“Улогата” на жената и “улогата” на мажот

Добивај вести на Viber

Стереотипите и генерализирањата се (барем по мое мислење) најефикасните начини како да згрешиме во проценките, навредиме или повредиме некого. Згора на сé, не ретко со тоа си се ставаме себеси во улога на судии и џелати кои ќе делат правда и ќе продаваат некаква си универзална вистина. Универзална вистина која се заснова на индивидуално мислење не постои (колку и да сме убедени дека сме најпаметни на светов), а за делење правда па и да не правиме муабет. Најлесно и наједноставно е кога си седиме во нашиот меур од сапуница и само паметуваме кој каков е, што треба или не треба да стори, па уште и ги караме останатите како да ни е од Бог или Универзумот дадено правото, нашето мислење да е точно и без никаков сомнеж. Ова ви го пишува човек кој се фатил како генерализира и како се води по некакви си стереотипи, додека не научил на потешкиот начин (на свој грб) дека не секогаш белото и црното се единствен начин на гледање на работите. Да, да, само да знаете дека ми се случувало додека кажувам нешто, да се свестам дека непотребно генерализирам или осудувам. Тоа е оној момент кога од устата ви излегуваат зборови, а умот ви вели “Ајдеееее, ти нешто многу паметна, а? А тебе некој вака да те стави во коцка и да те проценува, убаво ќе ти е?”.

Неделава имав прилика во повеќе наврати да бидам сведок на генерализирање од страна и на мажи и на жени. И тоа не дека сакав или дека го ловев моментот, туку меѓу две епизоди од серијата Месија (Messiah, ја имате на Нетфликс ако сте заинтересирани) чиј наслов е многу интересен од аспект на денешнава колумна оти некако сум забележала дека и моето некогашно делење ум, било поврзано со синдромот на “спасување”. Е сега, најинтересно и најсмешно е што синдромот на спасување на светот ми бил превез пред вистината дека некогаш не успевам да се спасам сама себе од себе. Нејсе, сега верувам дека и не секогаш е добро да се има одговор за сé, оти така најлесно престануваме да перцепираме нови работи околу себе. Моето досегашно животно искуство, кое за тие од 70-80 е веројатно мало, а за генерацијата на ќерка ми е огромно (а според мене, некогаш е големо, а некогаш минијатурно оти има работи за кои сум сé уште учениче) ме има научено дека најголемиот успех кој може да се постигне во животот е да се разбереме себеси и да знаеме како да се справуваме со сопствените демони. А демони имаме сите, нечии се видливи, нечии се добро прикриени, нечии се бенигни, а нечии можат да загорчат живот на 3 генерации нанапред.

И сега да се вратам малку погоре, на она што ме погоди од повеќе аспекти додека читав и слушав по социјалниве мрежи за “улогите” на жените и мажите, па и за тоа какви се или какви треба да бидат “улогите” на мајките и татковците. Прво, да ви кажам дека ми се превртува утроба од муабети во кои се преплетува идејата дека жената е послабиот пол и дека нам ни треба некој да нé заштити. За моиве 52 (скоро 53) години, ако соберам, одземам, поделам и помножам, ќе излезе дека поголемиот дел од животот (како возрасна особа) сум го минала сама. Тоа сама значи без маж и без заштитник (на овој дел слободно замислете ме како превртувам со очи). Никогаш, ама баш никогаш не ми била целта да сум заштитена, што и да значи тоа. Сé што ми требало сум сторила сама, сама сум се изборила за моето место во општеството. Муабетите дека “како тоа сметката во кафеана ќе ја делиме” ми се излитено клише кое не држи место. Муабетите дека “ако сакате еднаквост, сега ќе трпите да сте пренатрупани со обврски”, ми се тажни, а да не беа тажни ќе беа смешни. Сметката во кафеана и кој ќе плати, не е одраз на тоа дали сме еднакви или нееднакви, туку во воспитувањето па и односот кон сами себе. Еднаквоста и нееднаквоста ја гледам (лично мој став) во тоа дали сум платена колку колегата ако имаме исто образование и работни обврски, дали заради тоа што сум жена ќе бидам на маргините кога е во прашање напредување, исти можности за едукација и респект. Еднаквоста ја гледам и во тоа дека ако сум мајка, не значи дека не сум одговорна на работа, или дека ако не сум мајка, тогаш не вредам оти нашата (на жените) вредноста честопати се поврзува со мајчинството.

Сметката во кафеана е нешто за што одамна имам став дека е банално сервирана идеја со која и двата пола се ставени во подредена положба. Од една страна тука е мажот, кому општеството му наметнало дека силата и машкоста се покажува во тоа да е џентлмен во кафеана (чинам дека џентлменството најмалку се покажува со паричникот) и кој дури и се чувствува обврзан дека треба и мора да почести. Од друга страна тука е жената која како преплашена срна добива потврда дека со таквото џентлменство (фискална сметка) мажјакот наспроти неа докажува и покажува дека тој ќе се справи со сé што ќе носи животот. И што правиме ако се двајцата сродни души кои си одговараат во сé, ама финансиски е жената таа која е посилна и која вади паричник на состанок? Дали тоа значи дека мажот не е “маж” и дека жената не е “вистинска” жена оти платила пијачка???? Па дами и господа, кога ќерка ми излегува со другари и другарки, па и со некој кој и’ се допаѓа, секогаш велам “ако те почести, гледај следниот пат ти да си таа која ќе плати. Ниту ти, ниту твоите пријатели работите и заработувате, туку сите сте на џепарлак од родителите. Башка, никогаш да не дозволиш да се чувствуваш дека си во подредена или надредена ситуација”.

