Тоник од ружи и масажа со ролер од жад: Пред огледало со Јелена Јованова-Периќ

Добивај вести на Viber

Една од најангажираните македонски актерки специјално за „Женски магазин“ ги открива своите ритуали за убавина. Вели дека приватно не е љубител на шминка, а нејзин фаворит се природните и чисти масла. Кој е нејзиниот омилен парфем, што секогаш носи во несесерот и како ја одржува линијата, дознајте во продолжение  

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Туширање со најчесто бадемово масло за туширање. Умивање на лицето со чиста вода, тоник од ружи и барем петнаесет минутна масажа со изладен ролер за лице од жад.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Не робувам на крикот од последните трендови. На кремите кои ако се скапи тогаш мора да се добри. Му ги пружам на лицето и телото работите кои му одговараат. Во мојот случај тоа се најчесто природни и чисти масла. Миговно сум љубител на маслото од семки од кајсија за лице што е и одлично масло во превенцијата за првите брчки. Како тоник користам ружина вода. За тело правам своја мешавина на масла од пченични клици, бадем и јојоба.

* Посетувате ли козметички салони?

- Немам проблематично лице, но правило ми е после секој завршен филмски или телевизиски проект да направам темелно билно чистење. За тоа се грижи козметичкиот салон „Темов“ во Скопје. Нашата љубов трае со години и кај нив знам дека сум во сигурни раце. Дома, пак, неколку пати годишно знам да направам парење на лицето со камилица и на крај да завршам со пилинг од сода бикарбона.

                                                           Фото: Ани и Дими

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Виши Деркос шампон и кокосово масло. Немам масна коса, па немам ни потреба од секојдневно миење на истата. Линијата шампони Деркос од Виши совршено ми одговара, а два пати месечно преспивам со кокосово масло на коса и истото наутро го мијам. Кокосовото масло ми е замена за хемиски регенератор или маска. На тој начин најдобро ја хранам мојата често сува грива.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Не сум приватно љубител на шминка, но кога се посебни пригоди во прашање тогаш она што сакам да го истакнам се очите или усните. За прикривање - рано ми е уште.

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Од веќе приложеното заклучокот е јасен - природни чисти масла.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Лабело, маскара и црвен кармин.

                                                           Фото: Јована Зука

* Кој е Вашиот омилен парфем?

- Dior Midnight Poison што за жал веќе не се произведува и Dior Addict.

* Како ја одржувате линијата?

- Фокусирана сум на здраво тело во здрав дух многу повеќе отколку на чинот-витка линија. Се трудам да се хранам здраво, да го слушам и пратам својот организам. Ги обожавам своите прошетки или џогирање во паркот Максимир во Загреб, како и комбинирањето на пилатес и јога. Сакам да сум опкружена со луѓето кои ги сакам, со кои се смеам и растам психички. Верувам во она - какви ти се мислите таков ти е животот. А сето она што потребно или непотребно си го калемиме и те како влијае на нашиот психички и физички изглед!

Ѓ.Стојанов

Насловна фотографија: Ранка Латиновиќ