш позитивен, особено кога работиш во тим, но за самостојна работа, како што беше овој проект, ми помогна да постигнам резултати со кои сум горда. „Јазична меморија“ не беше само предизвик, туку и можност да покажам дека кога инспирацијата е тука, можеш да создадеш нешто навистина значајно. Во однос на метафоричната тежина на овој проект, мислам дека тукушто почнувам да ја разбирам, но сигурна и среќна сум што „Јазична меморија“ и „Дума“ ќе останат олицетворение на македонскиот јазик во модерно издание.
СЕ ЧИНИ ДЕКА УМЕТНОСТА Е ДЕЛ ОД ТВОЈОТ ЖИВОТ ОД ПОВЕЌЕ АСПЕКТИ. ВО 2015 ГОДИНА ДОБИ СПЕЦИЈАЛНА ПОФАЛНИЦА ЗА НАДЕЖЕН МЛАД АВТОР СО ФОТОГРАФИЈАТА „DIVERSITY AND LOVE “ („РАЗЛИЧНОСТ И ЉУБОВ“). КОЛКУ Е СЕГА ПРИСУТНА ФОТОГРАФИЈАТА ВО ТВОЈОТ УМЕТНИЧКИ ИЗРАЗ?
Во основно и средно образование бев дел од Народна Техника–Битола, во секцијата за фотографија. Во тоа време учествував во повеќе регионални и државни натпревари и добив неколку први и втори места. Фотографијата ми беше првиот начин на комуникација преку уметноста, но сега повеќе работам со други форми на уметност, како накитот, дизајнот и концептуалната уметност. Сепак, фотографијата останува мој верен пријател и инспирација, особено кога се работи за визуелното истражување на теми кои ми се блиски. Иако не сум повеќе фокусирана на фотографија, таа и понатаму се јавува во некои од моите проекти, понекогаш како начин да ја забележам атмосферната естетика, а понекогаш како дополнување на концептот што го истражувам. Сега, повеќе ја гледам како алатка која ми помага да ги изразам и документрам новите идеии визуелно раскажување на приказни и концепти.
ТВОЕТО ШКОЛУВАЊЕ ВО МИЛАНО БЕШЕ ПРЕКИНАТО СО КОВИД ПАНДЕМИЈАТА. ПОМИСЛУВАШ ЛИ ДА СЕ ВРАТИШ ТАМУ ИЛИ УШТЕ СЕ ВОДИШ ОД ИДЕЈАТА ДЕКА САКАШ ДА ОСТАНЕШ ТУКА И ДА ОТВОРИШ СВОЕ СТУДИО ЗА ДИЗАЈН НА НАКИТ?
Еден од поубавите периоди во мојот живот беше времето поминато во Милано. Научив премногу од големи професионалци во светот на уметноста и дизајнот, но и Милано како место за живеење е инспиративно и прекрасно. Пандемијата ме затвори во Македонија кога најмалку очекував и останав тука. Во тоа време никогаш не би одлучила на таков чекор но поради склоп на околности немав можност да се вратам во догледно време. По долг период во кој немав можност да патувам, решив моите ограничувања да ги трансформирам во предизвици, од кои предизвик беше лимитираноста на вакви занаети, па одлучив да донесам нешто ново во нашата држава. Благодарна сум што можам повторно да патувам и да го посетам Милано кога сакам, но чувствувам дека моментот за започнување на нешто свое е токму овде, во Македонија. Мојата цел е да отворам студио за дизајн на накит кое не само што ќе создава уникатни парчиња, туку и ќе ги претставува културата и вредностите на нашата земја. Милано секогаш ќе остане дел од моите патувања и инспирација, но мојата визија е насочена кон тоа да изградиме нешто вредно тука, на наштерен.
