За стилот со Ана Ристова: Можете да носите целосно брендирана облека и да не изгледате добро и впечатливо и обратно
За себе вели дека ја сака модата, ужива да креира комбинации и се чувствува убаво кога е средена
Познатата македонска модна инфлуенсерка Ана Билбиловска Ристова за „Женски магазин“ открива дел од својот гардеробер.
Кои се нејзините омилени парчиња облека и што за неа значи стилот, откријте во продолжение.
* Дефиниција за стил?
- Личен и уникатeн начин на изразување на една личност преку облеката и додатоците. Стилот ги надминува трендовите и е печат, опис за една личност без употреба на зборови.
* А, Вие стилски се дефинирате како...
- Она што го носам секогаш го одразува мојот карактер, го одбирам секогаш тоа во коешто се чувствувам удобно, самоуверено и кое ја дефинира мојата уникатност и личност.
* Што е пресудно за добар стил?
- Добро е кога некоја личност ќе го пронајде она што навистина е одраз на сопствениот карактер, на она што го застапува. Креирањето на сопствен стил бара работа на себе, проби, анализи. Умешност во комбинирањето на парчиња. Секогаш е добро кога во гардероберот имате добра основа. Под основа мислам на класични парчиња кои не се моментален тренд и кои секогаш можат да се комбинираат - панталони, сакоа, капути, кошули, фармерки итн.
* Комбинирате елегантно со спортско или сте камелеон во облекувањето?
- Обожавам да комбинирам елегантно со спортско. Сакам парчиња кои можат да се носат и денски и со некоја вечерна комбинација.
* Минимализам, хедонизам, авангарда?
- Мешавина од сите.
* Гламур или класика?
- И едното и другото, сѐ во свој момент.
* Омилени нешта од вашата облека?
- Обожавам бејзбол капи, капути, сакоа, тренч палта, панталони, добри фармерки и патики.
* Дали практикувате брендирана облека или не ви е пресудна етикетата?
- Сакам брендирани парчиња, ама етикетата не ми е пресудна, го гледам парчето, колку е квалитетно и колку ми се допаѓа. Можете да носите целосно брендирана облека и да не изгледате добро и впечатливо и обратно. Важно е да знаете да го носите и комбинирате нештото. И најважно од сѐ, да се чувствувате убаво и самоуверено.
* Што сакате да постигнете со вашиот стил?
- Никогаш немам размислувано за тоа. Едноставно ја сакам модата, уживам да креирам комбинации и се чувствувам убаво кога сум средена. Сето тоа го правам затоа што на мене лично ми причинува задоволство.
* Дали ако сте автентична, тоа значи и осудување од нашава средина?
- Воопшто не мислам на тоа што ќе каже средината. Зошто мислењето на некој би требало да ни влијае? Секој има право слободно да се изразува со својот стил. И запомнете, најважно мислење е она коешто вие го имате длабоко во себе, за вас самите. Со текот на годините се научив да ја насочувам енергијата кон себе, не кон другите и кон тоа што ќе кажат другите. Кога се насочувате кон сами себе, вие растете, кога се насочувате на негативни работи, негативните работи растат.
* На кој дизајнер би му дозволиле да ти го преуреди гардероберот?
- Simon Porte Jacquemus.
* Што облекувате денски, а што навечер?
- Навечер сум најчесто дома со синчето и сопругот, поретко излегувам, ама кога излегувам најчесто носам нешто покласично и едноставно. Денски обожавам да комбинирам класично со спортско, патики и бејзбол капчиња.
* Дали експериметирате со косата и шминката?
- Не, си ја сакам косата долга и црна и најчесто права. И со шминка периодов не експериментирам, носам едноставна, дневна шминка. Повеќе сум посветена на нега и одржување на здрава кожа.
* Ваши трикови за брз, но ефектен изглед .
- Имам секогаш едноставни парчиња кои ќе можам лесно да ги комбинирам - кошули, еднобојни мајци на куси/долги ракави, кожени палта, сакоа, фармерки и панталони. Со едноставни, класични, а впечатливи парчиња не можете дс згрешите. Добри патики, ташна и капа се секогаш добар додаток кој го прават целокупниот изглед многу повпечатлив.
*Д.Караташова Илиоска