Уникатна креација со моќна порака и исечок од филм на кој сите плачеа: Тамара Котевска за Женски Магазин од Венецискиот филмски фестивал

Добивај вести на Viber

Младата режисерка Тамара Котевска, која ѝ е позната на македонската јавност по документарецот со две номинации за Оскар, извондредниот „Медена земја“, викендов гостуваше на 80-тиот Венециски филмски фестивал.

- Поканата за Венеција се случи многу неочекувано. Иако постродукцијата на филмот не бeше готова порано и рокот за официјалните филмски апликации на Венеција беше завршен, продуцентите кои беа презадоволни од финалниот резултат, сепак решија да го проследат завршениот филм до креативниот директор на фестивалот, Алберто Барбера, сакајќи да стават до знаење дека „нешто се крчка”.

По ова, бев поканета свечено да го најавам новиот филм на програмата „Lights Camera Impact“, каде во рамкитена 30-минутното излагање имав можност за прв пат да го претставам трејлерот на „The Walk“ кој се надевам и македонската публика ќе има шанса да го види наскоро – вели Котевска, која признава дека ова е еден од поважните свечени настани на кој била поканета досега.

На интернационалниот филмски фестивал, Тамара се појави во уникатна креација, изработена од тимот жени Антонија Гугинска Јорданоска, Гордана Божиновска и Маја Ѓуреска познати под модниот бренд „Milkbrides“. На белиот елегантен горен дел од комплетот е испишан арапски збор кој се чита „АМАЛ“ и значи „НАДЕЖ“, а е името на главниот лик од нејзиниот нов документарен филм „The walk“. 

Имено Амал е сириско дете бегалче кое е претставено во театарско шоу како кукла од три метри која патува од сириска граница сѐ до Англија за да најде нов дом. 

- Сите плачеа кога го гледаа краткиот исечок од филмот и едвај чекаат да го гледаат цел филм - вели неизмерно гордата филмска режисерка.

На настанот се сретна и со адвокатката и борец за човекови права Амал Клуни, која по некоја случајност има исто име како главната хероина од новиот документарец на Котевска.

- Амал Клуни беше воодушевена бидејќи исто така е запознаена со проектот од претходно, но натписот никако не е поврзан со неа и јас навистина немав поим дека таа ќе биде таму на настанот - вели на тоа Тамара, и додава:

- За атмосферата можам да кажам дека беше на највисоко можно ниво, во друштво на едни од најпрестижните филммејкери и активисти за човекови права во светот. Jас бев пречекана и истретирана со најголема почит и говорот ми беше дочекан со громогласен аплауз многу пати.

Премиерата на „The Walk“ се очекува во ноември во Њујорк.


*Д.Караташова Илиоска

Фото: прватна архива и printscreen LIGHTS CAMERA ACTION