Водителката Александра по лошото искуство советува: Секој материјал за облека си има своја намена
ТВ-водителката Александра Пановска Илиевска позната по кулинарското шоу „Брза кујна“ за читателките на Женски Магазин сподели едно модно искуство во кое сигурно многумина ќе се препознаеме, но даде и совети кои ќе Ви помогнат при изборот на облека во зависност од пригодата за која се подготвувате.
Неделава имам состанок и навистина не знам што ќе облечам, размислувам дека можеби едно ново парче облека добро ќе ми дојде како награда за успешниот состанок кој иако е утре знам дека ќе помине одлично.
Решив ќе одам во шопинг, шетајќи низ градот, а по малку и во мислите, погледот ми застана на еден убаво уреден излог и не можев, а да не влезам внатре. Внатрешниот дел на продавницата беше исто толку впечатлив колку и надворешниот, атмосферата пријатна, вработените љубезни, облеката фино подредена, да можеш лесно да си одбереш, да искомбинираш. Ги разгледувам моделите и се мислам помеѓу кошула или фустан, можеби кошула и панталони во комбинација со сако, се враќам повторно кај фустанот кога одеднаш ја погледнувам етикетата, го читам составот и забележувам дека тоа е полиестер. Не сакам полиестер е првата моја мисла, никој не сака полиестер, сите бегаат од него.
Можеби не требаше да ја погледнам етикетата, подобро да не знаев кој е составот, но добро. Ја прашувам продавачката, дали имаат нешто друго освен полиестер. Љубезно ми кажува дека имаат, вискоза и памук. Одлично, си мислам, вискозата е супер, така барем сите викаат и одлучив - ќе си купам една кошула од вискоза!
Ја носам дома, правам комбинации, ја одбирам идеалната за состанокот, внимателно ја ставам облеката во плакарот и задоволна седнувам да ги направам последните подготовки пред состанокот. Облеката ја имам, уште разговорот да тече баш така како што посакувам и ќе бидам навистина задоволна.
Следното утро се будам со насмевка на лицето и полна со мотивација се подготвувам за најпозитивниот ден кога треба да оставам супер впечаток, пред сѐ заради самата себе. Излегувам од дома, со целата позитивна енеригија , се паркирам и во моментот кога треба да излезам од колата, забележувам дека целата кошула е изгужвана.
Зошто?!? Како?!? Како се случи ова?!? Кошулата на која толку многу и се израдував одеднаш личеше на сѐ, само не на кошула за состанок на кој треба да оставите одличен впечаток.
Немам избор, морам брзо да реагирам, се јавив да кажам дека заради гужвата во сообраќајот ќе доцнам на состанокот, иако секогаш сум точна, денес морав да отстапам од моите принципи. Се враќам дома, го облекувам првиот фустан кој ми доаѓа до рака и се враќам назад. Можете да претпоставите дека состанокот не помина баш така како што очекував.
Водителката ужива да носи парчиња од модниот бренд „Linea“
Ова беше многу важна лекција за мене, затоа што сфатив дека не е до кошулата, туку до составот и до материјалите од кои е изработена облеката. Сфатив дека како личност која многу внимава на изгледот и на облеката која ја носам, морам да знам да ги препознавам материјалите и да знам кој материјал е соодветен за која прилика.
Се посоветував со тимот на мојот омилен бренд „Linea“ на оваа тема и сакам со вас да ги споделам информациите, за да не се најдете во иста ситуација како јас:
- Вискоза, овој материјал го носам само кога имам поопуштени состаноци, денски или вечерни излегувања и не мора да се оптеретувам со фактот дали и колку сум изгужвана. Многу е пријатна на кожата, без проблем можеш да ја носиш цел ден, но сепак треба да бидеш малку повнимателен со потезите во текот на денот, за да ти остане пристојниот изглед. А и нејзиниот краен изглед многу зависи од тоа како ја одржуваме.
- Бирам полиестер секогаш кога сакам да изгледам скоцкано на состаноците, точно дека полиестерот не е природен материјал, но е единствен материјал кој не се гужва и без разлика дали сте заглавиле во сообраќај и во кола сте поминале 2 часа или 2 минути, вашата облека секогаш ќе изгледа како свежо испеглана.
- Кога бирам облека од полиестер, на пример фустан, внимавам да има постава од природен материјал за да ми биде пријатен за носење. Така постигнувам двоен ефект, секогаш изгледам уредно, а се чувствувам и многу пријатно.
- Памучната облека ми е супер и ја практикувам, но само во денови кога немам некои важни професионални активности и сакам да ми доминира токму тој кежуал изглед. Памукот сам по себе има „casual look“, заради неговите карактериситики и бледите бои но истотака како природен материјал , лесно се гужва и потешко се одржува.
ВАЖЕН СОВЕТ: Да заклучам, внимателно со материјалите, не ги отфрлајте од прва, научете ги карактеристиките и бирајте според приликите во кои ја носите облеката.