Вистината? Или во ред ни е и лагата?
Го гледав новиот документарец за Мајкл Џексон, „Leaving Neverland“, направен од сведоштва на двајца - сега возрасни мажи кои ја раскажуваат приказната за сексуално злоставување кое верувам на многу од нас ни се чини многу далечно и нереално.
Да бидам искрена, како и на повеќе од половина свет така и јас сум растела со песни од извонреден талентиран музичар кој преку својата музика го правеше светот подобро место.
Но, по внимателно изгледаните два дела од документарецот (кои морам да признаам не се лесни за гледање), како и многубројните коментари на социјалните мрежи, не можам да не помислам, во каков свет живееме? Дали само затоа што некој е светска ѕвезда ни се чини во ред да го прифатиме тоа што сексуално злоставувал деца од седум годишна возраст? И не само што ги злоставувал, туку и ментално ги уништил?
Јас немам деца, не можам да замислам што помислува секоја мајка додека го гледа документарецот. Но, знам дека јас се згрозив, не од документарецот, туку од коментарите на масата народ што ги „замачкуваат“ постапките на музичката ѕвезда.
Колку можеме да прифатиме и кога е доста?
Колку пати знаеме дека во очи не лажат, но ќе замижеме преку тоа? Дали тоа не' прави помалку паметни, или не сакаме баш да се замараме? И дали не сакаме?
Кога првпат започнав да работам, често имав проблем да се адаптирам, бидејќи секогаш кажував како е вистински ситуацијата. Не сакав да ги замачкувам работите бидејќи сметав дека проблемот може да го решиме само ако зборуваме за тоа. Но, подоцна научив дека понекогаш треба и да се премолчи (иако интелектот ни налага поинаку) и да се остават работите како што наредениот налага. Сепак тој е шеф, а јас се' уште не.
Секако мојата работна позиција таму заврши славно, кога се охрабрив да верувам во себе и да работам за себе. На крајот на денот, не можеш да го направиш светот подобро место за сите, но можеш да почнеш од себе. Направи го подобро место за тебе.
Тоа што го работиш, тоа што сакаш да го работиш, врската во која сакаш да бидеш, личноста која сакаш да станеш. Се' тоа зависи од нас.
И на ова да се надоврзам на мојата последна колумна за „Женски магазин“ каде зборувам дека „Позицијата на жената, зависи од самата жена“. Истиот ден прочитав некои коментари на социјалните мрежи, цитирам: „Тоа е тој буржујски пристап на привилегирана жена која мисли дека сите ги уживаат благодетите на животот како неа“, и ми стана многу интересна оваа реченица.
Секако луѓето кои го напишале ова ниту ме познаваат мене, ниту знаат нешто за мене. Истите тие не знаат дека единствениот пристап што го имам е што не дозволувам општеството и околностите денес да ме дефинираат за тоа каков живот јас ќе живеам утре. Преку ова сакам да испратам порака на сите млади девојки кои можеби ја читаат оваа колумна и за момент можеби се чуствуваат немоќни, а знаат дека можат да дадат многу, да веруваат во себе и да работат многу за она што го сакаат.
Не постои нешто невозможно. Постои само колку сакаш да работиш за тоа да се оствари.
Времето е едиственото нешто што не гази, а не општеството ниту пак околностите.
И за крај ќе завршам со цитат што го прочитав од Дрејк, друг голем музичар на денешницата, кој вели: „2019 е скоро при крај. Што направи ти во неа?“.
* Аријана Коскарова е ко-основач на Creative Hub и Forbes Under 30 Europe 2019