За сите шупаци чудотворци
Јас растев во деведесетите. Декада на жени како Опра, Селин Дион, Барбара Стрејсенд, Витни Хјустон, Шер.. Декада на Спајс Грлс и Бекстрит бојс одеднаш, површни романтични филмови од типот на Кејт и Леополд, кулминација на Дизни принцезите и нивно влијание во сечиј сон на секое малечко девојче. Сакањето беше поинаку. Не сум сигурна колку пати ја гледав Ариел, Колку се пронајдов во Покахонтас и колку ми пречеше што никогаш не дознав што откако ќе се земат. Сите тие Дизни принцези беа бунтовнички, се бореа за нивната љубов, се залагаа за нивните права. Љубовните песни беа силни, полни со искуства и емоции кои те тресат навечер покриена со јорган, со полузапалено светло додека ги слушаш Антена 5 Лав Сонгс. Жените беа моќни се уште од една страна, бар како пример кој го следевме. Од друга страна нашите мајки молчеле како им е. Бидејќи нивните мајки им рекле дека така треба, дека жената треба да е кревка и тивка, покорна. Па така во тој занес на еманципација, независност на држава и двојни идеали, ние децата на транзицијата се најдовме помеѓу туѓите и нашите соништа.
Од сите шупаци што ја тежат земјинава топка, се извинувам но нема како поинаку да го изјавам ова, најголемиот и за жал најопасниот е мажот со позиција на моќ.
Е од него да бегаш девојко. Тој нема да те спаси, тој ќе те докрајчи. Ако му родиш дете за да те храни до крајот на животот, рачунај дека си ја продала душата на ѓаволот. Ако го сакаш заради најнови Лобутин што ќе ги сликаш на инстаграм или за Биркиница што и сама немаш појма што значи, освен колективен лајк, тогаш избриши се од светов. И не се себе прикажувај како жена, ми го срамиш родов. Ние сме челикот на првиот слој, нашата моќ лежи во прималното, во интуитивното.Можеме повеќе од еден пар штикли и ташна. За жал, не секогаш успеваме да се провлечеме од оние гореспоменатите со моќ, често жена знае да се заљуби вистински, стварно, и уште постварно да испати една колосална болка нанесена од гореспоменатиот шупак. Зошто тие таквите, со позиција на моќ, те гледаат како продукт. Тебе, твојата идеја, твојот став, твојот карактер, твојата љубов, без почит, со куповна ставка на неодредено време. Немој жено да му се даваш на таквиот. Ако те заслепи, ако го засакаш, ако те повреди, стани и истреси се. Продолжи понатаму и барај љубов. Шупакот ќе пати, вака или онака, кармата стои позади секоја солза на ранета жена. Тој таквиот не е среќен, никогаш не бил. Тој таквиот една сила невидлива си го местио на скалата на патење. Не барај таков да те спаси, не засакувај животно во човечки облик. Засакај човек. Биди жена за себе, сам свој херој, сам свој финансиер, сама за себе на светов гради империја од љубов каде ќе го држиш своето семејство во невидливо звоно и ќе му обезбедиш мир. Тој таквиот е научен да ги третира жените како посед, тој себе се лаже дека има емоции, а камо ли па тебе. Тој не знае да сака, не знае да почитува, не знае да чува, гали и негува. Не знае да биде маестрален во кревет, нема да те стави тебе пред него, ќе ти направи дете заради форма на семејство, без значење. Ќе ти каже дека е подготвен се да направи за тебе а ќе е способен само да плати за нешто. Тој таквиот најчесто не знае сијалица дома да промени, тој таквиот е играч, научен е на стратегии и потези и истите ќе ти ги орави и на тебе. И ќе те доведе во состојба на константна тивка депресија, изгубена, далеку од себе и твојата идеја за љубов. Не, немој да се продаваш за производи, не немој да се продаваш за патувања, затоа што не е важно каде си, важно е со кого си.
Биди жената за која еден ден една група девојчиња ќе велат, е како неа сакам, светот и беше мал, и реши да го освои цел. Биди своја.
Јас сум Ивана Кнез, се уште верувам во љубов на прв поглед и моќта на привлечноста без цена и капитал.
Се читаме следната недела.