Ужива во својот апартман на море: По затварањето на Боки 13, Вучиќ на „Телма“
Музичарот и Тв водител Драган Вучиќ со сопругата Весна ужива на одмор во Грција. Вучиќ имаат свој апартман на самата плажа во Неос Пантелеимонас, на патот кон Лариса.
„Ова е еден мал залив. Се будиме рано, задолжително пливам уште во раните утрински часови околу седум часот, најубаво е денот да ти почне така. Вечерите ги поминуваме со драгите пријатели кои се секогаш со и до мене, во разни таверни со морски специјалитети, буквално да се одмориш од сите проблеми по напорната сезона“, ни изјави домаќинот на емисијата „Возење со Вучиќ“ која претходната сезона се емитуваше на „1 ТВ“.
Вучиќ имаат свој апартман на самата плажа во Неос Пантелеимонас, на патот кон Лариса
По актуелните случувања со телевизијата чии вработени во моментов се на принуден одмор, Вучиќ од следната сезона подготвува ново кулинарско шоу на друга фреквенција.
„Од октомври ќе се емитува најновото шоу кое ќе се вика „Гурмански муабети“ и ќе оди на Телма ТВ. Концептот на шоуто е готвење со познатите личности од поранешна Југославија, кои заедно со готвачи ќе ги подготвуват нивните омилени јадења. Емисијата ќе се снима во Белград, Загреб и во Сплит“, ни откри Вучиќ.
На прашањето што мисли за случајот „Рекет“ поради кој Бојан Јовановски кој стоеше зад „1 ТВ“ во моментов е во притвор, Вучиќ кусо ни изјави:
„И до сега не сум имал контакт со политика а и од сега. Така што, не сакам да си го замарам мозокот со политика. Има многу поубави работи што ги правам“, ни рече Вучиќ од Грција.
М.Џаровска