Во април 66 починати пациенти, во мај 63, до пола јуни 53: Болниците полни до максимум
Статистиката за бројот на починати пациенти од корона вирусот од почетокот на епидемијата во земјава е загрижувачка. Вкупниот број до сега изнесува 193, но по месеци тоа изгледа вака: во март, откако земјава ја започна борбата со Ковид-19, починаа 11 пациенти, во април кога здравствените власти велеа дека вирусот го достигнува пикот, бројот на починати до крајот на месецот беше 66, заклучно со 31. мај, починаа 63 пациенти, а само до 15 јуни, односно само за половина месец, пациенти кои починаа од корона вирусот се 53. Здравствените власти велат дека речиси сите пациенти кои се хоспитализираат во последниот период, доаѓаат во многу тешка состојба, откако претходно најмалку десеттина дена седеле дома и се обидувале сами да се излечат.
Болничките капацитети во земјава се полнат пребрзо, така што веќе нема место во ГОБ „8 Сепрември“, додека на Инфективната клиника остануваат уште само неколку празни кревети. Од Итната медицинска помош, за Фактор велат дека секојдневно во овие две здравствени установи се носта од 20 до 25 пациенти.
-Возилата на Итната медицинска помош, во зависност од состојбата на пациентите, во текот на денот превезува од 20 до 25 пациенти до ГОБ „8 Септември“ или на Клиниката за инфективни болести. Тоа што сакам да го порачам до пациентите кои се јавуваат и бараат помош, е да бидат искрени и да даваат точни податоци за нивната здравствена состојба. Сите ќе добијат навреме медицинска помош, но секако дека приоритет се оние кои при телефонскиот повик велат дека се гушат, дека не може да дишат. Реагираме веднаш, па во зависност од местото на живеење, Брзата помош стигнува за 10-15 минути, најмногу до половина час. Работиме според протоколите без исклучок, вработените се максимално заштитетни, па само двајца-тројца од колегите се во самоизолација, немаме заболени од здравствените работници. Но, мора да истакнам дека недостигаат медицински екипи и во Итната медицинска помош. За жал, дел од персоналот си замина, па за сега функционираме само со 8 до 9 екипи, но ако има потреба ќе го зголемиме тимот, вели за Фактор д-р. Милица Бубало, раководител на Итната медицинска помош.