ЧЕСТОПАТИ ДЕЦАТА ГО НОСАТ БРЕМЕТО ОД УСПЕХОТ НА СВОИТЕ РОДИТЕЛИ. КОЛКУ ТИ ПОМОГНА ИЛИ ОДМОГНА ТОА ШТО СИ ЌЕРКА НА САНДРА И ИГОР БОЖИНОВСКИ, СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА МНОГУМИНА СЕ СО ДЕВИЗАТА ДЕКА Е ЛЕСНО ДА СЕ УСПЕЕ КОГА ИМАШ ГРБ, ИАКО ТИ ВЕЌЕ СЕ ДОКАЖА САМОСТОЈНО?
Секако дека сè што имам направено е благодарение на најголемата поддршка од моето семејство. Моите родители секогаш се тука да ми дадат совет и да ми бидат ветар во грб за секоја моја идеја која сакам да ја реализирам. Апсолутно е вистина дека треба да бидам благодарна за сè што ми било пружено, вклучувајќи го и моето студирање надвор од државата, особено на толку престижна академија за дизајн во центарот на модата во светот. Но, точно е и тоа дека растејќи во фамилија која изградила бизнис од нула,притисокот е голем. Не е пријатно кога деца на твоја возраст секојдневно повторуваат дека сè ти е лесно, кога единствено сакаш да бидеш другар и да бидеш на иста бранова должина со нив. Но, тој притисок не е важен на крајот од денот. Важно е само сам да не си правиш притисок, мислејќи на големите очекувања од родителите. Тие секогаш ќе бидат среќни и со најмал успех на нивното дете. Сега разбирам дека луѓето што ми се блиски и ги сакам знаат дека за сè што правам го давам целото мое срце и љубов, но и секогаш барам помош од истите, кои секогаш безрезервно ми ја даваат својата поддршка. Неколку пати ја имам повторено една реченица на мајка ми, па еве повторно – на патот кон успехот никој не чекори сам.
ДА СЕ СОЗДАВА НЕШТО ШТО БАРА НЕ САМО ЧУВСТВО НА ЕСТЕТИКА ТУКУ И ДЛАБОЧИНА НА ДУХОТ Е ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК. ШТО Е ОНА ШТО РОВАРИ ВО ТЕБЕ И ЕДВАЈ ЧЕКА ДА ТИ ИЗЛЕЗЕ НИЗ ПРСТИТЕ?
Како што многупати сум кажала, приказните и чувството кое тие го создаваат се моја најголема инспирација. Сакам секое парче накит што ќе го создадам да пренесе лична приказна и да се чувствува како создадено баш за оној што ќе го носи. Иако тоа не е секогаш можно, посебно кога не станува збор за лична нарачка, мојата цел е секој дизајн да носи емоција која ќе биде длабока и значајна. Кога работам на нешто, најпрво се водам од чувството што сакам да го пренесам, а дизајнот доаѓа потоа. Тоа беше токму случајот со колекцијата „Дума“. Не случајно ги избрав тие архаични зборови – има многу други што можеа да бидат вклучени, но секој збор кој го избрав го одразува чувството што го доживувам. На пример, брошот „Залез“ го создадов неверојатно брзо – како интуитивен израз на мечтателите, луѓе кои сонуваат и во бајките патуваат. Од друга страна, „Веда“, чија дефиниција е спротивност на два моќни полнежи, е симбол на внатрешниот конфликт помеѓу моите емоции и рационалноста. Секое парче што го создавам е мал дел од мојата душа. Тоа е израз на моето детско „јас“ кое сè уште верува во магија, приказни и длабоки, недопрени чувства.
ТВОЈАТА ИЗЛОЖБА ПРЕДИЗВИКА МНОГУ ГОЛЕМ ИНТЕРЕС, НО ТИ БЕШЕ ДЕЦИДНА ДЕКА ИЗЛОЖБАТА НЕ Е ПРОДАЖНА. ЗОШТО ОВОЈ СТАВ? ДАЛИ СЕ РАБОТИ ЗА ЕМОТИВНА ПРИВРЗАНОСТ КОН СОЗДАДЕНОТО ИЛИ ИМАШ НЕКОЈ ДРУГ МОТИВ?
