В`к да ве јаде!

Добивај вести на Viber

Спарна летна вечер. Со сопругот лежиме испружени на студените хотелски чаршафи секој задлабочен во својaта приказна. Тој во крими романот, јас рутински скролам на Фејсбук. Стасува нотификација за примена порака на месинџер. Отварам, гледам нешто црно, мало склопчено. Личи на мало кученце. Посегам по очилата да видам подобро, а сопругот зајадливо ми дофрла – не се откачи од тој Фејсбук значи, ко пубертетлика некоја!

Е ако де – секој со својата занимација! – му дофрлам.

Додека се обидувам да ги напипам очилата под чаршафите, се обидувам да видам кој е испраќачот. Не можам да распознаам. Откако прогледувам, има што да видам.

Пенис во ерекција, под црни гаќи!

Се стресувам, маж ми инстинктивно се врти кон мене, се загледува во екранот, ама фала богу кусоглед, не забележува ништо занимливо и си се враќа на читањето.

Ми доаѓа да го фрлам телефонот низ прозорец, ама се воздржувам, не дишам и вџашено гледам како глушец во кобра.

- Кој е ова побогу? Како се осмелува да ми праќа вакви пораки?!

Скролам нагоре и ги забележувам добро познатите:„Здр“,„Здраво, како си Ели“?...па пак „Здр!“... кои не се ни сеќавам дека некогаш сум ги отворила. На крај – цап, кадро!

Човекот не го познавам и не се сеќавам кога сум го прифатила за пријател. Го оценувам како лудак, го блокирам и продолжувам со следeњето на Фејсбук расправата за патните трошоци на пратениците.

Горда и за нијанса помудра да не прифаќам ојлевци дојлевци за пријатели.

Но, не умри магаре!

Пред некој ден додека расправавме што да ѝ се купи на учителката за 8.Март на групата родители на месинџер, ми стасува  френд риквест од некој Зоки. Гледам имаме заеднички пријатели од кои многу роднини и рутински го одобрувам за пријател. Истата секунда пристигнува заканувачкото „Здр.“

Следи – „како си Елена?“. Додека нервозно чепкам по новата верзија на месинџер за да го најдам спасоносниот „блок“, долетува фотографија.

Сопругот не е до мене, но тука е ќерка ми која се подготвува за во училиште и шета наваму натаму. На фотографијата - истопорен пенис, овојпат без гаќи.

- Добар е нели? – прашува Зоки.

Добивам тахикардии како пубертетлика и нервозно ја барам опцијата „блок“. Пенисот ми се кези од екранот додека ме облева ладна пот.

Што се потресов толку, побогу? Небаре баба ми кога еднаш налета на порно канал на ТВ, се прекрсти и свреска: – В`к да ги јаде!

Навистина што е толку длабоко вознемирувачки во ова? – размислувам неколку минути подoцна зад безбедниот ѕид на блок опцијата.

Не сум со викторијански морал, немам 15 години, ама праксата на праќање вакви фотки, за што подоцна дознав дека редовно им се случуваа на многу жени, девојки и девојчиња на социјалните мрежи, ми се чини сериозно ненормална.

Пријателката на која ѝ го раскажав ова ми праќа 7-8 машки профили од кои добила слични пораки. Гледам голобради момчиња, женети мажи, урбани, полуурбани, во БМВ, на трактор... на прв поглед сите нормални, со мајки, жени, деца...

Се прашувам – кои се луѓево и како ли го одбираат својот таргет? Немам фотки со исплазен јазик, напрчена уста, ниту во бикини и долен веш, па да се чувствуваат прозвани. Кога мене ми стасуваат вакви фотки, што ли им праќаат на секс- бомбиве од социјалните мрежи?

Нешто сериозно не ми штима тука...

Ваква храброст и дрскост во време кога по улици гледам орди момчиња и девојки кои едвај и да се погледнуваат. Кога слушам дека девојкиве не можеле да си фатат дечко оти момциве наводно отпоодамна не им приоѓаат и биле прилично нервозни при директен контакт. Па преферирале да  се запознаваат на Инстаграм и сл.

Се мислам – дали мојов Зоки би се осмелил така апла да ми пријде да речеме во некое кафуле и веќе следната секунда да го тресне пенисот на маса?

Дали социјалните мрежи се сигурна брана зад која момциве ги кријат своите реални фрустрации, страв, анксиозност, па бираат рендом женска особа и ѝ ги покажуваат гениталиите? Или, пак, станува збор за посериозна дијагноза?

Ете, не се заинтересирав да се распрашам дали и девојките и жените манијачат реципрочно или се троа посуптилни?

Па се присетувам на сканадлот со Јелена Карлеуша и заклучувам дека практикава може да е и обострана!?

Ми текнува  на една пријателка која запозна дечко преку Инстаграм, па кога излегоа на кафе, тој гледал само во земја, црвенеел и едвај два збора изустил.

Кога се прибрале дома место порака за добра ноќ, човекот и пратил портрет од својот пенис и бил категоричен - прати ми гола фотка со раширени нозе! Фотката не ја доби, излегоа уште два три пати, ама живата  комуникција не мрдна од мртва точка.

Веднаш ѝ прос’скав – откачи го, манијак!

А ми дојде да ѝ кажам: - В`к да го јаде!

Елена Скопјанска