ВЕЖБАМ РЕДОВНО, ВЕЖБАМ МНОГУ, А РЕЗУЛТАТИТЕ ГИ НЕМА?!

Добивај вести на Viber

     Ова би можело да биде долга, долга колумна во која би можело да образложувам по повеќе точки на долго и на широко, но сепак без да навлегувам во стручни анализи ќе се обидам да ви објаснам накратко и на што е можно поедноставен начин, па ќе набројам само еден дел од причините кои придонесуваат да и покрај големиот труд што го вложувате, не успевате да дојдете до посакуваните резултати.

Многу често се случува да вежбате напорно, но да не ги добиете посакуваните резултати. Иако вежбате секој ден и тоа по два часа дневно, применувате некој познат режим на исхрана спуштен од интернет и пак резултатите никако да дојдат. Што би можело да биде причината за тоа?!

Можеби сакате да ослабете, односно да намалите телесно масно ткиво. Пешачите, трчате и пак ништо. Треба да земете предвид дека не треба само да вежбате, туку и да знаете како да вежбате, односно точно да знаете што правите. На пример: За топење на телесно масно ткиво треба да практикувате умерена активност за време на која срцето треба да работи во т.н. аеробна срцева зона во која телото како извор на енергија троши масти. Треба да се пресмета која е долната и горната граница на аеробната зона која е наменета за вас (пресметката е индивидуална и е поврзана со возраста). На сето тоа да се додаде соодветен режим на исхрана специјално наменет за вас во однос на целта која сакате да ја постигнете.



Без разлика дали сакате да намалите масно ткиво, зголемите мускулна маса, сакате да ја подобрите вашата издржливост, сила, брзина, итн., потребно е или да знаете како да го направите тоа или да консултирате стручно лице кое ќе го изработи моделот на тренинг и исхрана, наменет за она што сакате да го постигнете. Мора точно да се знае што се прави. Случаен успех НЕ ПОСТОИ!

 Постојат повеќе причини поради кои немате успех во вежбањето. Еве дел од нив:

- несоодветен режим на исхрана
- несоодветен модел на тренинг
- неправилна изведба на самите вежби
- погрешен избор на вежби
- нередовност на тренинзите
- немање континуитет
- претренираност
- премногу форсирање и премалку одмор
- немање мотивација
- легнување на спиење премногу доцна, итн.

Во однос на неколкуте точки од погоре, би го додал следново:

Не можете да  очекувате да намалите телесно масно ткиво ако дневниот калориски внес е поголем од дневната потрошувачка. Не може да очекувате успех ако имате несериозен пристап на самите тренинзи и ги изведувате вежбите „ради реда“. Не можете да очекувате резултати иако сте премногу мотивирани, па поради тоа знаете и да се префорсирате на тренинг и тоа во однос на интензитен, времетраење на самиот тренинг како и број на тренинзи во неделата, а дополнително на тоа и премалку спиете или пак спиете на пример осум часа, но си легнувате во два часот по полноќ, а се будите во 10ч., наутро. Дневниот сон не може да го замени ноќното спиење. Едноставно, не можете да имате успех ако не знаете што правите.

Претренираноста, несоодветниот одмор, може да придонесе да дојде и до повреди што дополнително ќе го пролонгира времетраењето на процесот на постигнување на вашата цел.


За да успеете, потребно е да имате визија, да имате јасна цел, да бидете мотивирани, да верувате во себе и да бидете дисциплинирани на патот кој води до постигнување на поставената и посакуваната цел.

И секако да вежбате модел на тренинг и режим на исхрана изработени за вас, односно за целта што сакате да ја постигнете.


Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес