Вежбам со персонален тренер веќе 10 години: Пред огледало со Аријана Коскарова
Младата Аријана Коскарова, позната како ко-основач на „Creative Hub“ и „Forbes Under 30 Europe 2019“, овојпат пред огледалото на Женски Магазин ги откри своите ритуали за убавина, како и омилени козметички производи.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Чистење на лицето, серум околу очи и крем за лице.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Користам „Shiseido“ креми за лице и два пати месечно правам третмани на лице. До сега најдобар ефект сум имала од „HIFU“.
* Посетувате ли козметички салони?
- Да, три пати неделно, најчесто за фенирање, но и за педикир, маникир, третмани на тело и лице.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Како што одговорив и во претходното прашање, зависник сум од фризер и многу ретко ја мијам косата дома. Но кога го правам тоа ја користам „Kerastase“ линијата на производи.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Не сакам ништо да прикријам, јас сум тоа што сум. Но сакам да имам шминка соодветна за пригодата. Секогаш сакам да ги истакнам очите, усните и јаболкниците. Најчесто практикувам и техники на контурирање.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Ми се допаѓа течната пудра на „Fenty“, кармините на „Kylie Jenner“, и сенките на „Charlotte Tilbury“, „Huda Beauty“ и „Dior“.
- Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Сјај за уста и кармин.
* Омилен парфем?
- Моментално го користам „Myrhh & Tonka“ на „Jo Malone“, но омилен ми е и „Neroli Portofino“ на „Tom Ford“.
* Како ја одржувате линијата?
- Вежбам 3 пати неделно со персонален тренер веќе 10 години, а ме рекласира и играње на тенис.
Даница Караташова