Ти не си за тука

Добивај вести на Viber

Има една гадна болка што се јавува, кога целиот твој свет како што го познаваш и живееш се руши со една одлука на еден маж. Преку ноќ, до 23 години имав се, и свесна бев за тоа. Татко ми реши тоа да го скрши и да не напушти. За друга жена и заради друга жена.

Некако животиштево ми го смени планот само од себе, па така наместо да сум таму некаде во белиот свет, како секој паметен млад човек, јас останав овде, на тло каде пирејот е роза. Седев на кафе со еден директор на заминување во Пелистер, се жалев како не сакам да останам во Македонија. Само што дипломирав, имав поднесено документација за да одам надвор, ме примија во Сан Диего, втора на список после еден дечко од Португалија, и во Министерство за Култура Славица ми ја изгуби дипломата. Го пропуштив рокот. Останав овде. Ми рече, Девојче ако имаш муда остани. Нека те признаат овде, создади овде, после светот ќе дојде сам кај тебе. Ако успееш во Македонија, ќе можеш да успееш во цел свет. 

Девојчето остана, започна да создава, се избори со секакви демони во текот на девет цели години и стана жена. Сега знам зошто оној од горе се умеша и ја загуби таа проклета диплома. Се отворија порти кон нови проблеми. Проблемите на детето се прекрасни, често им се навраќам како совршено сеќавање за идилично детство каде бев девојче завиткано во ќебе од љубов и соништа. Го прескокнав делот девојка, станав жена одеднаш. Првиот мој дечко кога се разделивме, последен од стоти пат, ми рече ти не си жена ти си аждаја, голташ се што ќе те повреди. Тешко на оној што ќе ти застане на пат и ќе те повреди. Тешко на оној кој ќе ти скрати од љубов. Епа зошто ме повреди, кога знаеше дека можам да се бранам.

Не го сфатив сериозно, ниту него нити секој следен. Мислев дека сум плачипичка, мислев дека сум никој и ништо, дека залудно трошам кислород на земјава. Не ја видов таа мила сила, не ја видов таа моја моќ да согорам, да се себе изедам и пак создадам.

Има две работи кај мажот што се тригер за една жена. Немоќ, и така се активира кај неа мајчинскиот инстикт, станува лавица која штити. И моќ, и така се активира нејзината кревкост и посакува да биде заштитена. Жена сум, која сега ја разбира моќта која ја поседува. Сега сфаќам колку е проклето тешко да те етикетираат како успешна, кариеристка, мајка, домаќинка, курва, старлета, сечија, ничија, сестра, ќерка, љубовница, швалерка…Етикети до бескрај, и секоја од нас се носи со тежината на секоја придавка која најчесто друга жена и ја прикачува. А ние сме бре полни со моќ, секоја од нас може се, и има се. Секоја од нас има безрезервна и безвременска убавина, секоја од нас е нечија девојка, мајка, сестра, љубовница…. Едно маѓепсано тркало до неповрат со тежина на планина. Општеството очекува да не старееме, да не се дебелееме, да се подложуваме на секодјневни скапи третмани за разубавување. Ако ги плаќаш сама си очајна кариеристка, ако ти ги плаќа некој си ефтина ороспија. Епитети до бескрај. 

Секоја од нас носи еден притисок од различни страни, најчесто водиме битки дома. Бегаме од мајка која бара да го живееме нејзиниот нереализиран сон, бегаме од татко кој шовинистички го раководи нашето секојдневие, често, за жал многу често, малтретирања и психозни состојби кои ни ги создаваат сите идни карактерни девијации и не прават беспомошни ничии жени. Секој ден се среќавам со една болна приказна, секој ден дознавам за некоја нова интимна битка која некоја супер жена ја води на невидливо бојно поле. И секој ден слушам, Ти не си за тука, зошто не си негде во светов?

Ќе бидам, но не за да избегам, туку да постигнам. Мотивацијата овој пат, е друга.

Јас сум Ивана Кнез, сакам да сум овде, и покрај се решив да не бегам, туку да се соочам. Падни стани, како инаку ќе биде овој живот волшебен!

Се читаме следната недела.