Во Македонија има продавачки, но инфлуенсерки нема: Спасе „Рола до бола“ за Женски Магазин
Луѓето околу мене и оние што биле во мое присуство често знаат да кажат: ”СИТЕ ТРЕБА ДА СИ ИМААТ ПО ЕДЕН СПАСЕ ВО СВОЈОТ ЖИВОТ“
Што би рекла една моја блиска личност ТИ СИ АРНА ДУША.
И да, за себе можам да кажам дека сум арна душа, но со ЛАВОВСКО ТИТАНИУМСКИ штит кој го ставам пред себе, па така на прва на луѓето им делува дека сум самобендисан, препотентен, егоманијак...Но, кога добро ќе ме запознаат, покрај мене предат како мачиња. Вака себеси се опишува Спасе Јовановски, ТВ презентерот на временската прогноза во Сител, кој стои и зад Инстаграм профилот на водителката Лила Стојановска.
Спасе, или „Рола до бола“ како сам се нарекува, и по кој прекар е познат во јавноста, ексклузивно за Женски магазин одговори без влакна на јазик, сѐ што го прашавме. За приватниот живот, за Лила, дали е вљубен, што мисли за инфлуенсерките во Македонија, каде ќе ја дочека Новата година.
Читате во редовите подолу.
*За оние кои не те познаваат – кој е Спасе Јовановски
- Кога сум наутро на работа мојот ден започнува во 5 часот наутро, одам директно под туш, па пуштам кафе, се подготвувам и право во СИТЕЛ. А кога сум попладне, станувам во 9 часот секако со истата рутина, плус појадок. Денот, па можа, да кажам дека ми трае 12 часа. Покрај работата во СИТЕЛ, задолжен сум за инстаграм профилот на Лила, и уште неколку профили кои ги водам во позадина. Денот ми завршува со ТОТАЛНА мрачна соба и музика. А за викендите се трудам малку да поспијам.
*Најчесто те гледаме во друштво на Тв водителката Лила Стојановска – како почна вашата соработка, колку време се познавате?
- Иако се познаваме 15 години, според нашата конекција се чини дека се знаеме цел живот. Јас ја запознав додека работев како новинар во таблоидот СВЕТ. Тогаш измислив некој текст, па сакаше да ме тепа кога ме виде (се смее) и така по 15 години... Денес сме бизнис партнери, заедно работиме на нејзиниот инстаграм профил кој можам да се пофалам дека е најуспешен во земјава па и регионот. Лила има сенс за бизнис, стил, ама буквално ја бива за сѐ, и сум среќен што токму таа е мојот ментор низ сиве овие години.
*Активни сте на
Инстаграм. Колку време поминува Спасе на социјалните мрежи во еден ден?
-На инстаграм има бројач, па точно покажува колку си се задржал на нивната апликација, јас дневно поминувам од еден до 2 и пол часа, со оглед на тоа дека едитирам фотографии, видеа, поставувам сториња, сепак не го сметам тоа за изгубено време бидејќи ми е втора работа.
*Колку според тебе се
реални македонските инфлуенсерки и искрени?
Во Македонија, нема ИНФУЛЕНСЕР тоа е залудно и присилно наметната дефиниција за оние што немаат што да прават со својот живот. Тоа се онлјан продавачки, некој бренд таму, сака да се продава неговата роба, па сака да помине поевтино и ангажира некој лик, кој често има КУПЕНО следбеници (тоа лесно се проверува) и за кило сирење тие мислат дека се инфлуенсерки.
Во Македонија има ПРОДАВАЧКИ но ИНФЛУЕНСЕРКИ нема.
Сега тука ќе си кажат ПА ЛИЛА ШТО Е?
Лила е лик од телевизија, својата слава ја стекнува како водителка, која веќе 30 години е АКТИВНО присутна во јавниот живот. Нејзината работа на инстаграм е плус. Лила не е популарна поради инста профилот, туку поради многу успешни проекти зад неа, вклучувајќи го и последното шоу кое трае веќе 11 години.
*Колку кај нас се исплати да бидеш јавна личност, да бидеш трн во око на сите, дали вреди?
