Утринско кафе со Александра Танатарец: Ме мотивираат луѓе кои сонуваат

Денот го започнувам доста рано, без разлика дали е работен ден или викенд.  Мојот аларм за будење  се моите  пет годишни близначки. Утринско гушкање, појадок, припрема за во градинка и поаѓање секое утро во 07:30 ч.

Работните обврски стартуваат во 08:00 ч. кога го пијам првото утринско кафе опкружена со моите прекрасни колеги и веднаш потоа започнувам со дефинирање на дневните приоритети и организирање на тековните обврски. Секторот за наплата на долгови, со кој раководам, е дел од СН Осигурителен брокер АД Битола - најголемиот брокер на пазарот на осигурување и во моментов најбрзорастечко брокерско друштво - лидер во секторот осигурување. Всушност работата на овој Сектор се состои во справување со долговите на конструктивен начин, дизајнирање планови и реални распореди за нивна отплата, се со цел подобрување на целокупната финансиска дисциплина.

По завршувањето на работниот ден, време е за моето семејство. Тоа е всушност рецептот за вистинска среќа - совршен баланс помеѓу работата и семејната улога. Секојдневните прошетки, вообичаено низ градскиот парк во Битола, се мојата главна попладневна релаксација. Сметам дека активностите надвор на отворено, ја разбудуваат детската креативност и имагинација, и го разбудуваат детето во возрасниот. Безрезервно  вложувам труд моите деца да ги научам на многу животни лекции и да им помогнам да израснат во независни личности, со вистински вредности.


Ме мотивираат луѓе кои сонуваат. Потребно е да знаеш да сонуваш, а потоа да си доволно упорен, храбар и издржлив за тој сон да го претвориш во реалност. Мотивација наоѓам во љубовта, пријателствата и секојдневната среќа. Кога знам дека после мојот труд ќе имаме професионални резултати, насмеани лица, секогаш сум максимално мотивирана.

Денот ми завршува во друштво со мојот сопруг, мојата најголема поддршка. Голем дел од мене, од тоа како низ годините израснав и во каква личност се претворив, се должи токму на неговото влијание, неговите добри совети и конструктивни разговори.

Секогаш кога имам слободно време го користам за читање. Љубовта кон книгите ми се роди уште во детството. Ставајќи се во светот на книгата, добивам шанса да искусам нешто ново. Со читањето на книги, се отвораат нашите умови, а нашиот мозок е благодарен. Најчесто читам за релаксација и забележувам дека се чувствувам посмирено и поподготвено за новите животни предизвици.


(*Александра Танатарец - Раководител на сектор наплата во СН Осигурителен брокер АД Битола)