,

Верувам во Дедо Мраз, желба ми е да дипломирам: Интервју со Беира Салифоска, лице со целосно оштетен вид

Добивај вести на Viber

Беира Салифоска, позната како Беки, има глауком (целосно оштетување на видот од раѓање), препознатлива насмевка и магични раце. Оваа млада и позитивна девојка потекнува од Пласница, а веќе повеќе од 12 години живее во нашиот главен град.

Слепилото во ниту еден момент не ја спречило да ги оствари зацртаните цели во нејзиниот живот, но напротив таа живее со полн здив. Како масерка во Институтот за физикална и медицинска рехабилитација во Скопје, Беки секојдневно работи со своите пациенти, додека пак како успешна студентка на Институтот за специјална едукација и рехабилитација постојано се соочува со предизвиците на образовниот систем. Таа обожава да пие кафе со пријателите, да планинари, но и да патува и запознава нови земји од светот.

Беки пред извесен период си купи и свој стан во кој живее и се снаоѓа сама. За онаму каде не може да се движи сама, го има персоналниот асистент, со кого вели дека се многу претставителна двојка каде и да се појават.

Првиот контакт со Беки го остварив преку Фејсбук, кој е нејзина омилена социјална мрежа, и каде често споделува мудри пораки, како и фотографии. Кога се сретнавме со нејзината комуникативност и опуштенист ме освои од прва. Беки е безрезервно своја и паметна девојка, која знае да се насмее на своја сметка, а и знае што сака од животот.

* По што ќе ја паметиш изминатава 2019-та година?

- Ќе ја паметам по многу работи, но ако мора да споменам само неколку, тоа се двата проекти што се случија во март во Италија од „Еразмус плус“ програмата, а кои беа за лица со оштетен вид. Тоа беше едно одлично искуство, заедно со два различни тимови од Македонија запознавме луѓе од различни држави, различни култури, а и ние споделивме што имаме од тука кај нас. Проектите беа специфично за лица со оштетен вид, имавме и културни вечери, имавме и наша македонска вечер кадешто ја презентиравме нашата земја, нашата традиција и култура. Тоа е нешто што многу ме радува, кога презентирам за нашата држава, а истотака сакам многу да знам за другите држави и за нивната храна, нивната култура. Тука можам да го издвојами  проектот со невладината организација „Натура мк“ , кадешто ние четири лица со оштетен вид одиме на планинарење и посетивме неколку места- Маврово, Скопска Црна Гора, Водно. Тоа е едно прекрасно искуство, многу е поразлично да се движите низ град, а сосема нешто друго е да одите во планина, безбедноста е сосема поинаква, а тие луѓе што доаѓаат со нас се многу сериозни и го сакаат тоа што го прават. Се надевам дека овој проект ќе продолжи и во 2020-та година. Истотака ќе издвојам уште една работа која ја обележа оваа година, тоа е што во декември ја добив наградата и признанието преку фондацијата „Професор д-р Љупчо Ајдински“ “, што навистина ми е многу мило, затоа што сепак сум приврзана за тие луѓе, за професорите, бидејќи ги знам многу одамна

Врачување на признанието од фондацијата „Професор д-р Љупчо Ајдински“

* Колку се поразлични искуствата на лицата со оштетен вид во другите земји од тука кај нас?

- Ако споредуваме тука на Балканот, речиси сме тука некаде, ние Македонија, Србија ги имаме истите услови, за разлика од Полска која е многу понапредна, како и Италија, односно поразвиените земји. Како прво и прво имаат многу добра инфраструктура во нивните градови,  како второ и второ во областа на образованието се многу понапредни од нас, имаат достапна литература било во аудиоформат или пак на Брајово писмо, значи не се борат за некои работи што ние тука гледаме да ги смениме или да ги организираме. Јавниот сообраќај им е среден. Значи сепак една различна култура, со која сме на различно ниво.

* Како се одлучи на таков голем чекор од Пласница да се преселиш во Скопје? Колку низ годните се снаоѓаш со хаосот што владее во нашиот главен град, дали се навикна и ти стана полесно или сепак сѐ уште наидуваш на исти проблеми?

- Па мислам дека тој премин кога завршив средно и веќе требаше нешто да направам, односно да се сменат многу работи, затоа што додека бев во интернат во државното училиште за деца и младинци со оштетен вид, имав 24-часовен надзор, односно цело време некој да се грижи за тебе. А вака сте сам, треба сам да одлучувате. Прво се одлучив да се запишам на насоката физиотерапевт и за среќа во тој период во Институтот за физикална и медицинска рехабилитација имаше потреба од масери, па како викаат, како „кец на десетка“ мене ми дојде тоа. Чекав само шест месеци кои навистина ми беа многу тешки, затоа што едноставно не знаев што да правам. Кога се враќате назад во четири ѕида, кадешто нема што да правите е многу тешко. Тој период беше краток, па јас се вработив во 2009-тата година. Сепак и понатаму ми беше тешко, треба сам да одлучувате за себе, треба сам да одите. Првите две-три години ми беа многу напорни, колегите што се сега не ги познавава толку, не ни знаев како всушност изгледа надворешниот свет, бидејќи дотогаш беше друго- имав целовреме луѓе околу мене. Мислам дека токму овие проекти ми помогнаа многу. Односно во 2011-та ми беше првиот проект преку „Еразмус плус“ прогамата, со Црвениот Крст. Оттаму почна врската со пријателите, се приврзувате за еден, двајца или тројца луѓе, кои понатаму остануваат пријатели во животот. Тоа ми беше отскочна даска, запознав многу добри пријатели на тој проект, кои ми дадоа мотив дека има луѓе кои сакаат да помогнат на лицата со оштетен вид, односно едноставно сакаат да се дружат со нас. Така некако почна таа приказна со ширење на кругот на пријатели. Во 2015-та година се запишав на факултет, затоа што сакав да се надоградам себеси и да сменам нешто. И оттаму веќе имам добар круг на пријатели, односно колеги кои ми се блиски и ми помагаат. Тука можам да ги споменам и професорите. Во прва година ми беше многу тешко, не ги познавав професорите, ми беше срам и не знаев како да им побарам помош кога ми треба, но сега веќе можам да кажам дека ми се како пријатели и секогаш се тука за билошто и да ми треба да ми помогнат.

Во Рим на проект од „Еразмус плус“ програмата

* Важиш за една од најдобрите студентки на факултетот, индексот ти е полн со десетки. До каде си, уште колку испити останаа за да дипломираш, како го очекуваш тој момент?

- Мислам дека веќе и сите очекуваат јас да дипломирам, но понекогаш обврските навистина ме спречуваат во тоа. Сакам да сум вклучена во многу проекти, сакам да сум надвор. Секогаш велам дека за сите лица, не само за оние со попреченост, многу е важно да сте надвор од дома, да не сте толку затворени. Затоа јас гледам да ги искористам сите работи што ми се пружаат за надвор. Кога сте дома неколку дена почнувате да размислувате на неубави работи. Работата понекогаш не ми дава да ги завршам навреме обврските со факултетот, но се надевам дека наредната година, 2020-та ќе го завршам, затоа што многу сакам и тоа ми е една од зацртаните цели за наредната година.

* Кои се твоите новогодишни желби, што сакаш да ти се исполни во новата 2020-та?

- Една нека биде да го завршам факултетот. Исто сакам да продолжи проектот со планинарењето, се надевам дека ќе наидеме на финансиска поддршка затоа што веќе имаме направено план со „Натура мк“. Едно од местата што сакам да ги посетам е Пирин, затоа што имало специјална патека за лица со посебни потреби. Сакам да ги посетам и Пелистер и Шар Планина.

Само што ќе започне новата година, јас започнувам со обврски и нема да одмарам толку многу, имам и неколку испити во јануарската сесија, а ќе мора и да се подготвам бидејќи од 10-ти до 17-ти јануари имаме нов проект за лица со оштетен вид за лизгалиште. Ќе учествуваме четири држави- Македонија, Турција, Романија и Косово.

На планинарење со невладината организација „Натура мк“

* Дали ја сакаш новогодишната еуфорија или пак тоа ти претставува стрес?

- Не, секогаш сум ја сакала, уште како дете, многу ми е интересно и убаво. Мислам дека луѓето се чувствуваат позитивно, сите одиме некаде на прослава, си купуваме со подрагите луѓе подароци. Го сакам оној момент на пакетчиња, иако сум веќе повозрасна. Го сакам она уредување на домот и китење на елка, како и желбите што си ги посакуваме за Нова година. Ми се допаѓа овој предновогодишен период.

* Тоа значи дека веруваш во Дедо Мраз?

- Па да, зошто да не веруваш во нешто убаво. Не е убаво да веруваме во неубави работи. Во Дедо Мраз е убаво да се верува.

* Каде вечерва ќе ја дочекаш Новата година?

