Време-невреме

Добивај вести на Viber

Ми текнува дека порано на секое несогласување што го имавме, моите ми велеа “ќе дојдеш на моето”. Тоа вообичаено беше како продолжение на легендарното “во мое време не беше вака”, на што секогаш превртував со очи и обврзно си велев “пак ќе тапат сега со приказни од времето на дедо Ное”. И ај што превртував со очи, туку и си помислував колку многу се старомодни, дека немаат широки сфаќања и дека всушност ништо не разбираат, па од денешен аспект знам дека сум се чувствувала дури и супериорно (демек мене се’ ми е јасно, а тие се тапа). Пуста младост со сета дрскост во себе и со илузијата дека се’ што лета, се’ се јаде!

Приказните за нивните дружби кога чопоративно шетале на корзо и кога се собирале на домашни журки за да ја преслушаат најновата грамофонска плоча која била набавена од Србија или Хрватска (а посебно доживување било ако доаѓала директно од Англија-поклон за роденден од некоја одамна отселена тетка) ми беа дури и патетични. Смешно наивни ми беа и раскажувањата за организирани излети на кои се свирело на гитари и се пеело, па како било на работни акции и низа такви случки кои дури ми беа и нереални. Јас растев во ново, помодерно време (80-тите и 90-тите, кои сега се веќе демоде) кога се појавија првите вокмени, кога се појавија дискетите, кога лаптопите беа тешки ко ќутуци и беше луксуз да се има лаптоп дома, кога наместо wifi цела вертикала од зградата ечеше кога се поврзувавме на интернет, кога се појавија првите мобилни- незграпни ко цигли и ужасно скапи (а за сметките да не зборувам). Но, тоа беше само зачеток на технолошкиот бум кој отпосле унакази многу генерации, оти тоа е исто како кога на дете ќе му оставиш еден куп чоколади пред него, а притоа не си го научил дека ако ги сотре сите наеднаш ќе му се слоши.

Нејсе, како и секоја генерација која е во цутот на својата младост, мислевме дека сме моќни, не...најмоќни, дека светот почнува и завршува со нас, дека сме најпаметни, најдосетливи. Сега ја гледам генерацијата на ќерка ми и ме удира по нос сето тоа што сум мислела дека нема да ме удри и да, се фатив како кажувам “во мое време не беше вака”. Секако дека ќерка ми реагира идентично како јас кога бев на нејзина возраст, со превртување очи, тешка воздишка (која недвосмислено кажува дека ништо не разбирам) и станувам болно свесна дека историјата се повторува. Секако, со таа разлика што од денешен аспект лудориите на мојата генерација изгледаат потполно наивни во споредба на оние на нашите деца. Имам пасија за чување стари работи, не дека сум забегана ама си сакам некои работи да ми се тука без оглед што одамна не се употребливи. Уште ги имам првиот лаптоп и вокменот, спакувани во кутија и симнати во подрум. Паметам дека ќерка ми беше цела во чуденки оти немаше претстава како работат (сега скоро баш гледав како на тинејџери им даваат касети и фиксни телефони со вртење на бројчаникот и ме запрепасти дека не само што не знаеја да се снајдат, туку не се ни обидоа да измозгаат како евентуално би работеле). Посебна приказна се дискетите кои Нина ги начека во фиока кај моите и никако не можеше да им го најде крајот, а верувам дека деца од нејзина генерација подзинуваат ако видат компјутер со куќиште или некој постар модел на мобилен телефон.

Не ме сфаќајте погрешно, јас ја обожувам технологијата. Практичноста е нешто што ме фасцинира потполно. Да можам да пишувам на компјутер без да се мачам со буквите (оти кога куцкам сакам се’ наеднаш и набрзина) ич нема да користам лаптоп. Дефинитивно дека има голема разлика од моето до ова време, а да не зборувам за споредба на ова време со времето на моите родители. И додека се’ процвета како откритие, иновации, техника и технологија...како да се уназадивме во однос на вредностите кои наместо (како и се’ погоре наброено) да одат нанапред, не само што стагнираа туку отидовме по ѓаволите. И кога зборувам за вредностите, фокусирана сум на чесноста, истрајноста, другарството, помошта. Создадовме генерации кои ги оставивме сами на себе и од кои направивме емотивни инвалиди. Наместо да разговараат со нас за се’ што ги мачи, пишуваат во групи на интернет, споделуваат интима со непознати кои не ретко се насилни и наведуваат на насилство кон другите/ самоповредување/суицидност. Кога ќерка ми започна да зборува за тик-ток (која блуеница е тоа, не сте свесни и ве советувам доколку имате помали деца многу да внимавате на тоа) од аспект на дете кое е учено да биде пристојно и кое беше во шок од тоа каква омраза и поттик за насилство има на една (наивно ќе си речете) тинејџерска платформа, сфатив дека голем дел од младите се “фураат” на тоа да се натпреваруваат кој ќе си даде сам на себе дијагноза дека е со опсесивна компулсивност, анксиозност, биполарност, психози итн. Ме уплаши сознанието дека ваквите (истресени од ракав) дијагнози (кои патем речено се сериозна работа и апелирам да се бара помош од психолози секогаш кога човек не се чувствува добро и го мачи нешто што не е поврзано со физичкото здравје) се еден вид престиж и дека полека  и насилството станува алатка за да се биде “кул”. 

За разлика од порано, кога во секој филм имаше борба меѓу доброто и злото и кога после триста перипетии доброто ќе победеше, сега е во мода да се идеализира злото. Па имате серии во кои сечењето глави, убиствата и лошите типови се прикажани на еден извитоперено романтичен начин (серијата YOU на пример, во која главниот лик е психопат кој така малку е демнач на жени и убиец, ама е прикажан на начин за човек дури и да почне да развива симпатии кон главниот лик, па треба да се штрецне за да се потсети дека е убиец) и тие ликови стануваат примери со кои децата се поистоветуваат. Опасно е отидена работата во дефинирање на вредностите кои ни се излизгаа низ раце, оти и ние-родителите станавме преокупирани со се’, освен со она што е навистина најважно во животот.

Во ова невреме во кое живееме, не може и не смееме да си ги оставиме поколенијата сами на себе. Не може да имаме извитоперени аршини дека не е ок да е некој хомосексуалец, ама е ок да ги пумпаме машките деца со лажна самодоверба базирана на “ај сега ти испукај еден куршум” или “ела, ќе почне серијата Долина на волците”. Не оди да сакаме замена за родителствување со ајфони и кеш, а после да се жалиме дека сме немале ниту оддалеку идеја оти децата ни се несреќни, насилни или жртви на насилство. Не оди едно со друго да бидеме ем оставени на раат оти сме преморени, презафатени пре...(ставете тука се’ што ќе ви текне), ем да сме информирани за се’ што им се случува. Некогаш не ми се гледа од умор, некогаш ми е душава така раздразнета и тажна што мислам дека ќе се распаднам, некогаш сум нервозна и малодушна...ама секогаш седнувам да зборувам со Нина и да ја сослушам. Дел од што сакам да знам, но и од страв да не престане да ми кажува работи. Оти кога знам што му се случува на детето, ќе знам и како да му помогнам.

Мора да подзастанеме малку во трката со времето и парите. Едноставно, сето тоа што се случува на 400 км од нас, треба да биде аларм и за нас. Знаете како викавме на времето “абе тоа се случува во Америка, далеку е од нас”. За жал, злото не познава далечина, ниту познава препреки ако има плодно тло. Ова е време-невреме и ќе биде се’ потешко и потешко додека примери и во општеството (не само филмовите) се луѓе кои се збогатиле со криминал, кои се недопирливи за правдата и кои секогаш успеваат да се провлечат, колку и да зацапале во темни води. Да не дозволиме идеализирање на таквите, да не дозволиме перење на мозоците на децата со апликации и платформи од кои стануваат како зомби, без свест и без совест.

Ова е време во кое царува невремето. За жал, имаме многу работа пред себе за да го надоместиме пропуштеното. За среќа, имаме голем мотив...децата и нивната иднина. Да сте ми живи и здрави. 

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ми недостасува она време

Кога луѓето еден крај друг со насмев минуваа

Како со години да се познавале

И многу лаф муабети меѓу нив поминале

Кога плочниците полни детски џагор беа

Без да се плашиме од лошите чичковци

За кои раскажувавме измислени приказни

Кога во ниедно време низ улици сме шетале

Со леснотија и мир во градите

Без да заобиколуваме темни ќошиња

Ми недостасува воздух

Оној порано кој го жед го голтавме

И слободата која во умовите ја имавме

Без грижа што ќе донесе новиот ден

И без тескоба од ноќта што доаѓа

Веројатно стареам

Барем баба ми така велеше

Дека штом почнува да ти фали минатото

Годините веќе те навјасале

Та си бараш утеха во нештата кои минале

И кои веќе нема да се вратат

Ех, ми недостасуваат луѓето

Оние кои повеќе ги нема

Кои заминале во некоја друга димензија

Кои веќе живи не се

А и оние кои патот далеку од мене ги однел

Та сега само буквите си ги гледаме, наместо очите

Ми недостасува мирот

Кој младоста со себе го носи

Иако од годините не се плашам

Ама некако ме разжалостуваат и осамена ме прават

Ми недостасува искреноста во муабетите

Без меркање под око и брза проценка

Кога беше сеедно кој од каде е

Дур има душа во себе, дур чоек е

И колку повеќе му се мислам

Толку повеќе сфаќам дека ми недостасува

Ох

Ми недостасуваат луѓе на кои сево ова им недостасува

Па да седнеме на чаша вино

Да се расприкажеме и поднапиеме

Да се смееме на минати случки

И да живееме нови, со секој изминат ден

Да пееме до зори и од следниот ден да сме ко што сме биле

Да се смешкаме на непознати по улици

Да ги поздравуваме и да посакуваме убав ден секому

Без лоша мисла во главите

И без товар на суетите

Да се родиме одново

Или да се вратиме назад

Па повторно да дишеме ко првпат да ни е

И поинаку да замирисаме

На чисто

На убо

На нов почеток

На себе