Три жени сакале ист човек и умреле по него: Јелена Томашевиќ раскажа легенда на скопскиот концерт, публиката ја испрати на нозе
Уживање од прва до последна минута беше концертот на Јелена Томашевиќ, сношти во Скопје, во Националната опера и балет.
Моќен вокал, харизма и топол однос со публиката, тоа е Јелена накратко. Во Скопје на солистички концерт дојде по три години, а на клубски настапи и настани со повод низ Македонија доаѓа често, на нејзиното задоволство и за мерак на нејзиниот бенд.
Саксофонистот на Јелена, Габор Бунфорд кој долги години беше дел од бендот на Ѓорѓе Балашевиќ го цитираше големиот Ѓоле и рече дека во Македонија најубаво се пее, дека кај нас публиката никогаш не пеела фалш. Со Јелена свири и гитаристот на Здравко Чолиќ, Бранко Копривица, а и тој го цитираше Чола кој секогаш сака да доаѓа во Македонија.
Пеејќи ја „Јутро“, еден од најголемите нејзини хитови, Јелена Томашевиќ ја раскажа легендата по која е напишана. „Три сестри во Бока Которска сакале ист човек, морнар, кој не можејќи да се одлучи која од трите ја сака најмногу, отишол да се осами на море. Од својот брод никогаш не се вратил, а трите сестри умреле од љубов по него една по една, чекајќи го на прозорецот“, раскажа Јелена и рече дека таа ја посетила куќата од легендата.
Шарајќи низ репертоарот по старите хитови како „Океани“, „Мед и жаока“ и дел од новите хитови кои за неа ги напиша нашиот Дарко Димитров, Јелена при крајот на концерот испеа неколку изворни народни песни, и откри која е нејзината најомилена македонска народна - „Судбо моја“, која маестрално ја изведе со хорска придружба на публуиката. Истата песна таа ја испеа на проектот на Гарабет Тавитјан и браќата Тавитјан, „Македонското срце чука во 7/8“.
Изненадување на концерот беа талетираните деца од училиштето „Боро Џони“ од Струмица, кои како вистински професионалци со Јелена изведоа две песни, а таа со право ги нарече украс на концерот, и добија заслужени овации од публиката.
По „Врањанка“, и „Бело лице љубам јас“, изведбата на евровизиската „Оро“ беше да се наежиш. Јелена и оваа песна ја испеа како и сите претходно, како од шега, давајќи ја целата своја енергија и љубов на сцената, а публиката ја испрати на нозе. Концерот го организираше „Нова травел“ од Струмица.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски