,

Стравот од неефикасноста на сегашните вакцини против новите мутации ги поткопа надежите за брзо решавање на пандемијата: Љупчо Проданов, научник

Добивај вести на Viber

Д-р Љупчо Проданов е раководител на Оддел за имунологија во глобалната биофармацевска компанија UCB во Велика Британија и Ирска. Тој е научен работник со импресивна кариера, добиена во реномирани научни инситутици, универизитети и компании каде што учел и работел последните две децени. Академската титула доктор по медицински науки ја стекнал во 2012 година на Универзитетот „Радбaуд“ во Холандија во соработка со Европска вселенска агенција. Магистрирал молекурално биоинженерество на Техничкиот универзитет во Дрезден, во Германија во 2008 година. Дипломирал молекуларна биологија на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски “ во Софија, Бугарија. Работел на пост докторски истражувања на Институт за технологија во Масачусетс (МИТ), Медицинскиот факултет Харвард, Бостон, САД. Д-р Проданов има големо работно исксуство во сферата на клинички истражувања, кое го стекнал работејки во повеќе реномирани светски глобални биофармацевтски компании и научни институции. Во неговата импресивна биографија има многу награди и презентации на многу научни конгреси во Велика Британија и ширум светот.Како научен соработник и доктор по медицински науки, има работено во повеќе научни области како што се: автоимуни заболувања, имунологија, матични клетки, метаболизам на црниот дроб, остеопороза, остеоартритис, ревматологија, дерматологија, гастроентерологија, срцева физиологија, фармакологија и фармакодинамика.

*Имате импресивна работна биографија, но и академска. Дали вашиот успех е триумф на упорност зачинета со многу пот, од искачувањата на скалилата кои водат до врвот?

-Како и други наши македонски научници, коишто решија да се занимавaат со научна дејност надвор од Македoнија и да го следат својот сон, така и јас тргнав по мојот сон и жед за знаење. За мала држава како Македонија и не сме толку малку. Нѐ има низ светот и познавам неколку наши доктори по науки коишто моментално работат низ светски реномирани научни институции, универзитети и компании. Би рекол дека и мојот пат не е поразличен од нивниот. До успех се стигнува со многу упорност, работа, несони ноќи и труд. Генерално погледнато, за секоја една професија во една туѓа држава, конкуренцијата е огромна и за да успее еден човек како странец во туѓа држава, треба да работи двојно или тројно повеќе, споредено со родените граѓани во таа држава. Но, во исто време да биде многу отворен како личност и борбен во својот пат.

Потпората од моето семејство како студент и моралната поддршка од мојот животен партнер Лилиа во последните 10 години одиграа огромна улога за мојот успех. Кога ми беше најтешко тие секогаш беа таму за мене. Поминав низ многу бури и од секоја бура научив како да бидам посилен како личност. Но, се уште имам уште многу да учам и не сметам дека мојот професионален пат завршил.


Горд сум што учев од врвни светски експерти

*Какви беа вашите искуства како ученик и студент? Како го „преживеавте“ македонското образование, што би промениле најмногу кога би имале некаква моќ?

- Интересно прашање. Излегов од струмичката гимназија „Јане Сандански”, која се сметаше за втора по квалитет во Македонија за тоа време. Веројатно бев во последната генерација што имаше шанса да учи во еден посолиден образовен систем,којшто исто така имаше недостатоци. Имав доста проблеми со некои просветни работници, кои покажуваа интерес само кон децата чии родители беа на функции. Како дете од семејство на работници, барав правда и се борев против таквите појави. Но, во исто време и не бев доволно мудар да знам како да се справам со сето тоа, па и самиот правев многу грешки во мојата борба за рамноправно образование.Секој просветен работник никогаш и никаде во светот не треба да оценува едно дете според професијата на неговите родители. Секое дете заслужува подеднаква шанса за образование и знаење.Кога би имал моќ, би инвестирал само во образование и би се борел да ги искоренам сите неправди кон децата во училиштата. Образованието е столб на едно здраво општество и секоја држава треба да инвестира многу во него. Зошто? За да бидеме во состојба да формираме едно подобро и поздраво општество за живеење, со познавање и почитување на правата и законите. Во општество во кое луѓето си помагат едни на други, работат за колективното добро но во исто време образование кое ќе ни овозмози да одиме напред, рака под рака со останатите држави ширум светот.

