,

ВО АЏИБАДЕМ СИСТИНА ОТВОРЕН ПРВИОТ HISPA ЦЕНТАР ВО МАКЕДОНИЈА

Добивај вести на Viber

Во „Аџибадем Систина“се отвори првиот HISPA центар во Македонија. Под името HISPA М, беше промовирано и здружението кое што стана дел од регионалното HISPA Здружение за третман на висок крвен притисок и превенција на срцев и мозочен удар. Персонализираниот пристап кон пациентите е клучната придобивка од спроведување на HISPA програмата, каде што влегуваат и проценката на ризик факторите и креирањето на индивидуален план за исхрана, потоа физичката активност, антистрес програмата и терапијата. HISPA центарот ќе овозможува идентификација, дијагноза, третман и следење на пациенти со висок крвен притисок и пациенти со ризик за кардиоваскуларна болест.


Претседателот и основач на HISPA, Проф. Д-р Небојша Тасиќ, на стручниот состанок во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, пред многубројни кардиолози и интернисти од Македонија и од регионот, викендов ја презентираше HISPA програмата која што ги следи најновите светски трендови во третманот на пациентите со висок крвен притисок.

„HISPA претставува мрежа на високо специјализирани и модерно опремени центри за дијагноза и третман на пациенти со кардиоваскуларен ризик. Вакви центри има во 55 градови во регионот – во Србија, во Црна Гора, во Босна и Херцеговина, во Хрватска и во Бугарија, каде што работат високо-стручни тимови. Со отворањето на HISPA центарот во „Аџибадем Систина“ја исполнуваме нашата мисија за проширување на центрите низ целиот Балкан. Досега, во нашите центри, со примена на специјализираната програма, успешно се третирани над 15.000 пациенти. Во работата на центарот се вклучени кардиолози, нефролози, ендокринолози, невролози, како и лекари од други специјалности. Покрај дијагноза и надзор од тимот специјалисти, она што е најбитниот момент и она што нè разликува од пристапот на сличните програми во светски рамки, е тоа дека пациентите добиваат персонализирана терапија, прилагодена според нивната состојба.“, изјави кардиологот, проф. Д-р Тасиќ.


Клиничката болница „Аџибадем Систина“ од самото отворање го поддржува концептот за проценка на кардиоваскуларен ризик и превенција на кардиоваскуларните болести со долгогодишен мултидисциплинарен пристап. „Во HISPAцентарот ќе се третираат пациенти кои имаат нерегулиран или неадекватно регулиран крвен притисок, пациенти кои биле на кардиолог, но сепак не успеале да го регулираат притисокот. На овие пациенти им е потребна комплетна дијагностика, третман и следење. Главен фокус ни се и пациентите кај кои е проценет ризик за појава на кардиоваскуларна болест. Тоа може да бидат и релативно здрави луѓе, кои немаат изразени симптоми но имаат проблеми како што се прекумерна тежина, стрес, висок крвен притисок, неадекватно се хранат. Посебен програм е и рехабилитацијата на оперирани пациенти по HISPA персонализираната програма, која ќе овозможи намалување на ризик факторите за развој на болеста.  Во Центарот се добредојдени и здрави луѓе кои сакаат да го зачуваат своето здравје.“, вели Д-р Даниела Пројевска, кардиолог во „Аџибадем Систина“ и претседател на македонското здружение HISPA М.


Според податоците на Светската здравствена организација, инаку, кардиоваскуларните болести сè уште се водечката причина за смртност во светски рамки. Преземањето на превентивни мерки, персонализираниот пристап во намалувањето на ризик факторите и регулирање на крвниот притисок, значително влијаат во спречувањето на срцевиот и на мозочниот удар.