Која јавна личност има најгледана емисија 5 дена во неделата 11 години? Оние што соработуваат со неа ја зимаат Лила како заштитно кое стои зад нивниот бренд од кој прави успешна приказна.
Јавните личности во Македонија, мора да сфатат дека, јавната професија е ама буквално иста како на пример не знам оние што работат во маркет, локал, продавница, само што сме под окото на јавноста. Доколку сте решиле да бидете јавна личност, гордо носете се со тоа, не може сите да ве сакаат, а и не треба.
*Дали се гледаш цел живот како ТВ презентер или можеби ќе смениш професија?
-Уште од мал кога ќе ме прашаа што сакаш да бидеш, им кажував СПИКЕР. Мајка ми често со мене имаше проблем на родителските средби каде што наставниците велеа “Ова дете е добро, учи АМА МНОГУ ЗБОРУВА“ . Јас не зборувам само кога спијам, па ете тоа денес стана моја професија на која што сум многу горд. Инаку многу љубов гаам кон камерата и фотографијата, па во иднина можно е да се занимавам со режија но, се во свое време.
*Дали можеби ќе шеташе девојка под рака, ако не беше толку често Лила покрај тебе?
-Лила, нејзиниот дечко, јас и мојата девојка често се шетаме фатени под рака, но го криеме тоа успешно од јавноста. Сепак треба да се зачува еден ден само за себе нели?
*Ајде малку за приватноста. Дали си вљубен?
-Јас сум секогаш вљубен, љубовта не доаѓа само во физичка форма. За да ги сакаш другите треба прво да се сакаш себеси, а јас се водам по тоа правило.
*Која е твојата дефиниција за совршена жена ?
-За мене, совршена жена е чиста жена. Кога можам јас во 5 часот да се бањам, можеш и ти да не се појавиш во јавност со мрсна коса, несредени нокти, згужвани алишта. Хигиената е на прво место, негуваната жена за мене е совршена.
*Што те привлекува на прв поглед кај една дамa?
-На прв поглед ме привлекува харизмата, може да е најубава на свет, но 5 минути си убава, потоа треба и да муабетиме. А јас сакам да муабетам, не површно.
*Што мислиш за македонските жени-колку се модерни, а колку домаќинки?
-На жена и е дозволено ама баш сѐ, шминка, фризура, нокти, усни...Не можам да разберам, како некои жени - девојки не сакаат да се дотераат па они се поубавиот пол, па кога ќе помине сите ВРАТ да искршиме, а не, да шетаат како плашило за нива. Жената може да биде и модерна и домаќинка. Оние што велат “не сакам да мирисам на манџа сакам да мирисам на парфем“ мислам дека се разгалени од дома, па напрај ја манџата избањај се и стави парфем, ти си жена ти можеш сѐ!
*Како личност која често патува, што мислиш дека му недостасува на ноќниот живот во главниот град?
-Ноќниот живот кај нас се сведе на “ајде да излеземе вечер, ама молиме бога побрзо да си одиме“.
Локалите во градот се трудат да направат нешто ама сето тоа е млако, онака слабо. Ако локалот собира 100 луѓе па немој да ставаш 250 да не можам да мрднам да мора да се чуствувам ко риба сардина, озвучување за стадион во премал простор, некој бенд што фалшира, некои фаци што стојат во место, едни те исти песни секое излегување...Оние што го менаџираат ноќниот живот, треба да го опипаат пулсот на луѓето, тоа е цела филозофија, гледаш дека не се мрда никој смени музика, смени бенд, воведи нешто ново не знам, ако те погодам со тапа од шампањ вечерта у глава пиете гратис сите...
*Не е блиску, но не е ниту далеку. Има ли Спасе испланирано каде за Нова година ?
-Јас сум еден традиционален тип, кој за Нова година сака да седи, да пие да јаде кифлички и руска, вкусно месо, да си честита Нова година, а утрото да гледа виенски Новогодишен концерт и да спие до пладне. Не поднесувам гужви ниту пак славење на отворено.
Ирена Ставрова