-  Бидејќи цела година ми беше многу бурна, новата сакам да ја дочекам во мирна атмосфера. Ќе си ја прославам со моите газди кадешто претходно живеев под кирија. Сакам да се подружам со нив, затоа што често немам време да ги посетам.

Беки многу го сака предновогодишниот период

* Колку често си одиш дома во родниот крај?

- Искрено многу ретко одам, затоа што сум со многу обврски. Значи еднаш во месецот одам. Можам да кажам дека почесто одам Германија кај брат ми, отколу кај моите. Но гледам да дојдат мајка ми и сестра ми кај мене. Тие имаат повеќе слободно време.

* По што го паметиш детството во Планица, што освен семејството ти недостастува оттаму?

- Не ми недостасуваат работи затоа што таму сум била на многу мала возраст, јас од седмата година сум во Скопје. Паметам многу малку работи, како дружбите со семејството. Ние сме многу големо семејство, шест деца. Најчесто паметам околу Бајрам, за празници, кога ни купувале облека, дружбите со баба и дедо, свадбите, односнопаметам само убави моменти.

* Каде се твоите браќа и сестри сега, колку често се дружите и сте блиски?

- Покрај тоа што од многу мала сум разделена од нив, сепак сме многу блиски. Јас викам „не дај Боже да се случува нешто кај нас во фамилија“ ние по цел ден се слушаме. Брат ми скоро две години живее во Германија, досега сум била кај него три пати. Со сите сум многу блиска. Тука се и моите седум внуци, а осмото е веќе на пат. Тоа е една од работите поради која сакам да одам во родното место, сакам да се дружам со нив, затоа што јас сум навистина човек што ги сака децата и секогаш ми се на прво место, безразлика што се случува.  Внуците се нештото кое го сакам најмногу во мојот живот, тие ме исполнуваат.

* Што би сакала да се смени во нашата земја во поглед на лицата со оштетен вид, односно на лицата со попреченост?

- Би сакала да се смени односот кон сите лица со попреченост, односно да не се гледа како на луѓе кои треба да се сожалуваат, гледајте на нас како и на сите други луѓе. Понекогаш имаме потреба нешто да се адаптира, но да не се гледа на нас како на нешто различно, никој не е различен, секој има некаква потреба во животот, така и ние. Се надевам дека ќе се подобрат работите и ќе одат во подобра насока, затоа што мислам дека колку толку пак нешто е мрднато, не е како порано.

Се надевам дека некои работи и прашања кои сакаме да ги смениме ќе влезат во системот. Мислам дека тука е проблемот кај нас, сѐ што е системски се решава, да не биде само на зборување, но да ги решаваме работите законски, да не биде само на мубет на еден, на двајца. Пример во јавниот превоз - многу е смешно да кажеме дека останува на шоферите да го пуштат звучниот програм што зборува за која е следната станица, тоа треба да си влезе во законот и во ситемот дека треба да е така, да не зборуваме за една можеби банална работа за некој, а пак за друг тоа многу значи. Ако треба за сите нас да има добар автопат и пат, треба и за лицата со оштетен вид да има тактилни патеки. Кога ќе се прават тие реконструкции на улици, тоа да си влезе во план.

Работата како масерка во Институтот за физикална и медицинска рехабилитација ја исполнува

* Дали некогаш си размислувала да се преселиш некаде надвор од нашата земја, изреволтирана од овдешните ситуации и проблеми кои нервираат и не се решаваат?

- Да, многу пати сум се доведувала до ситуации да бидам разочарана од некои работи што гледам дека не одат на добро и сум размислувала да си одам, дури некогаш сум му  викала на брат ми да ми најде работа, но од друга страна тоа брзо ми поминува, кога ќе си помислам дека треба да одам таму, со многу луѓе што ќе треба тука да ги оставам, мислам дека пријателите ме враќаат назад. Знам дека и таму не е лесно, и таму треба да работиш, и таму никогаш нема да бидеш како тука, зошто тука си на свое, без разлика колку и да заработуваш, тоа што ние тука го имаме, таму го нема. И на брат ми не му е лесно, оставаш тука цела фамилија, и цел ден работиш, многу малку имаш време за вакви дружби. Кај нас кога и да посакам можам да излезам со некој на кафе, таму е многу различно.

* Со какви стереотипи се соочуваш низ годиниве, било на работа или на факултет?

