Те чекам ко нова година
Можеби најтешка година за секој од нас на планетава. А од друга страна пак, можеби за некого најдобра до сега не знам, во воздухов постои една доза на комплетно лудило проследено со масовна депресија која граничи со хронична тага во светски рамки, не само кај нас туку секаде. Од една страна се е лошо а од друга страна пак некому се му е баш како што треба. Требаше да се случи пандемија за да се отворат сите светски карти, веројатно тоа е тој светски историски поредок кој со векови наназад функционира на овој начин. Ако погледнете внимателно, ако прочитате повеќе од моменталното понудено, не постои доба во историјава на постоење на човечкиот род кој бил волку безбеден и богат. Да, нашата илузија за реалноста овде во Европа е сосема поинаква од американската, или азиската или пак онаа во Ирак или Иран. До нас овде допираат системски контролирани информации и за жал како Европјани гаиме една доза на егоистична категоризација на светов на ние и тие, со векови наназад ние овде неоправдано се категоризираме за повисока класа со доза на хитлеровски ген во кодексот на однесување кон се преостанато. Абсолутна вистина не постои, не за џабе велат историјата ја пишуваат победниците. За жал нам овде сервилно ни се наметнува покорност кон системски вредности, за кои нема погрешен или исправен начин. Многу често религијата се користи како оружје за манипулација, секојдневно обрзованието пати од трајни промени кои нанесуваат неповратна штета кон некоја можна иднина, а масата верува дека животот мора да е бајка удавена во материјални вредности сега веќе манифестирани во виртуелна реалност. Со се што се случи, со пандемија, војните кои се водат во име на селективен бенефит, виртуелен прогрес на индустриската револуција која според мене до ден денес трае во некоја модифицирана форма, човештвото секојдневно и се повеќе ги губи луѓето.
2020 е година која за мене значеше крај на еден кармички циклус, огромни промени во моето секојдневие, свесност за сите мои погрешни постапки до сега за кои допрва ќе ми треба време да ги поправам. Секој ден беше нов предизвик и мислев дека тоа е заради личниот карактер кој оваа година реши да го оживее, ја доживеав како посебен еден свет, паралелен универзум кој се случи со една друга замислена 2020, иста како сите оние предходно научени години со предвидливи плитки проблеми и уште попредвидливи решенија за истите. Во животов никогаш ништо ме нема треснато од земја, а поминав десет за овој мој еден, како доживувањето од оваа 2020 за тоа колку тоа малку е потребно за среќа, колку тоа прастаро клише дека среќата е во малите работи е најголемата закопана вистина на современиот свет, и колку таа среќа не ја допира материјалната реалност. Светот е една енергија, поврзани сме сите заедно, секој со секого несвесно. Единствена вистина која никој не може да ја оспори е почетокот и крајот на физичкиот живот на секој еден од нас. Секојдневно, сите ние заедно во светот слушаме информации за тоа колку луѓе се болни, колку луѓе умираат, колку болеста се шири и колку сите ние заедно сме дел од овој процес без разлика која религија ја почитуваме, без разлика кој образовен систем ни е наметнат, каква е економијата во нашата држава, каква е бојата на кожата и така натаму и така натаму… Сите сме заедно во ова, и единствено нешто кое што ќе ги подели работите на вистина и лага е свесноста кај поединците, силата кај поединците кои нема да дозволат да ги проголта оваа системска светска грешка. Луѓето кои ќе ја сфатат важноста на денот, непостојаноста на постоењето, вредноста на вистинските емоции, мириси, вкусови, мигови доживеани, моменти споделени, култури осознаени, патишта овоени, соништа сонувани, тоа се луѓе кои ќе победат. Луѓето за кои емотивната интелигенција ќе биде приоритет, оние кои знаат колкава е важноста на опипливиот живот наместо виртуелниот, оние за кои искуството ќе биде приоритет пред социјалните медиуми, оние кои нема да се плашат да згрешат, да доживеат, да побараат и изгубат, тие ќе се луѓето кои вистински ќе победат во овој живот.
Светот се менува, не онака како што ние го замислуваме, се е веќе постоечко само формата и манифестацијата е различна. Исто како и колективната свест. Неминовна е промената, се што е исто значи не се развива, нема прогрес. Размислете внимателно, секој од нас бара постојаност, трајност, живееме во заблуда за засекогаш, животот го делиме на пред и по брак, пред и по деца, пред и по работа..Никој, ама баш никој не вели благодарам за она што го имам, туку еј а како ќе беше да го имам ова. Пандемијава не е новитет во историјата на човечкиот род, не е прва и нема да е последна. 2020 е најголемиот подарок што универзумот ни го даде за да не потсети колку погрешен правец на себе изживување започнавме да дегенерираме во кодексот на нашиот род. Колку поделбата на ние и вие стана приоритет за квалитет на живот, и со тоа се губи сето човечко, сето позитивно, сето светло.
Јас допрва имам да живеам, допрва имам да учам што е што и која е вредноста и тежината на секоја можна секунда од ова наше секојдневие. Мислам дека така вистински ќе го искусам тоа што сакам да го доживеам во овој еден живот кој за мене е малку, многу има од таа универзална енергија која сакам да ја примам, многу љубови кои секој пат од мене ќе направат нов човек, многу непостојаности кои ќе ми донесат безусловна среќа и иста таква тага. Свесна сум дека поделбата е преедноставна, животов е добро и лошо, колку има од едното толку има и од другото. Постигнување на душевен баланс за мене ќе е најголем предизвик во новото време кое доаѓа, без да ја изгубам хуманоста и вербата во овој наш магичен, емотивен човечки род. Не ме плаши иднината, а за да го оставам товарот на минатото за мене беше потребно да се родам одново милион и еднаш, да грешам, да доживувам, да паметам и заборавам, да вреднувам и отфрлам, и пред се најголемиот предизвик да научам како да се сакам и почитувам себе си. Само и единствено така ќе имам капацитет да ги почитувам сите оние околу мене.
Музика која влева надеж и евоцира спомени, вкусови и мириси кои поместуваат време и место, места кои те носат во поинаква реалност, бакнежи од кои морници те лазат по цело тело до бесконечност, квалитет пред квантитет, реалност пред виртуелност, непостојаност и душевен мир ќе бидат моето икигаи, она по кое јас ќе трагам во годините кои ми следат, колку и да се. Со умерен природен страв, со уште којзнае колку грешки и лекции и со позитивна цел затоа што утре може да е мојот последен ден овде, ќе сакам да го запаметам. Ве љубам прекрасници мои и ви посакувам еден тон љубов кој ќе ви го обои животот во сите можни бои на бајките.
Намасте.
За Женски Магазин, Ивана Кнез