Кога жена вели дека мажот треба да ја “носи” жената финансиски или емотивно, дава прилично плиток и неубав пример. Зошто? Прво, затоа што секоја жена мора и треба да научи да се грижи сама за себе, оти таа тоа го може и е способна. Второ, затоа што животот знае да е толку многу непредвидлив и суров, да ве удри и однесе таму каде што никогаш не би претпоставиле дека ќе се најдете. Еве, ќе се даде пример и поттик на младите девојки дека жената е принцеза која треба да е спасена од “посилниот” пол, но што правиме тогаш кога принцезата ќе мора да да се снајде и сама, а нема да знае? Трето, односот маж-жена не е трампа која се заснова на материјалното (“заштитникот”) и емотивното (“срната”).

Кога маж вели дека жената треба да си го знае местото, оти семејството и домот треба да и’ бидат на прво место, ми иде да си излезам од кожа. Во еден однос, секој има право да се оствари себеси онака како што сака, посакува, сонува или има потреба. Не се помалку мајки оние жени кои се амбициозни, жените кои водат сметка за себе и сакаат да излезат, жените кои од било какви причини не сакаат да дојат. На кој кантар се мери мајчинството преку примери кои не држат вода. Зарем не е полошо ако жената е затворена дома, навидум посветена оти е 24 часа со детето или во кујната, а сé однатре вришти дека и’ треба одмор, па и едно добро излегување?

Никој не е во ничија кожа, никој. Никој нема ниту основно право да ви кажува или да ви соли памет како да се однесувате, живеете или како треба да се чувствувате. Исти сме само во основните потреби за љубов, разбирање, прифаќање. Нијансите ни се толку многу различни што сметам дека е невидена дрскост да ви кажува било кој какви сте, да ве става во калап, да ве суди или да ви се прави силен преку тастатура. Сé додека сметките си ги плаќате сами, сé додека вие си знаете како го врвите денот и колку се вложувате себеси за да ви тече животот во рамките на вашите потреби, никого да не есапите...па ни мене. Ако се завртам наназад, по сите вакви стереотипи и генерализирања, излегува дека сум повеќе маж отколку жена. Ако се навратам на различни периоди од животот, сум била најпосветена, ама и најраспуштена жена, најмајка и најнемајка. И знаете што? Баш ме заболе кој во која категорија ќе ме смести, оти сите ние имаме само една улога во животот, а тоа е да бидеме ЛУЃЕ. Бивањето ЛУЃЕ подразбира да си ги почитуваме разликите и да не мафтаме со прстето за да искараме некого, оти додека не прошетаме во чевлите на оној во кој вперуваме прст, никогаш нема да знаеме низ што поминува.

Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ела ми во чевливе

И не се жали оти тесни ти се

Ниту уста да отвориш

Ако петицата надвор ти излегува

Или ако ти крварат прстите внатре

Ела

Само ела ми во чевливе

И со нив да изврвиш еден цел живот

Со сите ноќи неспани

И денови во кои со себе не сум знаела

Како на крај да излезам од мака

Во нив да поодиш 52 години

Без збор да зуцнеш

И без солза во око да ти светне

Ела ми во чевливе

Па тогаш можеби ќе имаш право

(кога веќе желба имаш)

Да ме судиш и осудуваш

Да ми кажеш како требало

Или како не требало да сторам

Да ме искараш

Да ме поучиш

Пат да ми покажеш

Ела ми во чевливе

Или можеби не

Можеби е попаметно

Во твоите чевли да си останеш

Оти не е толку лесно како што се чини

Во туѓи чевли да одиш

И туѓо гајле да береш

Кога треба и туѓите маки да ги јадеш

Отстрана најлесно и најудобно е

Кога паметуваш и кажуваш како треба

Оти секој од нас најумен е

Кога на другиот треба да му каже

Како патот да го оди

Ела

Еве пред било што

За било кој да зборнеш

Ела и неговите чевли пред себе стави ги

И имај храброст ногата во нив да ја пикнеш

И сé на своја кожа да сетиш

Радост....ама и бол

Смеа...ама и тага

Добивка...ама и загуба

Оти најлесно се суди за оној

Во чии чевли не си

Најлесно се плука по оној

Во чија кожа не си се разбудил

Само ела...ела ми во чевлите

Ела ми во животот, ама од мојата страна

И тогаш

Ете тогаш ќе знаеш по што си плукнал

И кому си судел

Кому си пресудил со збор и укор