Во среда ќе ги дознаеме Кумот и Здравичарот за Бадник 2020

Скопјани и годинава, по 28-ти пат, благодарение на активноста на Граѓанското здружение Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје, ќе им се радуваат на Бадникарските свечености.

Направени се сите подготовки за успешно одвивање на манифестацијата, која наиде на општо одобрување и поддршка кај скопјани.

Во среда, 11.12.2019 пред новинарите ќе бидат претставени Кумот и Здравичарот за Бадник 2020.

Традиционално, на 22-ти, во Декември, од падините на Водно на скопјани ќе им биде обзнането дека се е готово за централното одбележување на Бадник, на 6-ти Јануари на платото пред Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје.

Уште еднаш ќе бликнат радост и среќа со бадниковото гранче, нафората и  голтката топла ракија, во пресрет на Бадник и во предвечерјето на најголемиот Христијански празник Божик. Кумот за Бадник 2020 со пајтон ќе замине со преодниот Ќуп, откако ќе прими благослов од поглаварот на МПЦ Г.Г.Стефан, поздравен од своите сограѓани, задоволни што нивниот град негува уште една убава традиција.