За Горан
Пред неколку години, ме исконтактира една моја блиска пријателка, режисер. Ми рече дека Унко е назад во Скопје, работи на претстава и му треба костимограф, заглавиле.
Му го дала мојот број да ме побара. Се испопотресов, сега го паметам чувството на ладна пот и морници на идејата дека одам на интервју за соработка со можеби најголемиот театарски режисер кому сум му се восхитувала бескрајно многу пати.
На дента на средбата, со промислен избор на тоа што да облечам, го запознав тивкиот великан што под зелените џемпери и сериозниот говор, понатаму испадна дека е и еден од најшармантните мажи што сум ги запознала во животот. Ми објасни за што станува збор, и дека е текст на Горан Стефановски, Огнени Јазици. Јас дојдов подоцна, процесот веќе беше почнат, екипата беше за мене совршена, а како патетично заљубена жена во театарот, атмосферата бескрајно магична. Ќе ги исклучам на страна сите негативни фактори овој пат, се заради една средба која ми промени се.
Текстот го прочитав повеќе од три пати сигурно. И се чувствував како теле. Тежината на тие зборови ми стои до денес, комплексноста на пишувањето, целта, намерата и свежината на дејствието, ме оставија со заврзани раце. Па Шекспир полесно го имам конзумирано! Се снајдов некако, никако не бев задоволна од тоа што произлезе на крај од мојата работа, знам дека можев подобро и дека сигурно ќе бев подобра да не бев со пристап на локален Балканец каде его и способност си одат едно против друго. Во процесот на претставата го запознав Горан за прв пат во мојот живот. Висок, строен човек со најпријатната енергија, проследена со магична харизма и најискрена насмевка. Од пусти срам бев блокирана, нит знаев како да му се обратам нит пак што да кажам. Што да му кажеш на човекот заради кој цела моја генерација се описмени. Кои зборови да ги искористиш пред таков великан? На дента на премиерата, Унко ме тргна на страна, за кратка рецензија. Ми рече само, симни ја невидливата круна од глава, отвори врата за поголеми предизвици, не се плаши од соработки со поголему луѓе од тебе, и ќе успееш, на прав пат си. Срцево ме болеше, така малку загушено стоев во ходникот, кога се појави Горан со ружа во рака и ми рече, па тебе те барав, ти си последната Дама од представата, оваа ружа е за тебе. Цело тло ми се помести, одеднаш бев назад на небо, и тоа беше првиот момент во мојов живот да јас навистина се почувствувам како Дама. Ја чувам уште, исушена во една тегла, како спомен за контакт со повисока сила.
Помина Огнени Јазици, јас сум се помалку дел од вистинскиот театар, живеам моја Драма надвор. Но ми остана искуството за да го споделам сега со вас. И да ве замолам неделава, дојдете до некоја негова книга, поготово вие помладите генерации, што не успеавме да ви го наметнеме, како мене на времето Достоевски. За да мора да разберете колку е важен пишаниот збор, и колкаво богатство тој човек остави позади себе. Ве оставам со слика од Огнени Јазици, и неколку негови цитати, за да ве натерам да посакате да го испиете сето она што негова рака создала. И вам да ви се промени се она што до сега го познававте.
Почивај во мир Маестро Горан Стефановски, многу сум мала за да
продолжам понатаму, превземи ти …
„Кога ништо не е в ред, а не се крева ниту малиот прст ситуацијата за се подобри… и во тоа се бара дури и некакво задоволство. Ужас. И на овој Балкан никогаш ништо не одело како што треба. Дваесет илјади години наназад. И кога во сиот тој метеж некој се заложи да помогне, таа помош не се прима добронамерно. Напротив. Сомничаво се одбива. И состојбата продолжува. Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не, не на пропаст, да се разбереме. Пропаста е дефинирана состојба. Ни на благосостојба од која сте далеку. Туку на постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки, на ист начин. Повторно и повторно, упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство. Тоа станува смешно.“(Диво Месо)
„Цибра: Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ (Тетовирани души)
„Анастазија: Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно“ (Жив човек)