ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанеле македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„Шток ми бејби!“ (Хавана бенд)
Химна за неговата омилена пијачка на последната буква. Така Игор Џамбазов ја нарекува оваа песна во неговите книги. Во последното дело „Улица Диши длабоко“, збирка од неговите најпознати песни, популарниот актер откри дека е напишана летото 1991 година во работната соба на татко му, маестро Александар Џамбазов. Станува збор за првата официјална песна на „Хавана бенд“ премиерно изведена на плоштадот „Слобода“, ноќта кога Македонија прогласи независност.