За дете останува непребол

Добивај вести на Viber

Не е фер! Едноставно и кратко, не е фер. Не е фер да живееме во држава во која сите портали и вести се преполни со информации дека таму си некој купувал имоти чија вредност е “само” неколку милиони евра, додека народов на сета сиромаштија собира донации за лечење на деца. ДЕЦА! Брука сме и арам да ни е на сите од А до Ш, оти не ни дојде ум да се избориме за најосновното. Сите јадеме гурабии деца децата се најважни, дека во нив лежи иднината, се крстиме и чудиме зошто ни бегаат од земјава, ама не мрдаме со прст да ја разбуричкаме жабокречината во која живееме со децении.

И да, сите ние сме виновни. Виновни сме оти сопствената лагодност ни е поважна од тоа да направиме тектонски измени. А не е дека не сме моќни, туку веќе сме си легнале на брашното оти “има и полошо”. Епа, нема! Нема полошо од тоа да се сведеме на ова дереџе на кое сме сега. Како бе низ годиниве не се најде некој асален кој ќе рече СТОП, ајде да направиме нешто поинаку, нешто што ќе донесе вистински промени. Како еднаш не се најде некој кој ќе е на власт и кој ќе рече “другари, време е да престанеме со делење на министерски места, пари, тендери и да поставиме вистински луѓе на вистински места”. Ќори сме оти сме веќе уморни? Глуви сме оти ни е смачено од истите приказни? Да, можеби...ама тоа не е ама баш никакво оправдување за гомненицава во која се најдовме. Сите сте виновни кои имате било каква политичка моќ, опозиција или позиција. Виновни сте оти лажете дека ќе е поарно, а знаете однапред дека нема да биде. Виновни сте и едните и другите и носите грев на душата што нема да го испере ниту една света вода, пост или фрлање пари за цркви и џамии.

Никнуваат згради ко печурки после дожд, триесет години изигравате власт а ширите безвластие, се борите против корупција а корумпирани сте и зли. Ништо не ви е свето, а најмалку човечкиот живот. Поседувате имоти кои не ни можат да бидат преброени, пари имате во странство, живеете лагодно и луксузно, додека ние собираме донации за болни деца. И ве заболе уво, оти и за најмала настинка трчате по приватни болници, за вас е смешка да се платат стотици илјади евра ако (не дај Боже) треба да ви се лекуваат децата некаде надвор. За туѓото не ве боли, пардон, ве боли само тогаш кога треба да измислите лага за да бидете изгласани на следните избори. Шљам невиден сте сите.

Народов наш е голем, секогаш бил голем за да помогне и да собере пари за дете, ама некогаш знае да биде предоцна. И додека вашите синови и ќерки ќе возат џипови уште од пелени, за викенди ќе се сликаат од луксузни хотели во кои има и од пиле-млеко, ќе носат гардероба која чини колку нашите годишни примања, ние останатите ќе се радуваме на секој собран денар кој многумина ќе го ускратат од сопствените деца за да помогнат некому.

Ма знам дека колумнава ќе е една од многуте работи за кои мува нема да ве полази (ако воопшто и ја прочитате), знам дека повторно главни вести ќе се оние поврзани со тоа како некој со 20 и ситно години имал пари за да си купи бизнис центар, знам дека ништо нема да се смени. Само да ми е да знам до кога вака? Има една многу убава изрека која се користи кога некој ќе стори нешто со што ќе наштети некому и која гласи “каде ќе ти оди душата”. Во денешно време душата е потценета, исто толку колку што се минливоста на парата и власта преценети. Нели власта треба да му служи на народот? Нели сте на позиции за да овозможите поарен живот или заборавивте во кампањите кои ги верглате пред избори да нагласите дека поарниот живот се однесува само на вас и вашите семејства? Кога ќе ми текне само на ПР глупоштините кои ги правите изнасилено, демек со цел да покажете дека и вие сте дел од народов, ми се блуе. Не, не сте. Колку и да арчите пари на филмчиња во кои ќе им се обраќате на младите по аеродроми да не си заминуваат или кога ќе шетате по маркети за да купувате намирници, не сме исти. Не само што не сме исти, туку нема ни да бидеме. Главната разлика меѓу нас (народот) и вас е дека ние сме очајни да видиме дека навистина има живот и за нас во Македонија.

