Вие си имате море, Охрид, ние немаме ништо: Бајага и Инструктори со концерт за паметење

Повеќе од 50 години е еден од најкултните ликови на регионалната поп-рок сцена, и има многу причини за тоа. Една од главните е уживањето со кое ги работи сите концерти, а кога на фронтменот и на бендот им е убаво на сцената, убаво ѝ е и на публиката.

Бајага и Инструктори одржааа токму еден таков концерт во Охрид, во Античкиот театар сношти. За уживање од почеток до крај, и двата емотивни биса како „десерт“.

Доброто момче од белградски Земун кое кариерата ја градеше исклучиво поради убавите песни и позитивните и ведри приказни кои во нив ги раскажува е тој и денес. Нашиот Бајага има 61 година, а во публиката топло го пречекаа луѓе од неговата генерација, оние кои пораснале со неговата музика и оние многу помладите кои ја разбрале пораката во негоите песни- да се шири љубовта како што и на крајот порача - „Samo nam je ljubav potrebna“.

Бајага има толку многу хитови што комотно може да си дозволи да ги прескокне „442 do Beograda“ , „Zmaj od noćaja“, „Tamara“, на бис да побара ѕвездено небо за „Zažmuri“, сто пати да му ја побараат „Руски воз“, а тој онака фраерски да одговори: Зборовите на оваа песна ни јас до волку ги немам изговорено.

Традиционално, низ приказната на песните на Бајага, на врвовите на прстите не водеше Жиле, Жика Миленковиќ, на перфектен македонски јазик.

-Дојдовме на најубавото место на планетата, Охрид. Ве боли уво, си имате море, ова е вашето море, не сте како нас, ние немаме ништо“, рече Жика. Убаво беше да се слушнат и соло деловите на клавијатуристот Саша Локнер, идолот на тинејџерките во осумдесетите и во деведесетите. Убаво беше да се видат „Инструктори“ онака ведри и полетни како да се во цутот на младоста. Бајага ја има таа моќ да поттикнува среќа кај луѓето, и мерак беше да се гледа убавиот свет кој дојде на концертот, танцот на пријателите и на двојките во фан пит делот пред сцената и веселата атмосфера на трибините.

Пеејќи ја „Песна против сите малери“, Момчило како навистина да ги избрка сите малери, но она што најдобро го опишува него и бендот е стихот од култната песна- godine prolaze mi stojimo (годините поминуваат ние стоиме).

Концертот го организираше „Авалон“ продукција, а следи уште една концертна дружба со Бајага, вечерва во Битола, на Хераклеа.

М.Џаровска