*Која е најважната лекција што ја научивте во светилиштата на науката?

- Образованието и знаењето се моќ и сила во светот коишто ги рушат бариерите на човечките можности. Во исто време, ни ја покажуват важноста на напорната работа и труд. Светските топ универзитети се места на многу труд, иновација, судир на идеи и персони, места каде што се крои иднината на човештвото. Во Харвард имав среќа да работам во групата на еден неверојатен професор и ментор, кој ми ги отвори вратите кон иднината и ми покажа како да гледам низ призмата на научните истражувања за доброто на човештвото.

*На кој успех од вашата професионална кариера сте посебно горди?

- Не би издвоил еден успех. Би рекол можеби сум горд на тоа што имав можност да учам од врвни светски експерти, да апсорбирам знаења и методи на работа од различни држави. Исто така, тоа што последните неколку години имав шанса да работам во фармацевтската индустрија за реномирани компании. како што се Новартис, ГСК, Аббвие и сега УЦБ, работа поврзана со многу клинични човечки истражувања на болести за кои, за жал, се уште нема лекови. Работата во компанија, од една страна ми даде шанса да работам на проекти коишто придонесуваат за доброто на човештвото за коишто сум многу горд, но од друга страна, ми даде шанса да работам со врвни лекари и специјалисти и да научам повеќе за човечкиот имунолошки систем и авотимуните заболувања.


Ангажманот во НАСА беше дел од мојата докторска теза

*Вселената секогаш буди интерес поради фактот што е недостижна и е привилегија за најдобрите. Како еден Македонец стана дел од Европската вселенска агенција (ESA)?

- Работата во Европската Вселенска Агенција беше дел од мојата докторска теза, која беше целосно поткрепена од холандискиот универзитет Radboud University. Не би кажал дека има посебна формула. Конкурирав после магистерските студии во Германија и решив да си ја испробам среќата. Ментори ми беа неколку невeројатни холандски научници, кои ми помогнаа многу во мојот професионален пат и мојата желба за наука. Тоа беше едно неверојатно искуство, во коешто го истражував ефектот на гравитацијата врз матичните клекти при формирање на коскено ткиво. Се запознав со неверојатни луѓе од областа на вселенската биологија, вклучително и неколку астронаути. Како дел од мојата докторска работа, исто бев и во еден од центрите на НАСА, каде што имав шанса да го презентирам истражувањето што го направивме со тимот во Холандија. Потоа добив понуда за работа во НАСА, но во исто време бев во процес на интервјуа за постдокторски студии во МИТ, Бостон, УСА и решив да ја продолжам мојата научна кариера во Бостон.

*Во моментов, работите во биофармацевтска компанија. Може ли да добиеме слика како изгледа еден ваш работен ден? Што Ви е најголем предизвик како научник?

- Пред Ковидот, мојота работна недела беше иsполнета со патувања низ клиничките центри во кои спроведуваме истражувања, како и патувања низ многу од универзитетите во Велика Британја, како што се Oxofrd, Cambridge, Imperial College London, University College London, со кои соработуваме. Дел од мојата работа е поврзана со патувања низ научни конгреси ширум Европа, каде што учиме за последните новитети во сферата на автоимуни заболувања и во исто време ги презентираме нашите најнови резултати од клинички истражувања што ги спроведуваме. Веќе цела година работиме од нашите домови и разговорите се водат „онлајн“.Мојот сегашен тим со кој раководам е составен од лекари и научници со кои напорно работиме на многуте проекти што ги имаме ширум центрите низ Велика Британија и Република Ирска. Освен што еден нов лек треба да биде ефикасен и безбеден, исто треба да демонстрира намалување на трошок кон болеста за која е наменет и да му помогне на здраствениот систем во една држава да заштеди од примена на лекот на пошироката популација за одредена болест. Придобивката за пациентите од лекот и придобивката за здрастениот систем треба да бидат многу поголеми од ризикот на самата болест и самиот лек врз популацијата на којашто се применува, затоа што сите лекови имаат странични ефекти и носат потенцијален ризик при нивната употреба.Работиме на многу комплексни здраствено-економски анализи со експерти и лекари од Велика Британија. Многу е важно да се покаже дека придобивките од самиот лек се поголеми од ризиците на самата болест, за да може еден лек да биде одобрен.


