Температури над 30 степени, а вие со маска: Што да направите за да си олесните
Носењето заштитни маски за превенција од ширењето на коронавирусот е задолжително во јавниот превоз, во кафулиња и во затворен простор.
Температурите растат, а носењето заштитни маски останува наша одговорност и обврска.
Поради високите температури, носењето на задолжителната заштитна маска може да биде непријатност, но еве што сугерираат експертите
Д-р Тереза Мареј Амато, патувајќи со јавен превоз до работа во Менхетен, заклучила дека маските и топлината не се добра комбинација, пишува „ВебМД“.
- Беше многу топол ден, беше премногу топло за мене - рече директорката на Итната медицина на една болница, која и покрај непријатното чувство, не ја соблече маската и ги советуваше сите да дејствуваат така.
- Иако знаеме дека ќе биде малку непријатно, навистина мислам дека придобивката е поголема од непријатноста поради малку топлина додека ја носите маската - рече Амато.
Потта е вистински проблем
Проблемот може да се појави и поради потта што повеќе се лачи и ја намалува ефикасноста на маската. Совет на д-р Амато е секогаш да носите резервна маска за да ја замените влажната.
- Во совршен свет, секогаш би имале неколку чисти маски во џебот, но знам дека тоа е невозможно - рече таа и препорача доколку имаме проблеми со дишењето кога носиме маски, да се оди во сенка, да се дистанцираме од луѓето и накратко да ја извадиме маската.. Мора да се грижиме и за хидратацијата, затоа треба да пиеме течности редовно.
Ставот на д-р Амато беше поддржан и од д-р Валид Кваеид, раководител на Одделот за инфекции и превенција во Њујорк, кој рече дека КОВИД-19 сè уште се шири незапирливо, па затоа е исклучително важно да носите маска дури и за време на жешките летни денови.
Единствено е важно, забележаа експертите, маските да ги покриваат и носот и устата, и ако дишењето ви е тешко преку густи памучни маски, може да се носат полесни хируршки.
Сепак, експертите се залагаат за употреба на домашни повеќеслојни памучни маски со цел да се зачуваат резервите на медицински помагала за медицинските работници.