Утринско кафе со Драгана Ангелоски: Ме мотивираат креативни работи
Морам да признаам дека јас сум динамичен човек кој рано станува и ги сака утрата. Првото кафе најчесто го пијам сама или со моите колеги во салонот на DIAS, правам план на моите дневни обврски, дефинирам приоритети и денот може да започне.
Дневните планови и обврски се главно поврзани со мојата работа, со она што треба да направиме во текот на денот, што нѐ очекува наскоро и што треба да сработиме за блиска иднина. Не би можела да издвојувам една по една обврска, затоа што се многу по број, но можам искрено да кажам дека сум најисполнета кога имам повеќе обврски, а особено обврски и планови кои успешно ќе се завршат.
Околу мотивацијата, не би можела да издвојам само една работа, затоа што за мене големата слика ја сочинуваат повеќе помали „фотографии“. Во суштина ме мотивираат креативни работи, позитивни и насмеани луѓе, авантури без разлика дали станува збор за авантури поврзани со патувања или авантури поврзани со работата. Ме мотивира големата визија за нашиот бренд, ме мотивира желбата да му покажеме на светот дека и ние од оваа мала земја можеме да ги менуваме работите и да бидеме успешни.
Работниот ден ми завршува малку подоцна од вообичаениот крај на еден работен ден. По неговото завршување најчесто вечерта ја поминувам со моите пријатели и со моите најблиски. Сакам моменти на дружење и градење спомени, затоа што тоа ни го храни и духот и енергијата.
Зависи од моменталното расположение, но секогаш сакам да изгледам и добар филм и да прочитам убава книга. Тешко би можела да се одлучам за една од тие работи. Во секој случај сметам дека и двете работи носат нови и позитивни влијанија на секој од нас.
* Драгана Ангелоски, сопственик на брендот ДИАС