Васил Зафирчев: Постпандемискиот театар ќе биде одраз на новоустроениот поствирусен свет

Тој е, од една страна, бескомпромисен посветеник на уметноста и на театарот, а од друга страна, и миленик на публиката. Тоа е равенка што несекогаш се балансира со знак на еднаквост, но кој знае како, на Васил Зафирчев тоа некако му успева.

Во моментов, уметнички директор на Театарот „ЈХК-Џинот“ од Велес и присутен во нашите животи како Марио во омилената серија „Преспав“, Зафирчев ги минува деновите на изолација во неговиот роден Велес.

-Од моментот на затворање на театрите и прогласувањето на вонредната состојба, времето го поминувам во изолација во мојот дом во Велес сам во друштво на мојот миленик шицуто Беба. Покрај грижата за моите родители и повозрасните членови на моите семејство, времето го исполнувам креативно, со јога и медитацијата, активно читам, по нешто пишувам и најчесто размислувам за сегашната животна промена, за театарот како суштински и важен дел од живата култура и воопшто за нејзиното функционирање по завршувањето на кризата – вели Зафирчев.

Тоа се прашања што во моментов си ги поставуваат сите, особено оние кои се занимаваат со живите уметности. Но, вистинските одговори засега ги нема. Каков ќе биде театарот кога ковид-ситуацијата еден ден ќе заврши и дали неопходното физичко дистанцирање ќе нè оддалечи и од театарот?

-Се надевам дека ќе се случи токму спротивното. А, постпандемискиот театар на криза секако ќе ги одразува новите обрасци по кои ќе биде устроен поствирусниот свет и животот во него – вели Зафирчев.

Карантинот како концепт на живот, вели, не му претставува проблем.

-За секој уметник самоизолацијата е нужна потреба, особено во процес на творечка размисла и креација.

За „Театар дома“ одбра стихови, кои исто така зборуваат за осаменоста.

- Песната „Осаменост“ од Блаже Конески на најдобар и најсликовит можен начин ја дефинира принудната промена која нè фрла во осаменост, соочувањето со себеси и со непредвидливоста на животот, во недостаток на сите настани и луѓе кои му даваат смисла на нашето постоење, но и во отсуство на сцената и театарот кои за актерот се единствено вистинско место за себеизразување.

ВИДЕО


Јасна Франговска