*Дали истите методи и анализи се применуват и врз сегашните вакцини против корона вирусот, пред да бидат одобрени за масовна употреба?

-Да. Ризикот од несакани странични ефекти од една вакцина, постоел и секогаш ќе постои,но тој треба да биде минимален и да не штети по здравјето на луѓето. А продобивките од вакцините треба да се многукратно поголеми од самиот ризик на вирусот по здравјето на луѓето и од ризиците на самата вакцина. За секој лек или вакцина, сето тоа се анализира низ призмата на дадена човечка популација.

*Дали се вакциниравте и со која вакцина?

- Фокусот на вакцинирање во Велика Британија моментално е кај повозрасното насление и таа е првата држава во Европа што успеа да вакцинира 50% од населнието постаро од 18 години. Се надевам дека ќе се вакцинирам во мај, кога ќе дојде мојот ред. Од резулатите што ги читаме последните неколку месеци, не мислам дека е од значење со каква вакцина ќе се вакцинираме. Придобивките од вакцините го надминуват многукратно ризикот од самиот Ковид вирус или самата вакцина врз дадена популација. Ќе се вакцинирам со било која вакцина достапна во моментот на мојот термин, за да придонесам кон придобивање на групен имунитет од барем 80% кон којшто стремиме во Велика Британија. Според британските епидемиолози кои работат во Координативното тело на владата, целта на масовната вакцинација во Велика Британија е да се намали трансмисијата, смртноста и хоспитализацијата од Ковид и да го го доведе на ниво на грип. Како општество ќе треба да прифатиме дека вакцините не се 100% ефикасни, не ја спречуват 100% трансмисијата на Ковид, не ја спречуваат хоспитилизацијата, но сепак го намалуват значително приемот на заразени во болниците и се решение , а не проблем. За жал, ќе има луѓе што ќе починат од компликации на Ковид и покрај тоа што се вакцинирани, но сите се надеваме дека тие бројки ќе бидат мали. Бројка, која во исто време многу зависи и од новите видови на Ковид, коишто циркулираат низ планетата.

Имам примено над 20 вакцини

*Од име на народот би ве прашалакоја е најдобра вакцина?

-Не би сакал да правам такви споредби и би се вакцинирал со која било, за да може побрзо да се стигне до групен имунитет и да не му дозволиме на вирусот да се размножува и да мутира. Имам примено над 20 вакцини од мојата најрана возраст па сѐ до сега и ќе продолжам да примам вакцини одобрени за масова примена. Во многу држави низ светот за вакцините, за жал, се уште се гледа со скепса наместо на решение. Тоа е поради лошите политички одлуки и немање на стратегија во борбата против лажните вести. Многу од светските епидемилози потврдија дека Ковид не е пандемија веќе подолго време, а за жал стана ендемија. Што значи тоа? Тоа значи дека вирусот нема да изчезне во скоро време и ќе продолжи да циркулира во човечката популација уште долго време. Колку време, зависи од тоа како вирусот мутира и колку човештвото ќе се справи со производство на вакцини, но и колку брзо ќе реализираме успешни вакцинации ширум светот, за да не му дозволиме на вирусот да мутира.Гледајќи ги сегашните резултати од вакцините во Велика Британија, не го разбирам проблемот околу примање вакцини. Оние поединци, лекари и политичари што се против вакцини, треба да објаснат какви решенија нудат за намалување на ризиците што Ковид ги прави по нашето здравје и штетата што ја причинува врз нашиот ментален и социјален живот, да разберат дека Ковид вирусот нема да изчезне во скоро време и да предложат нови подобри решенија наместо да ги критикуват сегашните, поврзани со развојот на вакцините. Кина и Индија ќе играат огромна улога во вакциницијата ширум светот, особено на најголемиот контитнет по бројност - Азија.

* Како да се стекне имунитетет против вирусот?