Политички менувате доктори, наставници, судство. Ставате полтрони кои ќе ви го лижат задникот и ќе говорат она што ќе им го напишете. Мамицата и’ ја расплакавте на Македонија од пуста алчност. Партиските војници ви се најважни, а не есапите ничија стручност ако некој нема партиска книшка. Фуј! Ги пикнавте неспособните во секоја пора, само за да се осигурате дека ви е власта загарантирана. И истово е со години, децении. Едни па други, едни па други. Критикувате се’, само за да замачкате што правите вие. Сите сте патриоти дур не дојдете на власт, после станувате дел од светот кој се врти околу вашето его.

Не можам да се помирам овие денови дека Кико замина.

Не можам од глава да ја извадам сликата на детето во чии очи се гледаше болка и на сета безизлезност, имаше надеж дека ќе успее.

Не можам да се помирам дека во сите нас има една затапена мисла оти ќе има уште многу како Кико и дека за дел од нив ќе биде предоцна.

Не можам да се помирам дека како родители не сме свесни оти можеби утре и нашите деца ќе бидат следниот Кико.

Не можам да се помирам дека живееме во земја во која нема совест од тие што ја водат.

Не можам да се помирам дека се’ што вреди во земјава го сотревте.

Колумнава ја посветувам на сите прерано заминати деца, кои не дочекаа да бидат матуранти, да го изиграат првиот валцер со саканата/саканиот, кои не дочекаа да станат родители, кои не дочекаа да го шетаат светот и да му се насладат, кои немаа детство оти беа врзани за болнички кревет.

Колумнава ја посветувам на децата пред кои треба да сведнеме глава и да им се извиниме што не им дадовме иднина каква што заслужуваат и треба да имаат. Ги изневеривме, длабоко и без шанса да го поправиме она што им го уништивме, детството.

Сега, може да бараме прошка дур не скапеме, џабе е. Колку и да сме понизни, секогаш ќе не’ прогонуваат сликите од лицата на оние кај кои со големи букви пишуваше ДОНИРАЈ. Ќе не’ прогонуваат сликите од децата кои ги испраќаме на аеродром и за кои сме свесни дека нема да се вратат, оти нема на што и за што да се вратат. Им го украдовме правото не само на живот тука, туку и на достоинствен живот во земјата во која политиката е помоќна од нивното право да дишат чист воздух, да се школуваат, да имаат можности и услови за да бидат живи, здрави, успешни и среќни.

Простете ни ако можете, многу ви згрешивме!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

За дете не поминува

и боли

а не знаеш зошто

ама боли од мигот на зачнување

дур во себе го носиш

со рацете на стомакот

како да го штитиш

да го покриваш во себе

и ќе го износиш

цел универзум од себе ќе извадиш

кој тежи едвај неколку килограми

и потем цел живот така

ќе плачеш со него

дур сестрата вакцини става

та ќе ти иди да ја плеснеш по рака

и да ја отераш во мајчината сосе шприцот

ќе лелекаш на првото запче

одраното коленце со бакнежи ќе го покриваш

и дур спие ќе проверуваш дал дише

на секоја температура ноќи ќе бдееш

и душата ќе те боли

а ко ќе порасне

не дека нешто ќе се смени

ете

ќе сакаш од луѓето да го штитиш

а знаеш дека не можеш

дека по својот пат ќе врви

ама ќе те боли

секоја солза

и секој трепет

како твој да е

та ќе проколнуваш

оти не можеш да го покриеш

со раце да го заштитиш

како во стомакот дур ти спиело

таа болка

таа никогаш не минува

само други облици добива

чекање на прозорец дур се врати од некаде

тахикардија дур се јави

повторно од некаде

не поминува

никогаш не минува

и не слабее стравот

а како врват годините

стануваш ко баба ти

па се молиш

иако во Господ не веруваш

и си велиш

“само со ред да е, со ред да биди”

оти за дете

за дете не поминува