Искрено и реално, морам да признаам дека сум многу емотивно поврзана со мојот накит, колку и да се трудам да го гледам објективно. Долго размислував како да постапам и што да правам со него, но одлучив дека најпаметно е да не брзам. Ова е мојот прв чекор кон мојот кариерен пат, и од самиот почеток решив да создадам единствени парчиња кои нема да имаат реплика. Имав долги разговори самата со себе, но и со моите родителии на крајот дојдов до заклучокдека ова е долгорочен проект. Сакам да го завршам и целосно да го оформам пред да донесам било каква непромислена одлука. Најмногу размислувам за идејата накитот да биде предмет на аукција, од која дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка и едукација на млади уметници – идеја која многу ми значи. Што се однесува до одлуката секое парче да биде единствено, таа дојде сосема природно. За разлика од дилемите за продажбата, таа беше лесна за мене. Моќта на единственоста носи силна порака, особено за оние кои ќе го поседуваат тоа парче. Секој дизајн е креиран со специфична порака и енергија, и мислам дека идејата за едно парче – едно значење, со порака што се поврзува со таа личност – е нешто што ја доловува вистинската суштина на мојата уметност.
ВЕЛАТ ДЕКА САМО ПОД ВЛИЈАНИЕ НА ГОЛЕМА ЉУБОВ ИЛИ ГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА ЛУЃЕТО СЕ МЕНУВААТ ОД КОРЕН. ПРЕД НЕКОЈА ГОДИНА ДОЖИВЕА СТРАОТНА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА КОЈА РЕЗУЛТИРАШЕ СО ДОЛГОТРАЈНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ. КАКО ТЕ СМЕНИ ТАА ПРЕСВРТНИЦА ВО ТВОЈОТ ДОТОГАШЕН ЖИВОТ И ШТО ОСОЗНА ЗА СЕБЕ?
Тоа беше екстремно тежок период, не само за мене, туку и за голем број на мои блиски. Поминав низ сето тоа со огромна поддршка од моето семејство и пријателите, но вистината е дека секојдневно се навраќам на тие моменти кога се чувствував најтешко. Најголемата лага е дека времето лечи сè. Болката не исчезнува, само се учиш да живееш со неа. Таа станува дел од тебе, од твојот живот и одлуките што ги носиш. После несреќата и за време на закрепнувањето, изгубив мотив и волја за многу нешта. Голем дел од времето го поминував дома, во кревет, или надвор бесцелно. Но, во еден момент ми стана јасно дека никој не може да ти помогне ако сам не сакаш да примиш помош. Решив дека мојата иднина е само во мои раце и дека морам да се борам, со целото мое битие, за да се вратам на нозе и да ги остварам своите соништа. Во тие околности, ми преостанаа уште неколку испити за завршување на академијата, но поради пандемијата, ограничувањата и мојата здравствена состојба, враќањето во Милано беше невозможно. Наместо да се предадам, ги искористив сите ресурси што ги имав на располагање. Во подрумот на баба ми, со само неколку алати, создадов привремена „работилница.“ Во таа сосема неадекватна средина, со ограничени материјали, успеав да создадам три колекции накит од алтернативни материјали. Тоа беше период на огромен предизвик, но и на откривање на сопствената внатрешна сила и креативност. Денес, гледајќи наназад, знам дека таа борба ме направи посилна, поодлучна и подготвена да го следам својот пат, без разлика на пречките што ќе се појават.
КОЈА Е СТАША ПРИВАТНО? ШТО ЉУБИШ ДА ПРАВИШ ВО СЛОБОДНО ВРЕМЕ?