- Имало моменти кога ќе се почувствуваш не дека не припаѓаш, но едноставно луѓето можеби не те прифатиле таков каков што си, те гледаат различно, но сепак е тоа една  врска помеѓу нас како лица со оштетен вид и постаувањето добра конекција со луѓето од другата страна. Јас тие работи не ги размислувам и гледам да ги балансирам, гледам јас да бидам таа што ќе отвори дискусија, значи да почнеш да разговараш за да видат дека луѓето дека не е така како што мислат. Секако дека има многу различни типови на луѓе, онакви кои се затворени, што тешко е да им пријдеш, затоа јас гледам да ја срушам таа бариера и тие предрасуди. На пример кога одиме на проекти, бидејќи одиме лица со оштетен вид и лица што не придружуваат, јас секогаш гледам на тие луѓе што доаѓаат да им укажам дека тоа е една убава животна лекција, гледам веднаш да им пријдам со позитивните работи. Некој има поголем проблем од мене, без разлика дали тоа е попреченост или не. Гледам тие работи добро да ги водам и да внимавам на тоа. Не дека и мене не ми е тешко и не ми се случуваат некои работи, но гледам многу малку да размислувам на тоа, зошто ако навлезеш подлабоко во негативните работи, тогаш тешко се излегува оттаму.

Беки ја обожава природата и сака да планинари

* Важиш за позитивна личност и секогаш насмеана девојка. Од каде црпиш енергија и мотивација?

- Тоа е до самиот карактер на човекот, до самата индивидуа. Таа енергија ја црпам од моите пријатели. Сите ме знаат како позитивна личност, и сите знаат веднаш ако нешто лошо ми се случува, бидејќи никој не е навикнат да ме гледа нерасположена. Јас мора да сум секогаш полна со енергија. Ме исполнува и работата, иако ми е многу тешко зошто сепак физикалната терапија не е лесна работа. Има дел од колегите со кои добро си стојам и со кои секојдневно се дружиме. Многу ме исполнува тоа што кај нас во Институтот за физикална и медицинска рехабилитација доаѓаат средношколци. Искрено таа возраст ми е многу интересна, тоа се деца кои не се созреани, а од друга страна се невини, па муабетот со нив многу ми оди, сакам да ги слушам. Многу пати ми се доверуваат за симпатии, бараат совети.  Енергија црпам и од моите хобија, како што споменав сакам одење на планина, но сакам да слушам музика и да читам книги, тоа ме издигнува од секакво дно.

* Која е најубава книга што си ја прочитала?

- Јас искрено ги сакам руските писатели. „Војна и мир“ ми има оставено еден убав впечаток, никогаш нема да ја заборавам таа книга. Од нашите, си го сакам Игор Џамбазов, тоа е јавна тајна, а неговите книги ги сфаќам на поразличен начин од тоа што луѓето сметаат. Јас ги сумирам рабоите, си викам ако човекот го соголил својот живот, вие гледајте на другата страна, тој убаво кажува „не правете го она што го правев јас“.

* На кој начин ги читаш тие книги, како ти се достапни?

- Најчесто терам некој да ми ги чита, затоа што ги нема во електорнска форма. За среќа не ме одбиваат дали пријателите, дали колегите. Му одам на сите свирки на Џамбазов. „Војна и мир“ ја читав во електронска форма, на компјутер, имам таква говорна програма „читач на екран“, која звучно ти ги презентира работите. Со таа програма можам да работам и на мобилен телефон, затоа сум активна и на социјалните мрежи. Не ми е ништо скратено.

Игор Џамбазов ѝ е идол

* Каква музика сакаш да слушаш?

- Сакам сѐ што е добро и квалитетно. Ако земам да наборјувам.... Јас сум човек што ги слуша „Квин“. Многу повеќе ги почитувам тие евергрини, таа стара музика што е направена, зошто пред сѐ тоа е направено со инструменти во живо. Исто си ја сакам и почитувам нашата македонска музика. Тоше никогаш не го заборавам, но и поранешните ју хитови, од кои Здраво Чолиќ ми е омилен и му одам на секој концерт. Слушам сѐ што е добро и квалитетно, само турбо фолк никако!

* Дали имаш идол или порака по која се водиш низ животот?

- Повторно ќе кажам Игор Џамбазов, кој вели „бидете среќни, ионака на никој не му е гајле ако не сте“.

* Новогодишна порака за нашите читатели.

- Да им посакам на сите добро здравје, секоја желба што си ја замислиле да им стане реалност, нека бидат добри, љубезни, нека ги води љубовта, бидејќи таа е она кое нѐ спојува сите и нѐ носи во добар правец.

Даница Караташова