За мене
Започнете го денот со млака вода со лимон. Не 200мл со половина лимон, не 250мл со цел лимон или нешто налик било која рецептура за совршен живот, туку првата чаша за вода која ќе ја најдете со било која верзија на цеден лимон која ќе ја ископате во фрижидерот. Па дури и да не е млака, не сакате млака, можете само со топла или само ладна вода, направете го тоа.
Направете го тоа за себе, не заради тоа што некој ќе ви каже леле браво па ти слушаш совети за здрав живот и имаш рутина. Туку затоа што на секое тело му одговара и извесна количина на лимон и вода изутрина. Ваше е да започнете да го слушате вашето тело и вие да ја одредите дозата и начинот.
Па така некому не му одговара само лимон бидејќи има проблеми со желудникот па ќе додаде мед, некој има проблеми со пробавата па ќе додаде маслинов зејтин, а некој ќе го сака вкусот па ќе ги пие сите три како комбинација. После лимонот, јадам банана, секогаш прво банана па потоа кафе. Да се разбереме, не умирам ако не се запази редот, ама се трудам да е вака. Кафето го сакам црно без шеќер, најчесто американо и еспресо, за квалитетно да те раздрма. Е потоа..
Вашето тело е ваша интима, ваш храм. Односот кон вашето тело ќе ве одведе на места на кои не сте ни сонувале дека може да стигнете.
Јас сум жена која целиот свој живот се бори со некаков вишок на килограми. Всушност најголемата вистина е дека дури и светски познатите манекенки, со совршено вајани тела, без никаква потреба за фотошоп на нивните фотографии, се борат со вишок килограми, целулит, стрии, отоци и слично. Тоа е болест на новата ера, на новата храна, на новиот начин на живот. Кажано ми е дека треба да сум слаба, наметнато ми е дека треба да имам совршено обликувани округли гради, средно меки на допир, долги нозе со правилни колена, стомачни како исцртани на прирачник за анатомија, извајани раце, скраја да е ако има некој одвишок или целулит. Носот прчаст, устата преполна по можност како од згрешена апликација за на фејсбук, веѓите зависи од тоа која од старлетиве како ги црта, едни полудепилирани едни полуприродни. Ако евентуално овие начела не се исполнети, марш на корекција на пластичар, марш во теретана, оди јади сокови и пиј прашоци. Ако погледнеме детално и ако ја разложиме денешната идеологија за среќа, живееме материјално и конзумерски настроен живот. Секој ден се сведува на финансиски добиток или загуба, потреба за комплетно непотребни работи, и глад за вишок.
Па така секој од нас заглавува со природно наметнат порок, природно потребна зависност од некое дејствие. Најболната, најдостапната и најшироко несвесно конзумирана зависност е таа од храната. Не е дрога, не е забранета а појака е. Потешко се контролира, повеќе те повлекува и последиците се многу полоши од оние на леглано забранетите супстанци.
Немам статистики но со лаичка
сигурност можам да потврдам дека деведесет проценти од европската и
американската популација јаде со очи а не со потреба. Емотивна празнина полниме
со храна.
Колку пати сте изеле се што има во чинијата само за да не се фрли. Колку од вас се растени со баби кои од првото отварање на очи се почнува со јади бабе греота си, кујзнае колку си гладен. Па на маса се вади се што има и нема во фрижидер а нормално на ништо не се вика не. До скоро баба ми паѓаше болна кога ја одбивав за јадење. Не е возможно да одам да ја видам а тоа да не заврши со оброк, мезе, грицкалки, слатко… Имам скоро 34 години, до скоро на телефон знаеше да ме праша, јадеше Бабе, а што јадеше. Па уште ако кажам салата или супа, реакцијата е леле дете кујзнае колку си гладна. И тоа е некоја врста на оставштина, се пренесува од баба на мајка ама во поновово време. На цела среќа мојава мајка е од оние кои решаваат да ги слушаат новите генерации и реалните потреби на едно човечко тело, па можам со неа слободно да комуницирам и да се разберам за однос и став кон сопственото тело. И можам и јас неа да ја искарам ако забега со јадење реални глупости а не оброци. Од причини на лична трансформација, давам волку многу на значај на она што е секојдневен баланс, а немаме кој да ни покаже како општествено систематски. Дедо ми има иста килажа во псоледните 20 години, јаде кога и колку му се јаде, три оброка со две ужинки. За мене тој човек е пример како треба во животот, имал успешна работа, бил најдобар своевремено во тоа што го работи, создал и подигнал цело едно семејство кое се држи заедно до ден денешен со љубов и разбирање. Цел живот е активен, во ниту еден момент се нема пожалено дека е уморен, и цело свое време во пензија го користи за создавање. За мене тоа е успех, балансот во секојдневниот живот.
Јас сум Ивана Кнез, вагам од лево на десно за подобро утре. И сакам повеќе од се', зошто кратко е животиштево, може утре да не нема.
Се читаме следната недела.