Приватно сум прилично едноставна и ведра личност која ги сака малите нешта, бидејќи токму тие ми носат најмногу радост. Обожувам да поминувам време со семејството и пријателите, особено кога тоа вклучува добар муабет, вкусна храна и музика – било да сме во кафеана или во домашна атмосфера. Емотивно сум многу поврзана со моите блиски, па тие моменти ми се најдрагоцени. Во слободно време, омилени ми се филмовите и сериите – обожувам добар цртан филм кој ме враќа во детството или трилер што ме држи во исчекување.Сакам да читам книги, особено оние што носат некоја бајковита или фантастична димензија, но во последниот период често слушам и аудио книги. Освен тоа, сакам да експериментирам со различни проекти кои вклучуваат создавање нешто креативно со рацете или истражување нови материјали. Во периодот на моето закрепнување ја откривав убавината на везењето, ме опушташе и ми беше начин да се затворам и избегам од моите мисли. Сите овие мали задоволства и инспирации ме прават среќна и исполнета.Во последната година активно возам мотор, што е хоби што го делам со татко ми и двата браќа. Едвај чекам убави сончеви денови кога можам да излезам на отворено и да возам. Ме исполнува со задоволство и чувство на слобода и радост.
МЛАДОСТА Е ХРАБРА САМА ПО СЕБЕ, ЗНАЕ ДА ДАДЕ КРИЛА И ПОТТИК ДА СЕ ПРАВАТ И НАВИДУМ НЕВОЗМОЖНИ РАБОТИ. НО, ОД ДРУГА СТРАНА ТВОЈОТ НАЧИН НА РАЗМИСЛУВАЊЕ ИМА ЕДНА МУДРОСТ КОЈА КАКО ДА ТЕ ДЕФИНИРА ПОИНАКУ. КАКВА БЕШЕ СТАША КАКО ДЕТЕ?
Бев среќно и исполнето дете, полно со љубопитност и љубов кон животот. Јас и моите браќа растевме во среќен и топол дом, исполнет со смеа и авантури. Нашите родители секогаш ни создаваа безбедно опкружување полно со љубов, каде што ние како деца, имавме простор да експериментираме и истражуваме. Тие беа нашиот најголем пример на посветеност, љубов и поддршка, што ми остави силна основа за понатамошното формирање на мојата личност и професионален пат. Тој период во детството ми помогна да ги изградам темелите на тоа што денес сум – уметничка душа и личност која има голема љубов кон светот, но истовремено и доза на зрелост што доаѓа со искуството и примерот на моите родители.
СЕКОГАШ ВЕЛАМ ДЕКА ДЕЦАТА СЕ НАЈГОЛЕМОТО БОГАТСТВО ВО ЕДНО СЕМЕЈСТВО. ВИЕ СТЕ ТРИ ДЕЦА, ИМАШ УШТЕ ДВАЈЦА БРАЌА КОИ СЕ ПОМАЛИ ОД ТЕБЕ. КОЛКУ ТИ СЕ ПОДДРШКА И ВЕТАР ВО ГРБ?
Тројцата сме комплетно различни светови и имаме различни светогледи. Растејќи, не секогаш се сложувавме за многу работи, но сега, кога веќе сите тројца сме во нашите 20-ти, имаме многу поголемо разбирање еден кон друг и секогаш сме тука еден за друг. Како и сите други браќа и сестри, понекогаш ќе се потскараме или се расправаме, но тоа брзо поминува. За само неколку минути, некој од нас ќе направи нешто за другиот и се заборава сè. Двајцата се секогаш тука да ми дадат поддршка, но, можеби, и најсуровите критики ги добивам токму од нив. Како што реков, не секогаш се сложувам со нивното мислење, но мило ми е да го слушнам, и во голем дел од примерите, иако не признавам, го применувам. Тие се многу важен дел од мојата среќа и успех, и среќна сум што ги имам во својот живот.
ШТО Е СЛЕДНО? ЧИНАМ ДЕКА НЕ СИ ЧОВЕК КОЈ ЗНАЕ ДА СЕДИ МАДРО ИЛИ ДА СЕ ПРЕПУШТИ НА СЕКОЈДНЕВИЕТО. ПЛАНИРАШ ЛИ НЕКОЈА ПОГОЛЕМА ИЗЛОЖБА КОЈА МОЖЕБИ ЌЕ БИДЕ МИКС НА НЕКОЛКУ ТВОИ ПАСИИ?
