Во периодот на неизвесност не чекавме розови времиња: Тиноски и Елена Ристовска отворија креативно студио

Креативниот бренд Тиноски започнал во едно време пред повеќе години, кога како што вели неговиот креатор, ТВ водителот Валентин Петрески, не ни мислел дека „Тиноски“ ќе биде ова што е денес. Токму во време на пандемијата, Валентин и неговата бизнис-партнерка и пријателка Елена Ристовска го отворија креативното студио „Тиноски и Елена Ристовска“. Сите уникатни пораки и цртежи кои луѓето до сега ги нарачуваа изработени на шолји, маици, тефтери, чинии, ги има на едно место, во студиото. Шаренилото на простор го збогатува и уникатниот накит на Елена, направен од месинг, сребро и дрво, како и нејзините модни додатоци.  

А сè започнало од една шолја. 

„ Во време на потреба од креативност, одлучив да си направам шолја за себе. Таа ја објавив на својот инстаграм профил, сегашен Тиноски профил и сè почна така. Прво најблиските, па после и нивните блиски, сакаа да им направам шолја и за нив. И од таа шолја приказната на креативноста започна да се раскажува до денес. Сега веќе Тиноски е една креативна заедничка приказна на мене и сите луѓе кои се довериле за да имаат уникатен подарок“, раскажа за своите почетоци водителот на емисијата „Урбан Таг“ на ТВ 21.

Со растењето на брендот, еден од соништата на Валентин почнал да се остварува. Подароци со разни поводи чија идеја за посвета и цртеж клиентите често му ја доверуваат, Тино до скоро ги носеше лично на закажаната адреса, и сè уште ги доставува. Разни љубовни пораки како „365 дена љубов“ на маиците „Готви ми љубов“ на кецелите, „Верувај во себе, верувам во тебе“ на шолјите и уште многу инспиративни мисли и цртежи на неговите изработки станаа вистински хит. Вториот дел од сонот, да има свое катче за работа, почнал токму пред пандемијата, заедно со Елена Ристовска.

„ Сонував за денот кога ќе се одлучам за физички простор, знаев дека тоа треба да биде но веројатно не собрав храброст сè до 8ми март оваа година. Ми се јави Елена Ристовска, девојката која изработува фраерски накит за базарот кој беше организиран за празникот на жената, Осми март. Ми се јави да ми предложи дали сакам да присуствувам на базарот кој веќе е почнат поради тоа што некои изложувачи не се појавиле на договореното. Најпрво кажав отсечно НЕ, по што ѝ се прејавив на телефон и ѝ велам: Дај ми време да размислам како да се организирам со оглед на тоа што треба веднаш, а јас бев на пат за Тв21 каде што исто така имам секојдневен ангажман со емисијата „Урбан Таг“. И сè се случи преку ноќ, се организирав, се спремив и 3 дена ги поминавме заедно низ смеа и муабети како да се знаеме со години. Така и кликна идејата за студио, и двајцата сме имале исти желби па заеднички се охрабривме да побараме простор. Па се случи корона. Сè остана на пауза, но бевме упорни и постојано размислувавме каде би можеле да се сместиме. Среќни сме што денес имаме заедничко студио, ова е само почеток на сите работи кои би сакале да ги реализираме, и поединечно и заеднички бидејќи многу работи од нашите идеи ни се преплетуваат и се пронајдовме веројатно на исто ниво на енергија. И на крај, се испоставува дека ништо не е баш така случајно. Ова е период на неизвеснот, период кој никој не може да предвиди што и како ќе се случува. Можевме само да се откажеме и да чекаме "розови" времиња, но сепак се одлучивме за нов предизвик во ова време на неизвесност. Веруваме дека ќе биде добро, ја даваме сета енергија кон ова наше ново катче. Мене сè уште ми е чудно што работата ми е одделена од домот, но дефинитивно ми беше неопходна оваа промена. На крајот од денот, секоја промена е добра“, раскажа Валентин за студиото.

За крај, тој додава дека просторот е само физичко надополнување на досегашната работа. Начинот на нарачки од дома останува ист, а постои и опција да се купи или да се нарача персонализиран подарок од самото креативно студио.

„Со Елена совршено со споивме со енергија“, вели Валентин и додава дека и двајцата имаат уште идеи за кои едвај чекаат да се реализираат.

М.Џаровска