- Бидејки Ковид е ендемија, секој од нас ќе има две опции да добива имунитет во годините што ни предстојат. Првата опција е да добива имунитет по природен пат односно да се зарази со Ковид. Имунитет, за кој веќе имаме многу научни сознанија и резултати дека се губи со тек на времето, особено кај повозрасното население и имунитет што не помага против некои од новите варијанти. Ќе оставам на читателите да анализираат како еден голем милионски град како Манаус во Бразил, за коишто се пресмета дека 75% од населнието имаше антитела после првиот бран и се сметаше за единствениот град со групен имунитет во светот, за само шест месеци подоцна, новата бразилска варијанта им ги наполни повторно болниците, заразувајќи илјадници луѓе што веќе го поминаа Ковид вирусот. Оставам на читателите да размислат повеќе за тоа колку трае еден имунитет од прележан Ковид и што овој податок значи за борбата со пандемијата во иднина. Втората опција е да се добие имунитет преку вакцина. Досега има 11 одобрени вакцини ширум светот и има уште 20 кандидати на вакцини во завршна клиничка фаза 3, чиишто резултати и одобрувања се очекуват оваа година. За догодина има уште нови 30 кандидати. Моментално, според центрите каде што се води статистика за број на вакцинирани луѓе ширум светот како што е “The London School of Hygiene & Tropical Medicine” се приближуваме кон бројката од 500 милиони луѓе вакцинирани ширум светот со 11 достапни одобрени вакцини. Мое мислење е дека резултатите ширум светот се крајно охрабрувачки. Фактот што држави како Израел, Велика Британија и Америка водат во вакцинацијата, говори доволно што тамошните експерти мислат на тема вакцина. Само Америка веќе има бројка од над 100 милиони вакцинирани. Ризик од вакцинацијата секогаш ќе постои за поединци и да, можеби ќе има изолирани случаи на посериозни странични ефекти, за коишто допрва ќе учиме, но придобивката од вакцината го надминува ризикот од неа и треба да гледаме низ призмата на колективното добро и како до него.


*Колку често доаѓате во Македонија? Следејќи ја од подалечна дистанца, каков е заклучокот, по кој пат одиме?

- Еднаш до двапати годишно, да се видиме со моето семејство и со најблиските. За жал, моментално тоа е многу потешко. Можам да одговорам по кој пат оди Велика Британија и да оставам на читателите да проценат по кој пат оди Македонија, па и светот во кој живееме. Во светски рамки оваа година според порачаното треба да се произведат 10 милијарди вакцини, но дали ќе се стигне до таа бројка останува да видиме. Во втората половина на годината би требало да има многу повеќе достапни вакцини. Никогаш не е доцна да се порача бројка која што ќе е доволна за спроведување масовни вакцинации, со цел постигнување на групен имунитет и намалување на ризиците од вирусот на Ковид, да не се чека на донации. Во Оксфорд веќе се работи на промена на сегашната вакцина, за да може да биде ефикасна против новите варијанти. Велика Британија е можеби единствената држава во светот што прави огромни епидемиолошки истражувања секој месец и го следат нивото на антитела и зараза од вирусот на Ковид во различните групи популации, од коишто истражувања ќе учи целиот свет. Со успешна вакцинација британската влада се надева да постигне групен имунитет од 70 – 80%. Но, во исто време имаат многу построги мерки за влез во државата за спречување на внесување на нови варијанти, за кои веќе знаеме дека некои од сегашните вакцини се многу помалку ефикасни. Стравот од неефикасноста на сегашните вакцини против новите мутации ги подкопа надежите за брзо решавање на сегашната пандемија и ја наметнува потребата од чести масовни вакцинации во годините кои што ни претстојат. Но, со сигурност веќе можеме да кажеме дека ќе ни претстојат уште многу вакцинации во иднина за коишто треба да бидеме пред се оптимисти. Верувам дека ќе се справиме со пандемијата, оптимист сум.  Ако вирусот на Ковид продолжи да убива милиони ширум светот, ќе биде заради човечка грешка. Или да бидам попрецизен, заради недостаток на лидери ширум светот или со други зборови речено, зааради политичка неспособносот.

Соња Алексоска Неделковска