Не знам да седам мадро, а тоа ми се потврди и по несреќата кога добив предупредувања од докторите за работи кои не смеам да ги правам. Но, пред година дена, на одмор во Тунис, решив да се опуштам и да направам сѐ што не беше препорачано. Возев четричикл, летав со падобран, јавав камила... и така натаму. На крај, играјќи одбојка на плажа, го искинав лигаментот на коленото, што резултираше во уште една операција. Но, два месеци по операцијата, веќе започнав да возам мотор. Што се однесува до мојот професионален план, сакам да продолжам со својот пат како уметник и креативец. Мојот фокус е насочен кон нови проекти и истражување на нови области на уметноста и дизајнот, како и на македонската култура, традиционалната визуелност и целата наша историја. Секогаш се трудам да не стојам на едно место и да не се препуштам на секојдневието, туку постојано да се развивам и експериментирам. Што се однесува до изложба, да, би сакала да направам нешто поголемо, можеби од поотворен тип. Моите следбеници на социјалните мрежи ќе бидат навремено известени за сите новини. Засега немам конкретен концепт кој би ги споил моите различни пасии, но тоа не е исклучено. Ако го остварам, сигурно ќе биде нешто уникатно и инспиративно, преку што ќе можам да ги изразам своите идеали и чувства во различни уметнички форми.
ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛА ДА ГО СПОДЕЛИШ СО НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ А НЕ СИ ГО КАЖАЛА ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?
Мислам дека после овие прашања не остана нешто што немам споделено во врска со мене, но би сакала да ти поставам прашање тебе, драга Ана. Прашање од еден многу хаотичен и неорганизиран уметник, до комплетна спротивност која си ти, како успеваш секојдневно да се инспирираш и твоето време да го планираш на начин на кој само ти можеш и знаеш?
Драга Сташа, ми беше чест и радост. Верувам дека ќе бидеш инспирација и поттик за генерациите што допрва доаѓаат како пример дека спојувањето на минатото-традиционалното и иднината-современото не само што е возможно, туку е и единствен начин за да си го сочуваме коренот, чекорејќи напред. Што се однесува до твоето прашање, го имам секогаш на ум она што го велеше баба ми- држи ги рацете зафатени со работа за да не ти страда умот. Инспирацијата е секаде, најмногу во нас (верувам дека ова го знаеш). А за тоа дали сум комплетна спротивност од тебе (драга моја хаотична и неорганизирана уметнице), е нешто за што ќе муабетиме со кафе оти чинам дека ќе се изненадиш колку многу сме слични.
Песната која следи е ДУМА... инспирирана од колекцијата накит на Сташа.
ДУМА
заврна...
тој ден мирисаше на дожд
уште од сабајлината како предзнак
како да навести ПРЕОБРАЗБА
после која никогаш повеќе исто не е
после која немаше исто да биде
немаше исто да остане
тој ден...тогаш кога истури
зафучи ветар остро и силно
небаре АБЕР некаков носеше
од кој душите ни се отворија
за нова радост, за нов КОПНЕЖ
а ВЕДА блесна онаму, зад ридот
од која срцата забрзано ни зачукаа
како од првиот БАКНЕЖ
кој никојпат не се заборава
дури и тогаш кога младоста заминува
потем зататни небото
чунки гласник е што стиши ЏАГОР
од кој повеќе ниту мислата си ја слушавме
оптегната како СТРУНА меѓу вчера и денес
та небо и земја се споија
токму пред ЗАЛЕЗ на сонцето
и потоа сé потона
и сé се изгуби во поројот
помеѓу една ноќ и половина ден
молк...молчи...
за молкум да се погледнеме
и тогаш, тогаш престана дождот
осамна ден измиен во утринска РОСА
а во него зборој алтани
на свилен конец нанижани
како ДАР за млада мома
и во косата наместо цвет
ЅУНИЦА натокмена да свети
за да не си го заборави патот до либето
секоја нејзина ДУМА за него е
секоја негова ДУМА за неа ќе биде
секоја ДУМА за љубовта меѓу нив
заврна...
ми заврна среќа меѓу прстите
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: Александар Котевски