ТРЕТМАН НА ТУМОРИ НА ЖЕНСКИ РЕПРОДУКТИВНИ ОРГАНИ

Добивај вести на Viber

Покрај карциномот на дојка, кој е најчестото малигно заболување кај жените, сè почести се и малигните тумори на матката и јајчниците. Од големо значење кај малигните болести на репродуктивните органи е тоа што не даваат симптоми во раниот стадиум на болеста, па затоа и потешко е да се дијагностицираат во рана фаза кај пациентки што не прават редовни гинеколошки прегледи.

Во случајот на малигните тумори на матката, особено на грлото на матката, од пресудна важност е раната дијагноза, т.е. предуслов за успешен третман и излекување на ова малигно заболување е ранатa дијагноза. Ова, за среќа, е можно со редовни гинеколошки прегледи и користењето на ПАП-тестoт како скрининг-метода за рана дијагноза на карциномот на грлото на матката. Д-р Дева Петрова, онколог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, објаснува дека со оглед на тоа што инциденцата на ова малигно заболување е почеста кај помладите репродуктивно способни жени, важно е при појава на кој било симптом од типот на болни сексуални односи, крвавење при сексуален однос, неправилни менструални крвавења, да се јават на редовен гинеколошки преглед.

ТРЕТМАНОТ ЗАВИСИ ОД СТАДИУМОТ НА БОЛЕСТА

Третманот на малигните болести на матката првенствено зависи од стадиумот на болеста на пациентката. Доколку се работи за прв и втор А-стадиум третман, се изведува хируршка интервенција која подразбира отстранување на грлото на матката со сочувување на матката и јајчниците кај жени што сакаат да ја сочуваат репродуктивната способност или со радикален хируршки пристап, кој подразбира отстранување на матката, јајчниците и регионалните лимфни јазли. Но доколку се работи за понапреднат стадиум на болеста, потребно е конзилијарно одлучување за третманот. Во понапреднат стадиум на болеста, стадиум IIB, III соодветно е лекувањето да се спроведе со комбинација на радиотерапија и хемотерапија. Радиотерапијата подразбира користење на јонизирачки Х-зраци за локален третман на примарниот тумор и регионалниот лимфен базен, при што ефектот од радиотeрапијата се подобрува со конкурентно користење на хемотерапија. Ваквиот третман може во целост да ја замени хирургијата и да доведе до комплетно повлекување на болеста. Врз исходот од лекувањето клучно влијание имаат раниот стадиум на болеста и соодветниот пристап во лекувањето.

БИОЛОШКА И ИМУНОТЕРАПИЈА – НОВИНА ВО ЛЕКУВАЊЕТО

Тоа што е ново во третманот на овие тумори е примената на биолошка и имунотерапија кои во соодветни ситуации кога болеста е напредната имаат додадена вредност на хемотерапијата и може да се користат во комбинација со хемотерапија или како монотерапија за одржување на терапевтскиот ефект.

„Тука спаѓаат инхибиторот на васкуларниот епидермален фактор на раст познат како авастин или бевацизумаб и имунотерапијата со пембролизумаб која беше одобрена во 2021 година за третман на пациентки со перзистентен, рекурентен или метастатски карцином на грлото на матката. Оваа терапија, како и комбинацијата на модерни техники на радиотерапија со успех се применуваат во нашата болница. Во 2021 година Американската агенција за храна и лекови по забрзана постапка го одобри и лекот тивдак за третман на метастатски карцином на грлото на матката, по спроведени две линии на претходна терапија од која едната е платинесто базирана хемотерапија“, вели д-р Петрова.

Покрај карциномот на матка, голем онколошки проблем претставува и карциномот на јајчниците.

„Постојат повеќе хистолошки типови карцином на јајчник, но заедничко за сите е тоа што болеста во почетните стадиуми не дава симптоми и може случајно да се открие на редовен гинеколошки преглед, поради што уште еднаш сакам да го потенцирам значењето на овој преглед. Појавата на симптомите, за жал, е карактеристична за напреднатите стадиуми на болеста кога таа е проширена на соседните органи, како и на перитонелната (стомачната) обвивка, што доведува до појава на секреција на течност во стомакот и зголемување на обемот на стомакот“, објаснува д-р Петрова.

Доколку болеста е во раните стадиуми и не е проширена на други органи, најдобриот начин на лекување е хирургијата и согласно со стадиумот на болеста, постоперативно лекувањето се продолжува со хемотерапија. Доколку болеста е метастатска, лекувањето треба да се започне со хемотерапија. Покрај стандардната хемотерапија, во лекувањето на оваријалните карциноми се применува и биолошка терапија, како и таргет-терапија во случај кога постои мутација на BRCA1/2 гените. Кај пациентките со присутна BRCA1/2 мутација, може да се предложи и превентивно отстранување на дојките и јајчниците, бидејќи со тоа значително се намалува ризикот од појава на малигни болести на овие органи.

ЦЕНТАР ЗА ОНКОЛОГИЈА И РАДИОТЕРАПИЈА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

Центарот за онкологија и радиотерапија овозможува најдобар третман на пациентите со канцер, почнувајќи од рано дијагностицирање, хируршко лекување, онколошки и радиотераписки третман до целосна рехабилитација и поддршка во процесот на лекување. Радиотерапијата се изведува преку акцелераторот TRILOGY, кој овозможува високи зрачни дози директно на канцерот со максимална заштита на околното здраво ткиво. Најефикасни решенија при лекување на канцерот се добиваат со мултидисциплинарен пристап. Во Центарот за онкологија и радиотерапија функционира онколошки конзилиум од доктори со специјалисти од различни области, кои со мултидисциплинарниот пристап заеднички донесуваат решенија во третманот на пациентите со канцер.

ПР објава