Валери

Добивај вести на Viber

Цената на безусловна љубов е една. Жмуриш со широко отворени очи

Девојки, во животов ќе наидете на две врсти на мажи. Првиот, ајде да лежиме заедно и вториот, ајде да градиме заедно. Првиот, цел живот ќе се потпира на вас, безусловно ќе ве сака и нема да ве помести од една точка, освен ако вие не се помрднете. Вториот ќе ве сака со цел, до тука, со амбиција од која тој ќе очекува некаква корист. Сигурно ќе ве помести од точката на битување, но ќе си ја препише лично целата заслуга. Првиот ќе робува на вашите емоции кон него, на вториот вие ќе робувате. Со првиот најважните одлуки ќе ги донесете вие, вториот ќе ви го диктира начинот на живот.

Идеалниот е балансот од овие двајца. А совршениот, не постои. Од илузијата за совршен партнер, совршен пријател, совршено тело, совршен живот, пола свет се сведе на едно големо ништо, со уште помала амбиција.

Секоја одлука што ќе ја донесете во животот во еден момент ќе ви се плесне назад во лице. Дали позитивно или негативно, секое решение, секоја ситуација, секој човек што ќе решите да го сакате, секој пријател што ќе решите да го оставите, апсолутно секој потег, ќе резултира со реакција. Затоа, секој пат кога ќе се погледнете во огледало, пред да кажете да, ајде, не, тргам, може, не може, сакам, не сакам, ве молам размислете.

Можеби малку повеќе со срцето, заради личните мали задоволства, за да не стагнираме на среќа и да си дадеме одишка на убавото. А кога ќе се вмеша страв, оптеретено размислување и замислување за шббкбб, е тука доаѓа крајот на се што е рацинално добро.

Два пати во животов имав непријатна ситуација да бидам нападната од маж. Долго време работам на таа количина на страв вградена во мене, и се' уште се соочувам со моменти на погрешни одлуки како страв од таа последица. Последно, не примив маж да ми помине преку праг, продавач од врата на врата, затоа што во сосема несоодветно време, без никаков сигнал проба да влезе кај мене. Откако се освестив што и како е, му реков да си оди без размислување. Седнав и сфатив дека од пусти страв, не помогнав на човек кој има потреба. Можеби немаше да биде среќно сценарио не велам не, ама па можеби и само малку, микронски ќе помогнев некој да има убав ден, да заврши работа. Од страв дека ќе бидам повредена, се повлеков. И од тој страв поголемиот дел од нас живее во сега веќе метални звона, па и оној за кој знаеме дека нема да не повреди, дуваме на ладен јогурт, и не го пуштаме да биде дел од нашиот живот. Се обидуваме да ги предвидиме последиците на неизживеан живот, и приватно сме сами, празни и шупливи во нашето сигурно метално ѕвоно.

Затоа, следниот кој ќе го засакате, дајте му клуч, барем копија од клучот, нека влезе внатре и нека ве измести од лежиште. Дека и од траумата се учи, од патењето се станува појак, а со Љубов може да се владее светов. И не очекувајте да ве повреди, бидејќи сигурно ќе се случи тоа. Пуштете го внатре, и справете се со сите последици понатаму. За кога ќе дојде денот да си одиме од овде, тоа да биде со длабоки лузни на изживеан живот.

Јас сум Ивана Кнез, следен пат, без разлика на се, ќе пробам да отворам една врата повеќе. Си ветувам дека нема веќе да се плашам.

Се читаме следната недела.